1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Македонските медиуми под лупа!

Силвера Падори-Кленке23 април 2014

Германските невладини организации форум ЗФД и Репортери без граници под лупа го имаат изборниот период во Македонија и сметаат дека за слободно информирање е потребна европската поддршка и солидарност за медиумите

https://p.dw.com/p/1BnKg
Фотографија: DW/S.P. Klenke

Германската секција на Репортери без граници (РОГ) и форумотЗФД (Форум за граѓанска мировна служба) уште еднаш го свртеа вниманието на германската јавност кон состојбата со медиумите во Македонија. На три дена пред вториот круг на претседателските и првиот круг од предвремените парламентарни избори германските поборници на слободата на информирањето во Берлин, во дискусија пред германските новинари ги презентираа „состојбите на масовното влошување на слободата на медиумите од минатите години, кои Македонија ја потиснаа од 34 место во 2009-тата на 123 позиција во минатата година од 180 рангирани земји во светот“.

Критички забелешки

За предизборниот период и однесувањето на медиумите најпрво говореше гостинката од Скопје, новинарката Сашка Цветковска. Таа се задржа прво на извештајот на ОБСЕ кој во својот мониторинг констатирал неправилности за рамноправната презентација на кандидатите во медимите. Поточно, како пренесе Цветковска, кандидатот за претседател на владејачката партија добил 23 часови платен рекламен простор, за разлика на пример од 3-те часа на опозициониот кандидат, и нешто повеќе од 3 часа на претставниците на албанскиот електорат и на ГРОМ. Ваквата состојба наведува на констатацијата дека најверојатно и во 2014 ќе се повтори ситуацијата од локалните избори во 2013 - та година, кога медиумите биле меѓу петте најголеми донатори на владината партија .Забелешки има и претставничката од форум ЗФД која изборите ги следи заедно со македонската нввладина организација „Цивил“.

„Форум ЗФД е седум години присутен во Македонија. Како дел од програмата што ја финансира Сојузното министерство за економски развој и соработка, ангажманот е насочен кон мултиетничките односи и демократијата и секако долгорочно подобрување на независното новинарство. Тенденциите со состојбата на медиумите детално се следат. Медиумите и слободата на информирањето е еден од критериумите за почетокот на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ. Затоа овој домен треба особено да се набљудува, зашто иако многумина сметаат дека состојбата со Македонија е решена и расчистена, нашите видувања се малку поинакви“, вели за Дојче веле раководителот на македонската секција на форумЗФД Кирстен Шонефелд (на фотографијата) која има биро во Скопје.

Kirsten Schoenefeld, Projekt Managerin in Mazedonien
Фотографија: DW/S.P. Klenke

Потребна вистинска европска поддршка

Големото влијание на владејачката партија врз медиумите, самоцензурата, тешкиот опстанок на весниците кои се обидуваат да се оттргнат од влијанието на власта, згаснувањето на неколку телевизии и весници, подемот на други, црниот понеделник од декември 2012, случајот Кежаровски и влијанието на телевизијата и интернетот, беа само дел од темите за кои се проговори. претставничката на форумЗФД беше прашана: како може Европската унија и Германија конкретно да помогнат да се подобри слободата на информирањето во Македонија?

„Она што може да направи Европската унија за подобрување на состојбата со медиуми во Македонија би го дефинирала во две точки. Прво - во вистинска смисла на зборот треба да обезбеди поддршка на медиумите! Европската унија најчесто ги поддржува граѓанските проекти на невладините организации кои се однесуваат на медиумите. Во меѓувреме, меѓутоа, состојбата во Македонија толку е заострена што според мене треба директно да се поддржат (финансираат) нови интернет портали, списанија, весници. Втора работа е да се обезбеди солидарноста меѓу колегите, соработка меѓу граѓанското општество во Македонија и она во Германија. Од моја гледна точка како Германка во Македонија, мислам дека е ова е исклучително важно, зашто многумина не се осмелуваат да зборуваат, се плашат и им е неопходна нашата вистинска поддршка“, вели за ДВ Кирстен Шонефелд.

Новинарите се интересираа и кои се темите со кои партиите сакаат да ги привлечат гласачите? Станува ли збор за идеолошки прашања од нивните програми или, пак, се сконцентрирани на практичните проблеми: намалување на невработеноста, зголемување на социјалната сигурност или слично. Одговорот на Цветковска беше: „Меѓусебното напаѓање е суштината на кампањата. Критичките медиуми се само некои он-лај портали“.