1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ уште без алтернатива за рускиот гас

Клаус Дојзе / Симе Недевски18 април 2014

Снабдувањето со енергија на Германија зависи 70 проценти од увоз на енергенси. Само Русија покрива една четвртина од енергетските потреби на Германија со извоз на гас, нафта и камен јаглен. Краткорочно за тоа нема замена

https://p.dw.com/p/1BkM4
Фотографија: Fotolia

Поради кризата во Украина, во Германија започна нова дискусија за енергијата, со оглед на тоа што Германија во голема мера зависи од нафтата и од гасот од Русија. Според пресметките на Работната група за енергетски биланс, стапката на увоз на енергенси во минатата година е зголемена и изнесува 71 процент. Најважен снабдувач со енергија е Русија: 38 проценти од увозот на природен гас, 35 проценти од вкупниот увоз на нафта и 25 проценти од увозот на јаглен доаѓа оттаму. Така што Русија задоволува повеќе од една четвртина од вкупните германски енергетски потреби. Соодветни алтернативи не се на повидок.

Само 15 проценти од потрошувачката на гас Германија може да ја покрие со сопствено производство. Голем дел од потребниот гас се увезува од Норвешка и од Холандија. Краткорочно во случај на потреба овие две земји би можеле да го зголемат извозот, но долгорочно, според зборовите на стручњаците, нивните резерви се ближат кон крајот.

Теоретски, како алтернатива доаѓа в предвид увоз на оладен течен гас во танкери, на пример од Алжир, Катар и од САД. Меѓутоа, во пристаништата на САД нема постројки за товарење на течен гас, а во Германија нема соодветни станици за истовар. Според тоа, на светскиот пазар е тешко на брзина да се набават поголеми количества течен гас, бидејќи Јапонија по нуклеарната катастрофа во Фукушима започна да увезува многу гас.

USA Fracking Öl-/Gasbohrung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фрекингот сѐ уште не е на дневен ред

Со оглед на новонастаната ситуација, повторно е актуелно производството на гас со методот наречен фрекинг - со коктел од вода и хемиски материи впумпани под огромен притисок, гасот се извлекува од големи длабочини во земја. Меѓутоа, оваа технологија носи со себе потенцијално голем ризик, предупредуваат еколозите. Само владата од германската покраина Долна Саксонија составена од Социјал-демократите и Зелените (т.н. црвено-зелена влада) ќе овозможи фракинг под одредени услови.

Меѓутоа, исто така црвено-зелената влада на покраината Северна Рајна Вестфалија засега се одлучи против фракинг, иако на длабочина до 4.000 метри се наоѓаат над 220 милијарди кубни метри метан - значително повеќе отколу резервите на конвенционален гас кои се проценуваат на околу 150 милијарди кубни метри. Со производна стапка од 12 милијарди кубни метри годишно, овие резерви ќе траат најмногу 15 години.

Кога би дозволила фрекинг, Северна Рајна Вестфалија би го удвоила овој период. Но, политички благослов за тоа не треба наскоро да се очекува. Покрај тоа, сојузната германска влада во Берлин во својот коалициски договор го отфрла фрекингот сѐ додека се користат токсични супстанци. Ако ништо не се промени, Германија за 15 години потполно ќе биде зависна од увоз на гас.

Gazprom Sitz in Moskau
Фотографија: Vasily Maximov/AFP/Getty Images

Влијание преку фирмите

Освен тоа, одамна е одлучено дека од 2018. година Германија нема да произведува камен јаглен. Германија веќе сега го увезува овој јаглен, 25 проценти од увозот е од Русија. Само во случај на лигнит, црн јаглен, Германија има резерви кои со сегашното темпо на производство би можеле да траат уште најмалку 200 години.

Германско-руските врски во областа на енергетиката не се засноваат само на зависноста на Германија од увозот од Русија. Рускиот државен концерн „Газпром“ и германскакомпанија „Винтершал“ пред неколку месеци договорија значајна размена на акции: „Газпром“ добива можност за складирање на гас во Германија, плус трговскиот капацитет на филијалите на „Винтершал“, додека оваа компанија добива дел од сибирските гасни полиња.

Покрај тоа, „Газпром“ и „Винтершал“ ја делат сопственоста во германскиот гасовод „Гаскаде“ долг околу 2.400 километри. Во Сојузното министерство за економија изгледа дека нема приговори на тоа што фактички германските резерви на гас за итни ситуации индиректно се под контрола на руската држава.