1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Газа - без вода, без струја, без надеж

Дијана Ходали / Елизабета М. Фиданоска22 август 2014

Војната во Газа продолжува со ист интензитет. Населението се подготвува за долга војна. Така е и со Раед Атамна и неговото семејство. Тие веќе трет пат остануваат без покрив над главата.

https://p.dw.com/p/1Cz3D
Фотографија: REUTERS

Раед Атамна со семејството веќе долго време не живее во свои четири ѕида. Непосредно по почетокот на офанзивата во Газа, овој новинар-слободен соработник, кој им помага на странските медиуми во истражувањето на нивните приказни, мораше да ја напушти куќата. „Нашата куќа во Беит Ханун е многу оштетена од бомбардирање. Нема врати, урнат е еден ѕид“, раскажува Раед на телефон. Вели дека веќе нема батерија. Во меѓувреме, струја има само по максимум 2 до 3 часа на ден. „Нема ни вода. Моите деца по цел ден ми зборуваат дека сакаат да се истушираат. Сеедно ми е што јадеме, но хигиенските и медицинските услови овде во Газа се катастрофални.“

Тој, сопругата и осумте деца, се поделени. Раед Атамна со трите постари синови живее во сместувалиште на УНРВА (Хуманитарна организација на ОН за палестински бегалци на Блиски Исток) во бегалскиот камп Џабалија, на север на Појасот Газа, заедно со отприлика 3000 други Палестинци. Трите душека кои си ги делат меѓусебе ги понесол од дома, исто како и рачен багаж. Спие главно во ходници или понекогаш во покриениот дел од дворот. Затворените простории им се препуштени на децата и жените, вели Атамна.

Raed al Athamna Screenshot HomeforRead Blog BITTE AUF DIE WEBSEITE BEZIEHEN
Раед Атамна -HomeforRead BlogФотографија: homeforraed.wordpress.com

Уништени надежи

Сопругата и трите ќерки нашле засолниште во истото место, во куќата на сестра му. Откако борбите продолжија, на 19 август, таму живеат околу 70 роднини и тоа во трисобен стан, вели Атамнах. „Никаде во Газа не се чувствуваш сигурно, сеедно каде живееш.“

Само во текот на вчерашниот ден (21.08) во израелските напади се убиени 19 Палестинци. Тројца команданти на бригадите Касам, кои се воено крило на Хамас, се исто така убиени. Вкупниот број на загинати Палестинци од почетокот на ескалацијата, на 8 јули, се зголеми на најмалку 2069. На израелска страна загинаа тројца цивили и 64 војници.

„Сметавме со тоа дека војната ќе продолжи. Всушност, знаевме дека израелската влада нема да им излезе пресрет на барањата на палестинското раководство“, вели Атамна. „Над 20 години, откако беше склучен мировниот договор во Осло, Израел нема направено ниту една отстапка во полза на Палестинците, ниту во времето на Арафат, ниту во времето на Абу Мазен (Махмуд Абас се нарекува и Абу Мазен, н.з.).“

Гласот на новинарот-слободен соработник е уморен. Тој ја има загубено надежта. Негова желба била меѓународната заедница да се заложи за поддршка на Палестинците во нивните барања за укинување на блокадата и за повеќе човекови права. Но од почетокот на кризата во Ирак, во Појасот Газа веќе не доаѓаат ниту многу новинари. Вниманието на светот сега е насочено во друг правец, вели тој. „Убиени се толку многу деца, зарем не е доволно?“, прашува Атамнах. „И ние имаме право да живееме достоинствено.“

Се очекува долга војна

Достоинство - тоа за него значи да смее да се движи слободно, да патува, да има вода, да не мора да гради куќа секои две до три години затоа што му била уништена во војна. „Хамас не постави којзнае какви услови. Тоа беа само работи на кои секој човек има право.“ Како да се најде средината, прашува тој. Разоружување на Хамас, онака како што тоа го бара израелската влада, според него, е исклучено.

Израел, според медиумски извештаи, има намера да мобилизира уште 10.000 резервисти за војната во Газа. Раед Атамна вели дека сите во Појасот Газа очекуваат „долга војна“. „Не знам само како тоа да им го објаснам на децата.“ Според проценките на организацијата „Save the Children“, над 370.000 деца во Газа имаат потреба од психосоцијална грижа за да можат да го обработат преживеаното.