1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Русија во битка за Балканот

Б. Георгиевски/дв17 ноември 2014

Германија е загрижена поради продорот на руско влијание на Балканот. Магазинот „Шпигел“ открива таен документ на владата во Берлин во кој се анализираат акциите на Москва во неколку балкански земји.

https://p.dw.com/p/1DocD
Фотографија: DW/I. Petrović

„Повторно во Студена војна“ е насловот на големата анализа во која неделникот „Шпигел“ ја анализира политиката на Русија кон Балканот и односите со Берлин.

„Берлин е алармиран поради сѐ поголемото влијание на Владимир Путин на Балканот. Но Путин никој не може да го сопре“, ја пренесува „Шпигел“ загриженоста на Германија поради влијанието на руската политика на Балканот.

„Владимир Путин сака да го спречи натамошното приближување на тој регион кон ЕУ“, заклучува неделникот пренесувајќи тајна анализа на германското министерство за надворешни работи која носи наслов „Влијанието на Русија во Србија“.

Магазинот констатира дека „во неколку години Русија, од аспект на Берлин, од тежок партнер стана противник“.

„Во доверливиот документ се опишани обидите на Москва потесно да го врзе Белград за Русија. А тоа не се постигнува само со тесна воена соработка и руски испораки на гас. Москва ја користи и јавната дипломатија со јасна пансловенска реторика и ужива голем углед меѓу Србите, меѓу останатото, и поради својот став кон Косово. Целта на Путин е на тој начин да изврши притисок врз балканските држави за и тие да се дистанцираат од членство во ЕУ, или во краен случај, како членки проруски да влијаат врз одлуките на ЕУ“.

„Истото важи и за Босна и Херцеговина. Впечаток е дека Русија се обидува преку Република Српска да влијае врз целата БиХ, рече министерот за стопанство Кристијан Шмит, кој неодамна беше на Балканот“.

Руската „мека“ моќ

„Шпигел“ цитира и стратешки документ на рускиот Совет за надворешна политика во кој се наведуваат приоритетите на „Руската стратегија на мека моќ“ на Балканот. „Во овој за Русија традиционално поврзан регион не смееме да се ограничуваме само на инвестиции во стопанството. Мораме да издвоиме средства за инфраструктурата, но и за луѓето, кои во Русија гледаат алтернативна светска сила“.

Merkel mit Purin Archiv Juni 2014
Владимир Путин и Ангела МеркелФотографија: AFP/Getty Images/S. Loeb

Во Србија, Русија веќе модернизира околу 350 километри железница, Лукоил располага со 79,5 проценти од локалните бензински станици во Белград, а Газпром има мнозинство во најголемата српска гасна компанија.

„Руските инвестиции повторно му дадоа перспектива на регионот кој беше тешко погоден од бомбардирањето на НАТО во 1999 година“, се наведува во анализата од Москва. Во Црна Гора, Русија е прва на листата на странски инвеститори, а една третина од фирмите им припаѓа на Руси.

Тој метод е успешен, продолжува „Шпигел“, потсетувајќи дека Србија го дочекала рускиот претседател со воена парада, а српскиот претседател Томислав Николиќ на гостинот му го додели и највисокиот орден на Србија. Следува цитат од доверливиот документ на германското министерство: „Сликите на тесната српско-руска поврзаност од наша перспектива се непримерен знак во момент кога Србија би требало да ја нагласи својата насоченост кон ЕУ“.

„Шпигел“ констатира дека на „германската влада не и‘ е лесно да и‘ контрира на руската офанзива“ и притоа го цитира државниот министер Михаел Рот кој вели: „Ние не можеме да се натпреваруваме во понудата и мораме постојано да им ставаме до знаење на балканските земји дека пристапувањето кон ЕУ е во нивен интерес“.

„И Ангела Меркел се обидува со дипломатски средства да ги запре настојувањата на Путин. На конференцијата за Балканот одржана кон крајот на август, таа ги убедуваше присутните шефови на влади да се држат до европскиот курс. Кога е неопходно, Меркел врши и притисок. Па така, откако Москва се обиде дипломатски да го зголеми значењето на Центарот за заштита од катастрофи кој Русите го изградија во Ниш, Меркел во телефонски разговор го предупреди српскиот премиер Александар Вучиќ да не го потпишува тој договор. Германците стравуваат дека зад тој Центар всушност се крие трајно присуство на руските тајни служби“.

Путиновиот обид да го зголеми влијанието не запира пред границите на ЕУ. Во Берлин владее и голема загриженост за Бугарија, каде Москва има големо влијание.

„Земјата е традиционално пријателски настроена кон Русија и речиси целосно зависна од рускиот гас и нафта. Според интерни документи на германското министерство за надворешни работи, околу 300 илјади Руси купиле недвижности во Бугарија. Стравувањата се дека Путин, доколку почувствува потреба за тоа, би можел да го инструментализира и ова руско малцинство. Стравот во Берлин и Брисел е голем дека во иднина бугарската влада почесто ќе се наоѓа под притисок на Русија особено во однос на заедничката надворешната политика на ЕУ“.

Осамениот Путин

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го коментира настапот на рускиот претседател Путин на самитот на Г20 во Бризбејн.

Militärparade in Belgrad 16.10.2014
Воена парада во чест на Путин во БелградФотографија: Reuters/Marko Djurica

„Изгледаше дека Путин во Бризбејн не беше ѕвездата од која другите сакаа да добијат автограм. Осаменоста и социјалниот презир како цена на неговите постапки кон Украина. Можеби го искористил долгиот лет до дома за да извлече биланс: во облакот од национализам - руското население го поддржува својот претседател и неговиот авторитарен стил на владеење. Но економијата оди удолу. За одржлив, квалитетен развој потребен му е Западот кој би бил подготвен на вистинско партнерство, но не под услови на перманентно кршење на меѓународното право во Европа“, пишува ФАЦ.

Инаку рускиот претседател Путин викендов даде интервју за германската државна телевизија, во кое случувањата во Украина ги спореди со преседанот на Косово, како пример во кој „меѓународните инстанци го дефинираат меѓународното право низ својата пракса“. На новинарското прашање дали мисли на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, според која Косово има право на самоопределување?; Путин одговори: „Токму така. Но не само тоа: тука се наведуваше она најважното, дека кога се работи за самоопределување, народот кој живее на одредена територија не е обврзан за тоа да ја прашува државата во која во моментот се наоѓа. Дозвола на централната влада за спроведување на мерките на самоопределување не е потребна. Тоа е најважно. На Крим не се случи ништо поинаку од она што се случи на Косово“, рече Путин.