1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема или мала Британија?

Бернд Ригерт / Елизабета М. Фиданоска18 септември 2014

Шкотланѓаните денеска (18.09) одлучуваат за отцепување од Велика Британија. Противниците на самостојноста, како што покажуваат анкетите, се во тесно водство. Изненадувања не се исклучени.

https://p.dw.com/p/1DEvo
Фотографија: Reuters/Paul Hackett

Џон Патерсон се смета себеси за вистински Шкотланѓанец - крупен човек со килт, чорапи до колена, гајда. Кога пред Единбуршкиот замок свири типични шкотски песни, луѓето застануваат и му аплаудираат. Џон Патерсон постојано одговара на новинарски прашања околу шкотската независност. „Се чувствува голема напрегнатост“, оценува тој. Притоа самиот воопшто нема јасен став околу независноста на Шкотска. Да гласа не смее и онака, со оглед на тоа што доаѓа од Нов Зеланд, значи воопшто и не е Шкотланѓанец. Неговиот татко имал некои предци од Шкотска. Тешко е да се каже кој е вистински Шкотланѓанец, а кој не е, вели тој со насмевка. „Има само два типа луѓе - Шкотланѓани и оние кои тоа би сакале да бидат.“

John Patterson
Џон ПатерсонФотографија: DW/Bernd Riegert

Одри Пејнсарнот заедно со сопругот и четирите деца во Единбург допатувала дури од Канада за на минувачите да им дели проспекти и налепници со големото „НЕ“. И таа не може да гласа. „Мојот сопруг има шкотски корени. Зата се решивме да придонесеме колку што можеме. Дојдовме со нашите четири деца за да помогнеме. Сакаме да ги убедиме луѓето барем да гласаат, сеедно за што.“ Таа меѓутоа се надева дека Унијата ќе опстои. Во Канада има слични проблеми со сепаратистите во Квебек.

Audry Sainsarnualt und Abigayle Sainsarnualt
Одри ПејнсарнотФотографија: DW/Bernd Riegert

Со оглед на тоа што воопшто не е лесно да се каже кој е Шкотланѓанец, а кој не, Алекс Салмонд, прв човек на шкотската влада и шеф на шкотската Национална партија, излезе со сосема едноставна дефиниција - оној што живее во Шкотска е Шктоланѓанец и смее да одлучува по прашањето на останување или отцепување.

Односот на силите на застапниците за отцепување и оние кои се за останување во Обединетото Крелство, според последните три истражувања на јавното мислење, покажува дека во благо водство се противниците на независноста - 52 наспроти 48 проценти. Сепак, истражувачите на јавното мислење не се сигурни каква улога ќе играат околу осум проценти неопределени гласачи.

Бен Вокер, бизнисмен од Лондон, кој се гледа себеси како Шкотланѓанец, е за останување во Унијата со Англија, Велс и Северна Ирска. Тој жали што како и 800.000 други Шкотланѓани кои не живеат во Шкотска, нема право да гласа. Патетичните повици да се земе судбината во свои раце, што стигнуваа од двата табора пред денешниот референдум, според Вокер, се претерани: „Јас сум Шкотланѓанец и овде одев на училиште. Имам големи чувства за својата земја, но ако го слушам разумот, знам дека тоа едноставно не можеме да си го дозволиме.“ Вокер нагласува дека економските последици за Шкотска би биле огромни. „Скокаме во понор. Ќе ни биде многу полошо. Зошто да се расипе една сосема успешна држава? Велика Британија не е перфектна, ги има само истите проблеми како многу други демократски држави, како Франција или Германија. Независноста и подивеаниот национализам нема да ги решат тие проблеми.“

Ben Walker
Бен ВокерФотографија: DW/Bernd Riegert

Во канцелариите од каде што се управува со кампањата за отцепување, на работите се гледа поинаку. Менаџерката на кампањата Рејчел Блер има сосема поинаков став. Шкотска со своите резерви на нафта и гас може како независна држава да има многу повисоки приходи, убедена е оваа студентка по социологија. „Во моментов во Лондон имаме влада од која луѓето овде се чувствуваат многу оддалечени. Потребна ни е влада која ќе им биде поблиска на луѓето. Овде имаме многу проблеми. Едно од пет деца расте во сиромаштија. Мора да ги контролираме сами сопствените ресурси за да можеме да помогнеме“, вели Рејчел Блер.

Rachel Blair
Рејчел БлерФотографија: DW/Bernd Riegert

Многу претприемачки здруженија предупредија на опасноста од отцепување. Синдикатите немаат единствен став. Британската кралица, која секогаш налето престојува во Шкотска, не излезе со официјален став. Но дури и кусата реченица на кралицата, дадена по една богослужба во близина на летната резиденција на Елизабета втора, предизвика дебата во земјата. Треба добро да се размисли какви последици има гласањето, рече кралицата. Едно е меѓутоа сигурно - кралицата ќе остане надлежна за Шкотска дури и во случај на отцепување. Од ваквата традиција не сакаат да се откажат дури ни најзагреаните националисти.

Избирачките места се затвораат вечерва во 23 часот по средноевропско време. Медиумите сметаат дека првичните резултати ќе бидат познати во раните утрински часови.