1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот извоз на оружје пред Уставен суд

Нина Веркхојзер/ ард/ А.Трајковска 21 октомври 2014

Зелените од германската влада бараат поголема транспарентност при извозот на оружје, пред сѐ во однос на парламентот. Затоа тие излегоа пред германскиот Уставен суд. Но судот одлучи - сѐ останува по старо!

https://p.dw.com/p/1DZ6T
Фотографија: picture-alliance/dpa/Uli Deck

Германската влада не мора претходно да го информира Бундестагот за можен извоз на оружје, одлучи Уставниот суд во Карлсруе. Парламентот нема толкави права за добивање информации, аргументираа судиите. Дури откако ќе заврши постапката за одобрување на извозот на оружје, пратениците имаат право на информација. Владата не мора да ја образложува својата одлука.

Случајот за кои тужеа Зелените

6. јули 2011 година, седница за прашања во Бундестагот. Опозицијата е вознемирена. Преку весник пратениците дознаа дека 200 германски оклопни возила треба да бидат продадени во Саудиска Арабија. Оваа огромна зделка со оружје сојузната влада во принцип веќе ја одобрила, пишуваше во медиумите. Она за што новинарите очигледно знаеја, парламентарците немаа никакви сознанија.

Само неколку недели претходно Саудиска Арабија испрати тенкови во соседната држава Бахреин, со цел задушување на тамошното демократско движење. Оттука можната продажба на Леопард тенкови на Саудиска Арабија опозицијата ја оцени како тешка надворешнополитичка грешка, трговија која не е во согласност со германскиот правилник за извоз на оружје. Пратениците од редовите на Зелените и Левицата револтирано бараа информации од тогашната влада составена од ЦДУ/ЦСУ и либералите.

Владата меѓутоа го избегна одговорот. И покрај упорното барање, опозицијата не доби информација дали договорот за тенковите со Саудиска Арабија е веќе завршена работа или не. На прашањата најчесто се одговараше со општи реченици и флоскули. „Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам дека воопшто има некаква одлука“, рече еден државен секретар во Министерството за економија.

Сите одлуки за извозот на оружје подлежат на одредбата за држење тајност, беше тонот на репликите, и тоа пратенциите од редовите на Зелените - Ханс-Кристијан Штребеле, Катја Којл и Клаудија Рот го отсликаа во нивната тужба. На 29. јули 2011 година тие поднесоа тужба пред германскиот Уставен суд. Според нив, противуставно е Бундестагот да се исклучи од секаква информација за планираната трговија со оружје. Со тоа Парламентот не може да ја исполни својата задача за контрола на владата, која е утврдена во Уставот, сметаат тужителите.

Montage Kampfpanzer Leopard
Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Советувањата се доверливи, резултатите не

Според уставот, германските фирми за вооружување не смеат едноставно да продаваат оружје во странство, тие прво мораат да добијат дозвола од владата - овој механизам е воведен поради страшните искуства од Втората светска војна. Владата, од своја страна, одлуката за извозот на оружје ја делегира на Сојузниот совет за безбедност, во кој, покрај канцеларката, членуваат повеќемина министри, меѓу кои и министрите за стопанство, надворешни работи и одбрана.

Ова тело, според одредбите, заседава тајно, така што нанадвор не стигнуваат никакви информации за дневниот ред и текот на советувањата. Тужителите аргументираа дека држењето на тајност не би можело да важи за резултатот од советувањата, оти тоа би значело дека Парламентот не би можел да заземе став за чувствителната продажба на оружје.

Купувачи со грешка

Ханс-Кристијан Штребеле и неговите колеги се сомневаа дека молчењето на сојузната влада е поврзано со земјата која го прима оружјето, со „режимот на шеиците во Саудиска Арабија, кој ги угнетува граѓанските права, не дозволува демократија и систематски ги повредува човековите права“, како што се вели во тужбата. Испорака на оружје во вакви земји во принцип не е можна, со исклучок доколку има „посебни надворешно и безбедносно-политички интереси“. Токму такви интереси стави во оптек германската влада во јули 2011 година. Саудиска Арабија била „стабилизирачки фактор во регионот и важен партнер на Германија“. Земјата помагала во борбата против тероризмот, аргументираше владата во Берлин.

Први чекори за поголема транспарентност?

Уште пред пресудата на германскиот Уставен суд актуелната германска влада (ЦДУ/ЦСУ и СПД) малку го подотвори превезот на тајноста. Таа извештајот за извоз на оружје ќе го објавува побрзо и што е новина - двапати годишно. Од неодамна таа го информира Парламентот две недели подоцна за одлуките во Сојузниот совет на безбедност. Но не за сите, забележува Катја Којл, една од тужителките. Тоа, според нејзе, е „привидна транспарентност“. Пред сѐ за некои одлуки (позитивни или негативни), на Сојузниот совет за безбедност, кои по правило години подоцна се сметаат за обврзувачки, Парламентот не дознава ништо.