1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска помош за регионите погодени од ебола

Волфганг Дик/ А.Трајковска 20 септември 2014

Хуманитарните организации сакаат да им помогнат на заболените од ебола. Но тоа не е едноставно. Транспортот на хуманитарната помош е се‘ поскап, и истовремено се забележува одреден замор од донирањето.

https://p.dw.com/p/1DGFd
Фотографија: privat

Посета во хуманитарната организација за медицински материјали аction medeor (на насловната фотографија). Во еден магацин од 3000 метри квадратни во Тенисфорст во близина на Крефелд работниците на организацијата работат дополнителни смени. Од регалите високи четири метри земаат лекарства, мобилни резервоари за вода за во ранци, ракавици за една употреба, заштитни маски за уста и специјална заштитна облека за лекарите и негувателите, кои имаат директен контакт со пациентите заболени од ебола. Се пакува во брзо темпо. Здравствените станици во регионите погодени од ебола ги нарачуваат овие материјали, важни за преживување. Организацијата аction medeor директно соработува со партнерите на лице место. Меѓу нив се вбројува и Gerlib-Clinic во едно предградие на Монровија, раководена од Германката Маргрет Гиратс Нимане.

„Непоимливо е! На многу места недостасуваат дури и едноставни средства како гумени ракавици“, вели Кристоф Бонсман, кој како раководител и фармацевтски експерт ги надгледува испорачките на аction medeor и работата на партнерот I.S.A.R.

Целиот здравствен систем во земји како Либерија, Гвинеја и Сиера Леоне е целосно преоптоварен. Ебола- вирусот не се наоѓа само во крвта туку и во потта на инфицираните. „Само затоа што недостасуваа ракавици, се заразија многу лекари и негуватели и починаа“, појаснува Бонсман.

Christoph Bonsmann
Кристоф БонсманФотографија: privat

Исто така недостасуваат и изолациони станици, каде пациентите кај кои постои сомневање за заболување од ебола, веднаш мора да бидат сместени и со тоа да бидат одделени од другото население. „Штом ќе се препознаат симптоми како мачнина и висока температура, мора да се реагира.“ Епидемијата на ебола делува како лавина. Само еден заболен во просек заразува 15 други луѓе, од кои секој поединечен заразува натамошни 15 луѓе, доколку тоа не биде спречено. Бонсман со неговиот тим успеа да обезбеди финансирање на две карантин-станици со 44 кревети. Тие наредната недела треба да пристигнат во Либерија, да бидат подигнати во Монровија и до крајот на септември да бидат опремени со целосна техника и со тоа подготвени за употреба.

Умореност за донации и игнорантност

Постоеше можност испораката на две карантин-станици воопшто да не се реализира. Според зборовите на Бернд Пасторс од управниот одбор на аction medeor, и покрај молбата многу познати адреси и во Германија ја откажаа финансиската поддршка или воопшто не реагирале. Единствено фондацијата Елсе Кренер-Фрезениус конечно ги презеде трошоците за 460.000 евра скапата инвестиција.

„Со оглед на многуте актуелни кризи во светот, во Германија постои замор од донации“, вели Бернд Пасторс и се надева дека ќе дојде до промена со ветувањето на канцеларката за дополнителна помош за областите погодени од ебола. Главниот проблем не настанал поради колебливост на многу влади, туку на највисоко ниво. „Светската здравствена организација (СЗО) премногу доцна реагираше и погрешно ги процени многубројните предупредувања од Лекари без граници“, заклучуваат отрезнувачки Бернд Пасторс и Кристоф Бонсман. Тие не се единствените кои го делат ова мислење. Многу хуманитарни организации ја потврдуваат инерцијата на СЗО.

Bernd Pastors
Бернд ПасторсФотографија: privat

Борба против влошената ситуација

На работната маса на менаџерот на medeor Кристоф Бонсман се наоѓаат последните извештаи на Уницеф, кои јасно документираат драматични промени. Додека во извештајот бр.49 од крајот на август се оценува дека се потребни 6 милиони долари за медицинска грижа против еболата, во септември, само десет дена подоцна, веќе беа 75 милиони долари.

Хуманитарните организации до пред кратко време плаќаа два до три долари по килограм пратка, денес меѓутоа тоа чини десет долари. „За 8,5 тони хуманитарна пратка сега ни се потребни наместо 20.000 околу 70.000 долари“, се жали Кристоф Бонсман. Има само уште две авионски компании кои летаат во кризниот регион Либерија. Освен тоа хонорарите на хуманитарните работници во областите на ебола се удвоени, откако значително нарасна опасноста од зараза.

Ebola Schutzkleidung
Во борба против еболата е потребна заштитна облекаФотографија: privat

Трка со времето

Проблемите се множат со брзо темпо, и покрај работата на хуманитарните организации, меѓу нив и action medeor и други германски ограноци на хуманитарните организации, како на пример Лекари без граници или medicamondiale или Светската организација за помош на гладните. Тие, според една студија, сметаат на катастрофа со глад за Сиера Леоне. Постојано расте и бројот на болнички кревети потребни за нега на пациентите од ебола. Освен тоа многу луѓе кои стравуваат дека се заразени од ебола не одат во здравствените центри, бидејќи не сакаат наводно последните денови да ги минат изолирани од семејствата.

Други семејства се противат да ги прифатат нивните роднини од кризните области. Ако луѓето заразени од ебола не можат да бидат прифатени во центрите за третман, бидејќи нема место, луѓето умираат на улица и честопати таму лежат со денови. Кон ова се надополнува и тоа што ебола вирусот малку се менува со секое пренесување. Бонсман вели. „Мутацијата е во тек. Но ниеден медицинар не може да каже дали вирусот ќе стане поопасен“.