1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Горивата поевтинуваат, другите цени не!

Костадин Делимитов 19 декември 2014

Падот на цените на бензините ги израдува стопанствениците, но не ги мотивира да реагираат, за разлика од на пример кога нафтата поскапува. Дел од бизнисмените сметаат дека нема реални услови за намалување на цените.

https://p.dw.com/p/1E7HJ
Фотографија: picture alliance/dpa

Драстичниот пад на цените на нафтените деривати не провоцира намалувања и кај основните производи. Цените остануваат стабилни и покрај тоа што веќе три месеци горивата во континуитет поевтинуваат. Споредено со истиот период лани возењето на бензин или нафта е поевтино до 20%, односно на ниво од почетокот на 2010 година. Сепак освен кога полнат гориво на бензинските станици граѓаните засега не чувствуваат дополнителни олеснувања во домашниот буџет. Цените на јавниот превоз и храната засега се непроменети и најверојатно ќе остане така и покрај очекувањата или најавите за најмалку уште еден бран поевтинувања на бензините како последица на глобалните случувања со суровата нафта.

„Нафтата поевтини да, супер, но за мене што не возам тоа засега не ми значи ништо. Па не пијам нафта за да се радувам, треба да поевтини се` друго. Кога поскапуваат бензините тогаш фирмите регираат одма ама за нивниот џеб, а сега да пуштат барем пред празнициве да се порадува народот ги нема никаде“, реагира еден граѓанин.

Дел од бизнисмените што ги анкетираше Дојче веле сметаат дека во моментов нема реални услови за драстично намалување на цените на основните производи.

„Последната цена на превозот е формирана поодамна ако не се лажам уште кога цената на дизелот беше околу 48 денари. Оттогаш веќе пет години цената на превозот остана иста, 25 денари, иако нафтата во меѓувреме поскапе рекордно. Во тој период не реагиравме и во меѓувреме бевме соочени со огромни загуби. Во нашата дејност во вкупните трошоци не влегува само дизелот туку и резервните делови, маслата, гуми, кои на одреден начин се производи што зависат директно од нафтата. Самото покачување на нафтата ја поскапуваше и транспортната цена за овие резерни делови, но и производствената цена. Така што одговорно тврдам дека во одреден период работевме и со загуба. Затоа сега не размислуваме за намалување на цената, што не значи дека нема да се случи доколку дојде до драстичен пад бензините во наредниот период. Тоа секако дека ќе се разгледа како можност“, коментира за Дојче веле Кемал Муриќ од здружението на приватни автобуски превозници „Слобода превоз“.

Symbolbild Tankstelle
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дел од стопанствениците не очекуваат намалувања на цените со оглед дека електричната енергија во најголем дел е главен енергенс во производствениот процес.

„Кај нас во пекарската индустрија цената на нафтата нема влијание како на пример во транспортната индустрија. Најголем дел од производствените трошоци се во делот на струјата околу 70%, а нафтата е само дваесетина отсто и тоа главно во делот на транспортот. Кога ќе се види дека струјата ни е основна, тогаш ова што се случува со бензините нема значително влијание врз нашето производство. За нас, а верувам дека и за другите фирми од нашиот бизнис доминантно влијае цената на струјата. Тука се и брашното и пченицата кои имаат доминантен удел во цената“, смета Горан Ѓоргиевски сопственик на „Специјал“.

Реално или не, оправдано или неоправдано, сеедно. И експертите не се оптимисти дека барем засега ќе има позначајни поместувања на пазарот.

„Економската логика е дека во оние сегменти каде нафтата има значаен удел треба или барем е реално да се очекува да има ценовни поместувања. Е сега кој како ќе реагира, тоа сепак го диктира пазарот. Но мора да се има во предвид дека нафтата е само еден ценовен сегмент. Се разбира дека за граѓаните е најважно животните трошоци да бидат пониски. Периодов веројатно ќе има одредени акции, понуди, попусти но главно поради празниците. За понатаму ќе видиме“, коментира за Дојче веле универзитетски професор.

Регулаторната комисија за енергетика со последната одлука ја намали малопродажната цена на бензините во просек за 7,6% иако на светските берзи попевтинувањето беше речиси за 13%. Ваквиот тренд кај нас се правда со повисоката вредност на доларот во однос на денарот. Очекувањата или прогнозите се дека бензините веројатно ќе продолжат да поевтинуваат како резултат на случувањата на светските пазари. Горивата беа рекордно скапи во април 2012 година, кога бензинот достигна цена од 90,5 денари за литар.