1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските туристи бараат повеќе од сонце и море

Андреа Јунг Грим/ Ивана Стојкова 17 септември 2014

Германците сѐ уште ја поврзувааат Хрватска со сонце и море, вели портпаролката на германскиот сојуз на туристички агенции. Но, таа предупредува дека тоа веќе не е доволно ако Хрватска сака да биде конкуретна.

https://p.dw.com/p/1DDXO
Фотографија: Nikolai Sorokin/Fotolia

ДВ: Лани во јули имаше поголем број на германски туристи во Хрватска, за разлика од истиот месец, годинава, така што се јави загриженост за туристичката сезона. Но, веќе во август состојбата се промени. Според вас, на што се должи сето ова?

Сибиле Цојх: Минатата година беше забележана посета на повеќе од два милиони германски туристи во Хрватска. Тој број во изминативе години постојано растеше. Ова лето, во јули пресудна улога одиграа временските прилики. На Северното и Балтичкото Море имавме исклучително убаво време, додека во Јужна Европа не беше така. Оваа година се одржа и Светското првенство во фудбал кое се протегна скоро до половината на јули. Многумина Германци, токму поради тоа останаа дома. Бидејќи Германија остана во натпреварувањта до самиот крај, многумина дури тогаш почнаа да го планираат орморот. Кога видоа дека во Хрватска, баш тогаш има невреме, се одлучија за други дестинации.

Друг фактор се и летните училишни одмори. Во Германија не почнуваат истовремено, туку се организирани на тој начин што во секоја одделна покраина учениците имаат одмор во различен период. Причината е избегнување на гужвата на автопатите, но и продолжување на сезоната на германските туристички професионалци. Комплетниот временски период, од првиот ден одмор во првата покраина па сѐ до последниот ден одмор во последната покраина, оваа година изнесуваше само 73 дена, што е екстремно кратко. Затоа и сезоната не траеше долго. Но, Хрватска и натаму е меѓу десетте омилени дестинации на германските туристи.

Активниот одмор- популарен кај Германците

Кои туристи ја одбираат Хрватска како место за одмор?

Има голем број на поединци кои патувањата си ги планираат сами, односно не одат преку туристички агенции. Има и голем број на љубители на природата, кои често пати патуваат спонтано. Тука се и оние кои преферираат море, сонце и плажи. Би било добро кога би имале и понуди од типот: од една страна сонце и море, а од друга активен одмор и некаде подалеку од крајбрежјето. На тој начин луѓето ќе бидат маѓепсани и од убавините на внатрешноста на земјата.

Како кокретно би требало да изгледат тие понуди?

Тоа се секако водените спортови, како сурфање, нуркање, едрење, возењето со кајак и слично. Но, тука се и оние туристи кои сакаат на пример да возат велосипед или да пешачат на долги патеки, а има и такви кои во прв ред сакаат културна понуда. За нив мора да се разработи посебна програма, која ќе одговара. Важна е и понудата за младите туристи. Тоа се луѓе кои ја запознаваат Хрватска, летувајќи во кампови за подоцна повторно да дојдат. Шпанија и Грција на пример, имаат такви постојани гости. Кога понудата би била разновидна, истата би привлекла поголем број на туристи. Ваквите понуди би можеле да се разработат со туроператорите, кои исто би можеле да се погрижат за дополнителното рекламирање на земјата. Ние ги анализиравме шансите и потенцијалите на Хрватска и дојдовме до заклучок дека многу Германци патуваат таму и со приватни аранжмани. Би било одлично кога туристичките агенции би имале поширока понуда за Хрватска за сите таргет групи, во смисол да нема само хотелски понуди со по три или четири ѕвездички, туку да се вложува и во полуксузни хотелски комплекси.

Sibylle Zeuch
Сибиле ЦојхФотографија: DRV

Што може Хрватска да научи од конкуренцијата?

Еден од главните туристички проблеми на Хрватска е прекратката сезона. Како да се продолжи сезоната?

Постојат земји кои им стојат на располагање на туристите подолго време, на пример и во зима. Тоа функционира на пример, во Турција и Тунис, бидејќи зимите таму се потопли отколку во Германија. Сезоната може да се продолжи и со збогатување на понудата на студентски патувања и посети на културните знаменитости. За оние кои сакаат пешачење или возење велосипед, подобро е одморот да го поминат на пролет или есен отколку на 30 степени целзиусови. Но, за тоа е потребна соодветна инфраструктура, да речеме разгранета мрежа на одбележани пешачки и велосипедски патеки, посебни места за одмор и ужинка по должината на патеката, доволен број на места за поправка на велосипед и така натаму.

Оваа година во Грција беше забележан рекорден број на туристи. Расте и бројот на германски туристи во Турција, а Шпанија е и натаму омилена дестинација за одмор. Што овие земји прават подобро во однос на Хрватска?

Во прашање се разновидноста, различните можности, студентските патувања како и многубројните понуди за активен одмор. Интересен е и примерот со Турција, која има голема понуда на „all inclusive“. Но тоа не може да се копира туку така. Ако имате мало место, со малку кафулиња и ресторани, тогаш секако дека со „all inclusive“ понудата им правите голема конкуренција. Затоа овие хотели се градат на места каде нема развиено инфраструктура. На многу места во Турција е така. Исто така, притоа, треба да се внимава да не се уништува природата. Во Грција, пак, постојат голем број на мали хотелчиња од различни категории. Тоа е таа широка понуда, која носи различни групи на туристи. Се разбира дека никогаш нема да може да бидат задоволени барањата на сите, па затоа треба понудите да се ограничат на специфизирани целни групи, за кои ќе се изработи квалитетна понуда.

Kajak in den USA
Многу гости бараат разнолика понудаФотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Сибиле Цојх е портпаролка на Германскиот сојуз на туристички агенции (Deutsche Reise Verband) од 2001 година. По завршувањето на студиите по германистика, во текот на 90-те години почна да работи во туристичкиот сектор.