1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Всушност, отсекогаш сакав да умрам како маченик“

Јенс Турау/ Жана Ацеска31 октомври 2014

Крешник Б. е првиот исламистички борец во Сирија кој е пред суд во Германија. Тој реши да даде исказ во надеж за поблага казна. Со своите непретпазливи изјави пред Вишиот покраински суд во Франкфурт, тој се заплетка.

https://p.dw.com/p/1Decu
Фотографија: Reuters/Ralph Orlowski

„Дали Ви студи? Слободно соблечете се, ништо нема да Ви направиме“, вака одговорниот судија Томас Загебил го пречека обвинетиот 20-годишен Крешник Б. роден во Бад Хомбург, кој пред судот се појави во тренерки и со дебела, јарко црвена зимска јакна. Тој се соблече и почна тивко да зборува, со кратки реченици. Раскажа како во јули 2013 година заминал во Сирија за да се приклучи на терористичката милиција Исламска држава, таму не се снашол добро и уште во декември се вратил во Германија. Без да испука ниеден истрел, како што истакна.

Тој беше уапсен веќе на аеродромот во Франкфурт. Обвинението гласи: членство во странска терористичка група, за што може да добие до десет години затвор. Но, судијата и Обвинителството ставија во изглед помала казна, ако Крешник каже зошто се приклучил кон џихадистите. Меѓутоа, среде претресот, падна фаталната реченица: „Всушност, секогаш сакав да умрам како маченик“.

И на лицето на неговиот адвокат Мутлу Гунал се читаше вџашеност. Тој успеа да го наговори својот клиент во процесот, почнат во октомври, да даде исказ, што Крешник Б. првично не сакаше да го прави. Писмената изјава, која Гунал ја прочита минатите денови на судскиот претрес, за судот не беше доволна. Затоа сега обвинетиот одговараше на прашања.

Одбрана на „браќата и сестрите“

Крешник не придонесе за некое расветлување. Тој не сакаше да каже имиња на оние кои го радикализирале. Како стигнал во Сирија? Преку Истанбул, а потоа со автобус со шестмина истомисленици. Тој бил обучен за ракување со оружје, но во сите борби стоел во последните редови.

„Тие воопшто не сакаа да се борам заедно со нив“, рече тој, звучејќи малку навреден. Различни исламистички групи воделе меѓусебни пресметки.

„Тоа го сметам за жалосно“, рече Крешник Б. Негова цел била одбрана на неговите „браќа и сестри“ од режимот на сирискиот властодржец Асад. Тоа се‘ уште го смета за исправно. А потоа дојде реченицата со мачеништвото.

Таа предизвика сомнеж во искреното каење на обвинетиот („Јас сега сакам само да водам нормален живот“) не само кај судијата Загебил. Тајната служба ги прислушувала и неговите телефонски разговори и четови со неговата сестра и ги снимила. Тие го прикажуваат Крешник како доброволен борец, кого неговото семејство со мака морало да го убеди да ја прекине авантурата кај Исламска држава. А судот располага како доказен материјал и со видео, каде Крешник е во кругот на тешко вооружени борци.

„Не се сеќавам каде е тоа“, гласеше неговиот штур одговор.

Крешник пред судот тврдеше - таму било здодевно. Тој учествувал во три борбени акции, но „само во заднина, кај санитетските служби“.

Главниот збор го имале арапските и чеченските борци на Исламска држава, кои немале многу доверба во Европејците. Кој бил неговиот водач, Крешник не сакаше да му каже на судијата Загебил:

„Немам поим“.

„Ова сево ми е малку, морате да кажете нешто повеќе“, побара судијата од обвинетиот. Тој молчеше и гледаше во својот адвокат. Крешник може да помине со казна од три, можеби четири години затвор, ако судот е задоволен од неговите искази. Но, вчера (30.10.2014) не изгледаше така.