1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добредојде, ама и задршки

Фолкер Вагенер/ СН6 март 2015

Германците се позрели во односот кон доселениците, покажува едно ново истражување. Но тоа не важи за сите делови на земјата. На истокот имено, резервираноста кон странците се’ уште е повеќе правило отколку исклучок.

https://p.dw.com/p/1Emdu
Фотографија: picture-alliance/dpa/Marcus Brandt

Отсекогаш доселувањето во Германија било тема за која не се зборува, тема која повеќе одговара за некоја класична доселеничка земја како САД. Но демографската реалност и потребата за стручна работна сила во последните години го промени тонот во расправата за доселување. Бројот на доселеници расте, а ако се суди според една нова студија на фондацијата „Бертелсман“, расте и позитивниот став кон доселениците. И, што е најважно, доселениците не се доживуваат повеќе како корисна работна сила, туку како полноправни членови на општеството. Согласно со слоганот на една класична (и успешна) доселеничка земја- Канада: „Кога зборуваме за доселување, не зборуваме само за работна сила, туку за граѓани“.

Демографските факти ја менуваат расправата

Дали Германија навистина станува земја со нешто што политичарите веќе со години го нарекуваат „култура на добредојде“? Дали поминаа оние години во кои доселувањето во расправите беше доживувано како проблем- кога се зборуваше за нешто што во земјата носи криминал, дополнително го оптоварува социјалниот систем и доведува до загуба на германскиот идентитет?

Vietnamesische Altenpflegerinnen für Deutschland 31.01.2014 München
Итно неопходни- негуватели/ки на стари лицаФотографија: imago/epd

Расположението навистина се промени. „Десет насто повеќе од испитаните граѓани на Германија отколку на последното испитување во 2012. година, на новите доселеници им посакуваат добредојде“, вели Франко Ѕота, шеф на тимот кој го спроведе истражувањето кое го нарача фондацијата „Бертелсман“. Тој смета дека оваа промена на расположението е поврзана со демографските фактори, односно со фактот дека германската поплулација старее и се намалува, како и се’ поакутниот недостаток на стручна работна сила. Во 2013. година околу половина милион странци се доселија во Германија со намера тука и да останат. Поголем прилив на доселеници бележи единствено традиционално доселеничката земја- САД. И не само на глобално, туку и на континентално ниво Германија е топ-цел. За мигрантите од кризно погодените земји од европскиот југ и југоисток, Германија е цел број еден.

Истокот скептичен, Западот отворен

Сепак, на овој нов бран доселеници сите во Германија не гледаат со воодушевување. Напротив, во подрачјата кои некогаш ја сочинуваа Германската Демократска Република, секој втор испитаник е против доселување. На западот на земјата истовремено една третина е против зголемување на бројот на странци.

Ѕота и неговата студија дојдоа до заклучок дека одбивноста кон странците на истокот на земјата е поврзана со фактот оти во тој дел од земјата, странци речиси и да нема, па и стравот од непознатото е поприсутен отколку на запад каде веќе повеќе од половина век се живее со „гастарбајтерите“. Притоа токму истокот на земјата, кого веќе со години во потрагата по подобар живот во насока кон запад го напушта главно младото и квалификувано население, е погоден од демографските промени и во иднина најмногу ќе зависи од целното доселување.

Deutschland Franko Zotta Bertelsmann Stiftung
Франко Ѕота од фондацијата БертелсманФотографија: Bertelsmann Stiftung

Како да се привлечат доселеници

Студијата исто така доаѓа до заклучок дека и државните институции мора да го променат својот став кон доселениците од кои досега исклучиво нешто се очекуваше. „На доселениците би требало да им се излезе пресрет, на пример заолеснето признавање на дипломите или олеснето добивање дозволи за престој за членовите на семејството“, покажува студијата. И најголемиот проблем на политичките струи во Германија, можноста за стекнување двојно државјанство, повторно би можел да се најде на дневен ред. Германија е на прагот на нов период во кој нема да недостасуваат интензивни распарави за зголемување на атрактивноста на Германија како доселеничка земја.