1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Геј парада за Брисел, воена парада за Путин

Б. Георгиевски17 октомври 2014

Прокламираниот антифашизам на Србија и Русија има многу малку заедничко со човековите права и демократијата, пишува германскиот печат по посетата на Владимир Путин на Белград

https://p.dw.com/p/1DWy4
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

„Барак Обама на 30 септември 2015 година ќе дојде во Франкфурт на прослава на Денот на германското обединување. Бидејќи календарот на американскиот претседател е преполн, Германија ќе ја организира прославата три дена порано. Вакво нешто е незамисливо? Не и во Србија“, пишува германскиот дневен весник „Велт“.

„На 20 октомври 1944 година титовите партизани и Црвената армија го ослободија Белград од нацистите. Но, 70-годишнината беше прославена во четвртокот на 16 октомври, бидејќи тоа мораше да се поклопи со календарот на Путин. Кусата посета траеше шест часа, а за почесниот гостин беше организирана воена парада каква што во Белград не е видена од времето на социјализмот. Дури и Слободан Милошевиќ се откажа од вакви претстави во главниот град на Србија“.

„Воената парада изгледаше како Тито да воскреснал, а потсетуваше на времето на Студената војна. Сепак, беше оддадена почит на антифашистичката борба во што нема ништо лошо. Но, постојат делови на српското и руското општество во кои доаѓа до приближување на национализмот и фашизмот. Рускиот писател Сергеј Лебедев тоа го опиша на следниот начин: 'Не е лош фашизмот, туку сѐ лошо е фашизам'. Бидејќи прокламираниот антифашизам во суштина има многу малку заедничко со човековите права и демократијата. 'Фашизмот' во овој дискурс е и хомосексуалноста, либерализмот, атеизмот и сето она 'лошо' што доаѓа од Западот“.

!Но, посетата на Путин не наиде на поголеми критики. Многу поголеми критики беа искажани пред три недели на една друга парада- Белградскиот геј прајд. Српскиот премиер Вучиќ сака сите подеднакво да ги усреќи- геј парада за Брисел, а воена парада за Москва“, заклучува „Велт“.

Putin in Belgrad 16.10.2014 Fans bei der Militärparade
Фотографија: AFP/Getty Images/Andrej Isakovic

Србија и „неврзаноста“

Австрискиот „Кронен цајтунг“ за посетата на Путин пишува: „За рускиот претседател, кој меѓу Србите е многу популарен, во Белград не само што беа приредени воени почести туку неговата посета беше поздравена и со црковни ѕвона. Дополнително беше почестен и со Орден на Република Србија како негов прв добитник“.

„Ноје Цирхер Цајтунг“ забележува дека Србија се обидува да ја игра улогата на поранешна Југославија во меѓународните односи.

„Претседателот на Србија, Томислав Николиќ доделувајќи му го орденот, Путин го ослови со 'Драг брате Владимир!' Тој изјави дека народот е горд што Путин го добива највисокиот српски орден. А Путин, иако малку постудено, вети натамошна помош во развојот на земјата и изградбата на економските врски. Тој исто така спомена дека и натаму нема намера да го признае Косово како независна држава. Но, посетата на Путин фрли светло и на не така едноставните односи меѓу Москва и Белград. Србија се обидува- како некогаш неврзаната Југославија- да балансира меѓу Русија од една и ЕУ и САД од друга страна“, пишува швајцарскиот весник.