1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските медиуми за украинскиот конфликт известуваат „црно-бело“?

Вера Керн / Елизабета М. Фиданоска16 април 2014

Еднострано? Површно? Во германските медиуми простор добиваат и оние кои покажуваат „разбирање за Русија“ и критичарите на Москва. Колку е тешко известувањето да остане неутрално?

https://p.dw.com/p/1BjaZ
Kiew Proteste 20.02.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

На почетокот медиумите пренесуваа класични револуционерни слики - мирни демонстранти во протестен камп кои со недели се бореа за подобра Украина. Оној кој ги следи вестите во Германија за кризата во Украина од нејзиното избивање минатата есен, независно кој медиум го следи, дознава дека тука се борат проевропски демонстранти кoи се борат против корумпираниот претседател Јанукович кој и‘ е верен на Русија. Медиумската поделба на „добро“ и „лошо“ се чини јасна.

Но конфликтот не може да се раскаже толку недвосмислено, ниту тогаш ниту денес. „Целото известување има печат на црно-бели позиции, во едната и во другата насока“, критикува Хано Кундерт, раководител на мрежата за известување од Источна Европа „n-ost“. Зашто, интересите во конфликтот во Украина од почетокот се замрсени. Во извештаите на дописниците од Украина, меѓутоа, одвај дека има нешто за комплексноста на целата ситуација. Репортерите испратени во Киев во прво време го опишуваат протестното движење како „проевропско“. Ретко кој од новинарите го напушта Мајдан за да создаде поопширна слика за состојбата во земјата. Многу претставници на западните медиуми се сместени во хотелот Украина, директно на плоштадот Мајдан. Таму се етаблира еден вид „Медиумски центар на опозицијата“.

Hanno Gundert Geschäftsführer von n-ost
Хано ГундертФотографија: Stefan Günther/n-ost

Шема исток-запад

„На протестите се гледаше како на протести на цивилното општество против еден лош владетел“, вели за ДВ Симон Вајс, политиколог од универзитетот во Хајделберг. Недиференцирано известување е забележливо пред се‘ во првата фаза од протестите, кога се следи шемата: „Овде е Запад, тоа таму е мрачниот владетел и мрачната Русија - напредок против корупцијата“. Германските медиуми, според Вајс, на почетокот имаа „слично гледање на работите“ во Украина како ставот на германската влада, имено - еднострано и неодмерено.

До ваков заклучок доаѓа и магазинот за медиуми „Цап“ на Норддојче Рундфунк. Во него се анализираат вестите на јавниот германски сервис АРД и тоа по една недела во ноември, јануари и февруари. Резултатот гласи: речиси 80 проценти од партнерите за интервју биле противници на владата во Украина. Омилен партнер за разговор е поранешниот светски првак во бокс Виталиј Кличко, кој е стилизиран во еден вид галионска фигура. Притоа, тој е еден од повеќето лидери на опозицијата. Дали со тоа е заземена страна? Кај многумина читатели и гледачи се создава таков впечаток, вели во разговорот за Дојче Веле, Симон Вајс.

Ukraine Proteste in Kiew 23.01.2014 Klitschko
Виталиј Кличко беше стилизиран во галионска фигураФотографија: Reuters

Со развојот на кризата се менуваат и сликите и вестите. Откако ситуацијата на Мајдан ескалираше на крајот на февруари и откако беше соборена владата на Јанукович, одеднаш во извештаите исплива името „Свобода“. Тоа е онаа деснопопулистичка партија, која во меѓувреме е дел од преодната влада. Сега тонот во германските медиуми е поинаков - ако знамињата на контроверзната партија Свобода претходно се вееја на снимките, но тоа не беше проследено со коментар, сега целото внимание е насочено кон таквите знамиња.

„Ваквиот про-Мајдан дискурс тогаш беше прекинат и се пренесуваа повеќе критички тонови“, вели политикологот Симон Вајс. Доказ за тоа дека известувачите конечно почнаа да гледаат попрецизно? Раководителот на „n-ost“ Хано Гундерт останува скептичен: „Десните беа премногу застапени и со тоа го дискредитираа целото движење“, вели тој. Зашто тогаш во фокусот на медиумите се наметнува друг актер - Русија. На рускиот претседател веројатно добро му дошло распрснувањето на митот за опозицијата.

Putin Rede FSB 07.04.2014 Moskau
Дел од медиумите покажуваат разбирање за него, други го критикуваат - рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Reuters/Mikhail Klimetyev/RIA Novosti

За или против Русија? Откако Путин го анектираше Крим, во конфликтот околу Украина се‘ се врти претежно околу Русија. Колку подлабока станува кризата, толку поперсонализирано станува известувањето. Така, на пример, магазинот „Шпигел“ на 10.03.2014 излезе со наслов: „Потпалувач - кој ќе го запре Путин?“ Во многу извештаи Путин е претставен како брутален и бескрупулозен.

Оние што имаат разбирање за Русија против критичарите на Москва

Путин против Европа и Америка, Исток против Запад - тоа е реторика од времето на Студената војна. Но во медиумите не се шири само таква реторика. „Воочливо е дека оние кои имаат разбирање за Русија и оние кои ја критикуваат Русија се обвинуваат меѓусебно за неодмереност“, оценува Гундерт. Едни во Путин гледаат виновник сам по себе. Други бараат да се има повеќе размирање за руските чувствителности. Гундерт го критикува делумно нерефлектираното преземање аргументи на руската пропаганда, како на пример дека НАТО ветил оти нема да ги проширува своите граници.

И сега, во време кога конфликтот во источна Украина се заострува, се покажува дека во известувањето има само малку „меѓутонови“. Во компликувана состојба не секогаш е можно недвосмислено именување на фактите. Не секогаш може јасно да се каже - ова е извештај на „Russia Today“, официјален медиум на Кремљ на англиски јазик и како таков не е доверлив извор на информации за западните медиуми. На пример, вториот германски канал ЗДФ беше обвинет од страна на левоориентираниот неделник „Петок“ дека се служел со информации на една украинска ПР-агенција, која организира прес-конференции на преодната влада во Киев. ЗДФ тоа го отфрли како неосновано.

При сета загриженост за европската безбедносна архитектура, германските известувачи не смеат да заборават едно: „Се водат дискусии во кои Украина е запоставена“, критикува експертот за Источна Европа, Гундерт. Поради сета врева околу Русија, Украина е оставена на маргините.