1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски геј активист претепан и тешко повреден во Белград

Дијана Рошчиќ / Александар Методијев14 септември 2014

Германец, кој учествувал на конференција во Белград за права на ЛГБТ, беше претепан во српската престолнина. По операцијата, состојбата на германскиот државјанин Д.Х. (27) е стабилна, а полицијата ги уапси напаѓачите.

https://p.dw.com/p/1DC01
Фотографија: Getty Images/A. Isakovic

„Со брза и ефикасна акција на полицијата се уапсени сите тројца напаѓачи на германскиот државјанин Д.Х, роден во 1987 година“, се наведува во соопштението од српското Министерство за внатрешни работи. Полицијата продолжува со работата за утврдување на сите околности на овој немил настан.

Германскиот државјанин, кој во Белград учествувал на меѓународна конференција за правата на ЛГБТ заедницата, е претепан во ноќта меѓу петокот и саботата (12/13.09), нешто по три часот. Кај него се констатирани тешки повреди на мозокот, па итно е опериран во белградскиот Ургентен центар.

Министрите за внатрешни работи и за здравство, Небојша Стефановиќ и Златибор Лончар, вчера во Клиничкиот центар го посетија повредениот. Министерот Стефановиќ повтори дека вакви напади не смеат да се случуваат, бидејќи и’ наштетуваат на Србија.

Anti-Gay Graffiti im Zentrum von Belgrad
Графит против геј парадаФотографија: DW/I. Petrovic

„Луѓето, кои ова го направија, не се свесни колкава штета му нанесоа на имиџот на земјата и каква лоша порака испратија“, рече Стефановиќ. Тој порача дека ваквите напади нема да се толерираат и дека полицијата нема да остане нема.

Министерот за здравство Златибор Лончар наведе дека пациентот е опериран поради тешките повреди на главата, но дека неговата здравствена состојба сега е подобра, а виталните параметри се стабилни. Тој апелираше ваквите случувања да не се повторуваат, бидејќи Белград е српски космополитски град.

„Имаме многу проблеми за да се занимаваме со ова и да трошиме сила на вакви работи кои не му одговараат на Белград, не и’ одговараат на Србија“, рече Лончар.

Во посета беше и германскиот амбасадор Хајц Вилхелм, кој изјави дека е шокиран од она што се случи и дека се надева на брзо заздравување на гостинот во Белград. Тој му се заблагодари на персоналот во болницата, кој на германскиот државјанин му дава одличен третман, но и на министерот за внатрешни работи, кој реагирал веднаш.

Serbien Belgrad Proteste gegen Homosexuelle
Насилство на парадата во 2010 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Комитетот на правници“ реагираше

„Комитетот на правници за човекови права и демократија“ веднаш побара од државните органи да ги пронајдат и казнат лицата кои извршиле насилство врз германскиот државјанин. Тие бараат од полицијата и Обвинителството да ги откријат и да и’ ги соопштат на јавноста мотивите за нападот, за да се утврди дали станува збор за омраза.

Се бара и овој настан да не се користи како потврда дека одредени права, како она за слобода на собирање, не можат да бидат гарантирани. „Комитетот на правници“ побара од медиумите објективно да известуваат, да укажат на мотивите и да ги осудат, а не за чинот да известуваат на ниво на жолт печат.

Осуда дојде и од неколку партии, организации и поединци. Невладината организација „Лабрис“ вчера организираше протестна поворка поради нападот врз германскиот државјанин.

Амнести интернешнал“: Мрачна опомена

Нападот на Германецот во Белград на 10 дена пред закажаната Парада на гордоста е мрачна опомена за заканите и нападите со кои се соочуваат припадниците на ЛГБТ заедницата во Србија, соопшти денеска (14.09) меѓународната организација за заштита на човековите права „Амнести интернешнал“. Таа побара од српските власти да ги спречат идните напади, да спроведат брза и темелна истрага за нападот, како и да направат се’ за Парадата на гордоста да се одржи оваа година.

„Истрагата мора да утврди дали нападот е мотивиран од сексуалната ориентација и/или националноста на жртвата. Ако тоа се утврди, тогаш таквиот мотив треба соодветно да биде одразен во пресудата“, наведува „Амнести интернешнал“, додавајќи дека локалните организации и медиумите сугерирале оти нападот бил мотивиран од хомофобија и ксенофобија.

Logo der Menschenrechtsorganisation Amnesty International gegen Homophobie

Српската полиција мора да обезбеди оваа година Парадата на гордоста да се одржи „безбедно и видливо“, бидејќи минатите три години е откажувана поради „наводна грижа за безбедноста и очигледен недостиг на политичка волја“, наведува „Амнести интернешнал“.

Историја на напади

Инциденотот со германскиот држжавјанин не е уникатен во Србија и земјата има долга историја на насилство врз активистите за геј права од страна на крајно десничарски групи. Тоа е еден од сериозните предизвици за владата која сака членство во ЕУ и се залага за подобрување на заштитата на човековите права.

Геј парадата која се одржа во 2010 година резултираше со судири меѓу полицијата и ултранационалистите, во кои повредени беа повеќе од 100 лица. По овие судири властите ги забранија ваквите паради, поради загриженост дека учесниците може да бидат нападнати од десничарски екстремисти.