1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско-францускиот тандем се тетерави

Бернд Ригерт Превод А.Трајковска 30 август 2014

Прашањето, кој ќе биде новиот ЕУ комесар за монетарна политика ги оптоварува и онака затегнатите германско-француски односи. На самитот на ЕУ денеска би можело да дојде до скандал. Каде е излезот? Бернд Ригерт коментира.

https://p.dw.com/p/1D3BF
Фотографија: Lionel Bonaventure/AFP/Getty Images

Франција и Германија во однос на економската и трговска политика на Европската унија застапуваат спротивставени гледишта. Тоа не е ништио ново и не е никаква драма. Франција се залага за повисоки долгови, за да ја поттикне конјунктурата. Германија повеќе полага на порамнети буџети и структурни реформи. Социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел, откако Оланд стапи на должност, се натегаат околу вистинскиот курс. Тоа е макотрпно и не секогаш пријатно. Во политичкото секојдневие понекогаш доаѓа и силна критика. Оваа придружна музика е едноставно составен дел од тоа. Од ова не би требало да се конструира крај на германско-француското пријателство. Германско-францускиот тандем во Европа повеќепати имал дупнати или искривени тркала.

Оланд и Меркел не се сакаат, но досега се придвижуваа еден кон друг. Оланд најави реформи и вети намалување на дефицитот. Меркел повеќе зборува за поттикнување на порастот и на Франција и‘ овозможи повеќе време за намалување на дефицитот. Нападите врз наводно страшниот курс на штедење на германската влада од страна на социјалистите во Франција, но и од Италија и другите кризни земји на југот на Европа, досега не ја принудија канцеларката на промена на курсот. Владината криза во Франција меѓутоа сега придонесе да се заостри тонот. Очигледно францускиот претседател не е во состојба да го смири левото крило на неговата партија, брзо да ги спорведе економските реформи, да го санира буџетот и да ја држи под контрола силната десно популистичка сила, Националниот фронт. Претседателот е притиснат до ѕид.

Дали ќе дојде до скандал?

Сега кон ова се надополнува уште едно персонално прашање. Франција сака поранешниот министер за финансии Пјер Московиси да биде новиот ЕУ-комесар за монетарна политика. Тој би бил задолжен за стабилноста на заедничката валута еврото и надгледување на националните буџети. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле уште пред повеќе недели стави вето на тоа. Тој лично нема ништо против Московиси, но претставник на една кризна земја не може едноставно да биде именуван за главен надзорник над кризните држави.

Доколку претседателот на Франција Оланд не отстапи од желбата да го добие овој ресор во новата Комисија на ЕУ, ќе дојде до скандал со Германија и другите северни држави на еврото. Ако Оланд преговара, дома ќе го сметаат за крпа за бришење. Дилема!

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Германската влада на претстојните преговори во Брисел би требало да направи сѐ да не го заслабнува натамошно Оланд. Еден француски претседател кој не е способен да делува не може да биде од германски или европски интерес. Освен тоа, тогаш би можело навистина да настане вистинска непоправлива штета во германско-француската соработка, да настане пукнатина меѓу тандемот.

Централната улога на ЕЦБ

Каде е излезот? Канцеларката Меркел веќе се обиде да изгради мост за да избегне вистинска штета вон дневно-политичките критики. Таа сака шпанскиот министер за финансии Луис де Гиндос да биде шеф на Еврогрупата. На тој начин една јужна кризна земја би добила важна функција во финансискиот сектор. Франција би можела да се придвижи кон некој друг економски сектор, како внатрешниот пазар или трговија или пораст, а некој несомнителен северно-Европеец би го добил ресорот монетарна политика. Исто така и новата француска влада веќе испраќа сигнали. Новиот министер за финансии и индустрија ја тресе одредбата за 35-часовна недела. Со ваква реформа досега не се зафатил никој од неговите претходници. На крајот Франција и Германија ќе мора да постигнат компромис за пакет персонални решенија. Само на тој начин може да биде одбегната штета од тандемот, која вистински не ја посакуваат ниту Оланд, ниту Меркел.

Проблемите на ЕУ со економскиот пораст, дефицитите или со ниската стапка на инфлацијата краткорочно нема да можат да ги решат ниту Германија, ниту Франција, ниту Московиси, ниту Де Гиндос. Тука многу нешта зависат од еден Италијанец, од Марио Драги, шефот на Европската централна банка (ЕЦБ). Драги во наредниот период би можел да купи државни обврзници од кризните земји и да се обиде со монетарна политика да ја зголеми инфлацијата. Таму е насочено вниманието на пазарите. Германско-францускиот спор околу распределбата на фуункциите таму е споредна работа.