1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големото бегство

Александер Кудашеф / превод: ЕМФ27 април 2015

Илјадници бегалци секојдневно се обидуваат да стигнат во Европа. Нивната надеж за нов живот е поголема од стравот од патувањето. ДВ информира за причините, патиштата за бегство и бегалските судбини.

https://p.dw.com/p/1FFiE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Montanalampo

Во Европа доаѓаат бегалци. Причините се различни: сиромаштија, често огромна сиромаштија, немање образование, ниту шанса за работа, диктактури, деспоти, измачување, прогон, експлоатација, граѓански војни, војни, честопати и држави кои се распаѓаат, во кои владеат банди.

Огромната нужда, безизлезноста е тоа што ги тера луѓето да бегаат, да бараат нов живот во туѓина, да се надеваат на малку среќа. Луѓето доаѓаат од Еритреја, Сомалија, Либија, Сирија, Ирак, Авганистан и од многу други земји, а за миграциите во рамките на кризните региони и да не зборуваме.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф, главен уредник на ДВ

Циничен бизнис

Според проценките, во движење се околу 50 милиони бегалци. Нивната одисеја е опасна по живот, честопати завршува со смрт. Зашто тие не тргнуваат сами на пат, во бегство. Тие се надеваат дека во земјата на нивните надежи ќе ги однесат шверцерски банди, честопати преку заплеткани патишта, како од Сирија преку Турција во Алжир, а оттука преку пустината до Либија и потоа со брод на континентот на надежта - Европа. Доколку притоа не бидат оставени на цедило од екипажот на бродот и не се удават. Оваа модерна трговија со робови одамна е бизнис тежок милијарди, бизнис кој е брутален и циничен.

Бегалците доаѓаат, се сместуваат во прифатилишта, понекогаш добиваат медицинска нега и честопати за кратко време се повторно протерани. Или пак исчезнуваат во илегалност и се обидуваат со илегални работи кои често се недостојни да се одржат во живот и дури и да ги исхрануваат своите семејства.

Grenze Iran Afghanistan afghanische Flüchtlinge Abschiebung
Бегалците во Европа доаѓаат и преку копноФотографија: picture-alliance/Ton Koene

Некои наидуваат на помош и поддршка од сопствената фамилија, други добиваат помош од граѓани кои тоа го прават доброволно. Трети пак добиваат помош од државите кои им ги одобруваат барањата за азил. А многу, многу од нив мора да се вратат назад во сиромаштијата и безнадежноста од кои побегнале.

Мали победи и големи порази

ДВ се занимава со бегалското движење - од тргнувањето на пат преку самото бегство се‘ до пристигнувањето во Европа. Сакаме да портретираме земји од каде луѓето бегаат, да го прикажеме маршот опасен по живот кој често завршува со смрт. И сакаме да го опишеме она што ги очекува бегалците или барателите на азил овде, во Германија и Европа.

Ја прикажуваме стварноста, надежите и разочарувањата, малите победи и големите порази, луѓето, но и политичката беспомошност. Зашто примањето бегалци, пружањето помош кога се во нужда на отворено море е хумана обврска која се подразбира сама по себе. Но, исто така се знае дека не може да дојдат сите кои тоа го сакаат. Правото на азил е свето право, но тоа во стварноста се пренапрегнува.

За стотиците илјади луѓе на бреговите на Северна Африка, меѓутоа, важно е само едно - наредниот брод за Европа. За нив е важно да стигнат, да го преживеат патот преку море.