1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Геншер на балконот- германска политичка драма во три чина

Ф. Вагенер/Б. Георгиевски30 септември 2014

Слабо осветлување, лош квалитет на тонот, недовршени реченици. Некогаш и секунди можат да го променат текот на историјата. Еден од тие моменти е и емоционалниот говор на Ханс-Дитрих Геншер во Прага.

https://p.dw.com/p/1DNPx
Фотографија: ullstein bild-AP

Увертира

Во летото 1989 граѓаните на ГДР и‘ го вртат грбот на својата земја и бараат заштита во амбасадите на Сојузна Република Германија во Унгарија, Полска, Чехословачка и постојаното претставништво во источен Берлин. На почетокот се работи за неколкумина, потоа за стотина, на крајот за илјадници граѓани кои сакаат да побегнат од Источна во Западна Германија. Според интерпретацијата на Бон (тогашниот главен град на СРГ) тоа е легитимно барање бидејќи се работи за Германци. Во Унгарија, на власт се социјалисти отворени за реформи, државата се наоѓа пред економски банкрот. Владата во Будимпешта предлага промена на курсот со далекусежни последици: унгарско-австриската граница веќе не се надгледува толку ревносно.

На 11 септември луѓе ја минуваат некогаш непробојната Железна завеса. Унгарските граничари само им прават простор. Ерик Хонекер и неговата влада се ужаснати. Но чехословачките властодршци настапуваат според старите насоки. И за нив, како и за политичкото водство на ГДР, окупацијата на амбасадите е противзаконска. Консензусот во московска империја на моќта се распаѓа. Но, никој не насетува какви последици ќе имаат протестите започнати доцна во летото 1989. Освен можеби една личност: западногерманскиот министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер.

Flash-Galerie Botschaftsflüchtlinge Prag
Геншер во Прага во 1989 годинаФотографија: AP

Прв чин: Њујорк, 27 септември 1989

Генерално собрание на ОН. Идеална можност за шефот на германската дипломатија со своите колеги од СССР, ГДР и Чехословачка да поразговара за драматичната состојба во амбасадите на СРГ. Дури на 8 септември 117 граѓани на ГДР го напуштија постојаното претставништво на СРГ во Источен Берлин. Не добиваат ветување дека ќе добијат дозвола за излез од ГДР, туку само дека нема да бидат уапсени и дека можат да се вратат на своите работни места. Од тој момент постојаното претставништво на СРГ останува затворено. Последицата од тоа е се поголем притисок врз амбасадите во Варшава, Будимпешта и Прага. А ГДР од владата на Хелмут Кол не очекува ништо помалку од затворање и на тие амбасади за да им се испрати порака на потенцијалните бегалци. Геншер, кој како министер е надлежен за тие амбасади, категорично го одбива барањето. Наместо тоа, тој дава налог граѓаните на ГДР кои бараат азил во амбасадите на СРГ да се примат, сместат и згрижат. Во меѓувреме ги има илјадници.

На 27 септември, Геншер се состанува со својот источногермански колега Оскар Фишер. Му нуди два предлога. Варијанта еден: службениците на ГДР да им издадат дозволи на своите граѓани кои сакаат да ја напуштат земјата и да им удрат печати во амбасадите на СРГ во кои тие се наоѓаат. Варијанта два: тие со возови преку територијата на Источна Германија да бидат префрлени во Западна Германија. Фишер за тоа сака да го информира раководството на ГДР следниот викенд. Тоа за Геншер е предоцна.

1989 Botschaft Prag Massenflucht Zelte
Бегалски шатори пред германската амбасада во ПрагаФотографија: picture-alliance/dpa

Следниот ден, Геншер и Фишер повторно телефонски разговараат. Геншер во Њујорк разговара и со чехословачкиот министер за надворешни работи Јоханес, но тој одбива да даде било какво ветување. Истиот ден Геншер бара средба и со шефот на дипломатијата на СССР Едуард Шеварнадѕе. Овој го повикува во советската амбасада, но Геншер нема автомобил за да појде на средбата. На крајот го пренесува автомобил на њујоршката полиција со ротациони светла. Шеварнадѕе му ветува дека ќе помогне. Истата вечер Геншер добива поддршка и од американскиот и од францускиот колега- Бејкер и Дима.

На 30 септември Геншер и Рудолф Зајтерс, министерот за внатрешни работи, се информирани дека Источна Германија се одлучила за втората варијанта: железнички транспорт на граѓаните на ГДР кои сакаат да ја напуштат земјата. Геншер бара проминента придружба за бегалците. „Бегалците не ви веруваат“, му порачува тој на претставникот на Источна Германија во Бон, Хорст Нојбауер. Геншер и Зајтер сакаат лично да бидат во возот. Малку подоцна пристигнува и одобрените од ГДР. Кусо во пресрет на поаѓањето на Геншер и Зајтерс за Прага, ГДР делумно го повлекува одобрението. Напнатоста расте.

Втор чин: Палатата Лобковиц

По пристигнувањето во германската амбасада во Прага, Геншер повторно го контактира Нојбауер. Источен Берлин и натаму вели „не“. Во секој воз како придружба смеат да патуваат по двајца службеници на СРГ. Во 18 часот и 58 минути Геншер излегува на балконот на зградата на амбасадата и ја изговара веројатно најпознатата незавршена реченица во новата германска историја: „Драги сонародници, дојдовме тука да ви кажеме дека денеска вашето излегување од земјата...“ Крајот на реченицата исчезна во воодушевените извици на масата. Во 19:30 часот бегалците ја напуштаат палатата. Три минути претходно државната новинска агенција на ГДР, АДН го објавува соопштението на Министерството за надворешни работи: наложено е лицата кои илегално се наоѓаат во амбасадите на СРГ од хуманитарни причини да се депортираат од земјата. Во 20:50 часот, првиот воз со бегалци ја напушта Прага во правец на Дрезден. Уште четири воза ги следат во паузи од по два часа. Конечна цеч: пограничното место Хоф во Баварија.

Bildergalerie Mauerfall
Бегалците пристигнуваат во Хоф, БаваријаФотографија: picture-alliance/dpa

Трет чин: станицата во Хоф, перон број 8, 1. октомври

У 6 часот и 14 минути пристигнуваат првите 1.200 источногермански бегалци на станицата во Хоф, меѓу нив има голем број деца. Вкупно, тој ден во пограничното место пристигнуваат шест илјади луѓе- сите без пасоши. Службениците на ГДР им ги одземаат во возот. Ги дочекуваат маса новинари и хуманитарци. Неколку илјади граѓани на ГДР ја ставија својата држава на столбот на срамот. Шест недели подоцна падна и Ѕидот.

„Часовите минати во германската амбасада во Прага“, ќе се присети подоцна Ханс-Дитрих Геншер, „беа највозбудливите во мојот живот... на сите ни минуваа морници по телото“.