1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија профитира од доселувањето

Матијас Белингер/ Жана Ацеска28 ноември 2014

Нова студија покажа дека германскиот социјален систем бележи финансиски плус преку доселувањето, а истовремено загуби поради недоволната интеграција. Во посета кај еден успешен човек со мигранстко потекло.

https://p.dw.com/p/1DvgI
Фотографија: imago/Rolf Zöllner

Кога 14-годишниот Нихат Зоргец стигнал во Берлин, доживеал големо разочарување. Градот ни малку не личелна описите кои ги дале неговите родители. Тие го зеле кај себе откако завршил средно училиште во Турција. Сив град, темен еднособен стан во зафрлена куќа. Во него-црно-бел телевизор на кој имало прием само на два програма на странски јазик, ГДР1 и ГДР2. Дури месеци подоцна, откако малку поднаучил германски, Нихат разбрал дека телевизиската програма се емитува од друга држава.

Во станот во партер, со надворешен тоалет, во близина на Ѕидот, каде кириите биле најниски во поделениот град, не бил можен прием на западната телевизиска програма. Тоа било времето кога странците во Германија ги нарекувале гастарбајтери: луѓе кои стигнуваат во посета на неколку години работа. Нихат бил испратен да учи во одделение за странци. Интеграција не била предвидена.

„Брзо разбрав: ако овде сакаш да бидеш нешто, мора да бидеш подобар од просекот“, се присетува Нихат Зоргец. Тој започнал во библиотеката да учи германски преку детски книги, побарал од одделението за странци да биде преместен во германско одделение.

Доселувањето значи плус за социјалните каси

42 години подоцна, Нихат Зоргец уште по третата реченица го спушта соопштението за јавност што го држи в рака. Станува збор за студија на фондацијата Бертелсман, еден вид сметка за трошоците и користа од доселувањето. Реченицата која толку го лути, гласи: „6,6 милиони луѓе без германски пасош во 2012 година обезбедиле вишок од 22 милијарди евра во германските социјални каси“. Всушност, нималку лоша реченица за некој кој со години се бори за интеграција и прифаќање на доселениците. Дипломираниот машинец денес го води Образовниот центар Кројцберг, центар за стручна обука кој специјално се грижи за интеграцијатана младите со мигрантско потекло. Но, сепак: „Зошто се овде опфатени само оние кои немаат германски пасош? Јас, на пример, воопшто не сум опфатен со оваа студија“.

Зоргец повеќепати почнува дебати на оваа тема. Мнозинството студии како показател го земаат државјанството, а не мигрантското потекло. Значи, оној кој ќе добие германски пасош, а тоа најчесто се најуспешните доселеници, испаѓа од статистиката.

Малку изнервиран, но попомирлив, Нихат Зоргец ја става хартијата на масата откако дочита до крај.

„Сето ова е познато со години“, вели тој. Студијата, која фондацијата Бертелсман ја објави вчера (27.11.2014) во Берлин, ја побива широкораспространетата предрасуда според која доселувањето ги оптоварува социјалните фондови во Германија. Во тоа се убедени две третини од Германците, според анкета на истата фондација. Но во суштина, пресметува студијата на Бертелсман, секој странец во текот на својот живот уплаќа 3 илјади евра повеќе даноци и социјални давачки во Германија отколку што му се возвраќа.

Nihat Sorgec
Нихат Зоргец работува со младите мигрантиФотографија: picture alliance/dpa/Spata

Повеќе интеграција - повеќе пари во касите

Но, студијата може да се чита и поинаку. Уделот на невработени меѓу не-Германците е и натаму трипати поголем отколку кај Германците. Многу да се прави има првенствено кај образованието на доселениците од втората генерација. Околу 40 проценти од децата на странци успеваат да добијат повисоко образование отколку нивните, најчесто слабо квалификувани родители, но 60 проценти не го успеваат тоа. Ако младите генерации на странци бидат подобро интегрирани на пазарот на труд, негерманското население би можело четирипати повеќе да придонесе во јавните финансии.

Нихат Зоргец, момчето од зафрлената куќа во Берлин, во меѓувреме маж во педесетти години со костум и сина вратоврска, в понеделник како претставник на мигрантските здруженија ќе седи покрај канцеларката кога таа ќе ги претставува резултатите од самитот за интеграција. Тој еднаш имал прилика да се ракува и со Барак Обама, кога тој ги поканил на дијалог успешните муслимани од цел свет. Сега Зоргец седи во своето биро во Кројцберг, во витрината се редат неговите награди добиени за ангажманот за интеграција на младите луѓе.

Една од нив е Хатиџе. 22-годишната девојка седи на компјутер во образовната установа, сместена во стара фабричка зграда во Кројцберг, берлинскиот кварт. Еден инструктор и‘ ги објаснува црвено обележаните места во Ворт-документ. На планот денес е актуелизирање на документите за барање работа. Тренингот за конкурирање за работно место е дел од обуката. Хатиџе сака да стане хотелиер, како нејзиниот постар брат, кој учел во истата инстититуција и сега работи во еден берлински ексклузивен хотел.

Бабата и дедото на Хатиџе во Германија дошле како гастарбајтери. Татко и‘ дошол како дете, мајка и‘ во тинејџерска возраст. Нејзините родители посветувале големо внимание на образованието, раскажува Хатиџе.

„Моите родители беа многу строги во поглед на училиштето. Своевремно тоа ме нервираше, денес можам да ги разберам“. Друг брат на Хатиџе студира машинство, најмладиот тукушто завршил матура. Таа самата паднала на испитот по математика во средно училиште, со што нејзините планови да стане воспитувачка станале недостижни. Хатиџе почнала да работи, се обидела со практикантски места во различни професии, додека не стигнала до Образовниот центар. Пред неа има уште две години, а потоа доаѓаат завршните испити. Помалку се плаши однив, признава таа.

„Но, ја сакам мојата професија и мислам дека ќе напредувам“. Таа неодамна се вратила од практична работа во еден хотел во Турција. Таму и‘ се допаднало, но својата перспектива ја гледа во Германија.

„Јас сум Турчинка, но овде сум родена и овде сакам да работам“, вели Хатиџе.