1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е европски фудбалски првак до 19 години

ЕМФ/дпа/дв1 август 2014

Германскиот фудбалски репрезентативен подмладок во финалето во Будимпешта ја победи Португалија со 1:0.

https://p.dw.com/p/1CnL4
Фотографија: Ferenc Isza/AFP/Getty Images

Ова за младите фудбалери на Германија е прва победа на едно европско првенство од 2009 година, кога репрезентацијата до 21 година ја освои континенталната титула во јуниорската сфера. Победничкиот гол во Будимпешта го постигна Хани Мухтар во 39. минута.

„Горди сме на вас“, изјави по финалето првиот човек на Германскиот фудбалски сојуз Волфганг Нирсбах. И досегашниот асистент на селекторот Јоахим Лев, Ханзи Флик, кој ја презема функцијата на спортски директор, не штедеше на пофалби: „Се гледа какви таленти имаме во германскиот фудбал. Вакви моменти сакаме да доживуваме што е можно почесто.“

Архитект на успехот на невообичаената селекција е Маркус Зорг. Тренерот, кој важи за кандидат за асистентското тренерско место во германската репрезентација и име кое најмногу се врти како можен заменик на Јоахим Лев, ја презеде репрезентацијата на младите фудбалери само пред една година. Тој рече дека е „неверојатно среќен“ и дека титулата им останува на момчињата „за вечност“.

Освојувањето на европската титула на момчињата може да им послужи како одлична отскочна штица за натамошната кариера. Од трите победнички селекции на фудбалери под 19, 20 и 21 година, на досегашните европски првенства дури деветмина играчи сега во Бразил станаа светски прваци. Експертите проценуваат дека најголеми шанси за сјајна иднина имаат играчи како Брант (Леверкузен), Штендера, Зелке и Езтунали, но и фудбалери како Штарк (Нирнберг) и Кемпф (Фрајбург).