1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вратата од кокпитот - непробоен бедем?

Фабијан Шмит/З. Јордановски27 март 2015

Модерните врати од кокпитот не се само механички одвнатре затворени. По потреба можат да се отворат и од внатрешноста на авионот со специјален код што го имаат кабинскиот персонал и пилотите.

https://p.dw.com/p/1EyHJ
Фотографија: Reuters/L. Foeger

По терористичките напади од 11 септември 2001 во патничките авиони ширум светот се вградуваат непробојни врати на пилотската кабина. Тие се вообичаено така направени, што можат да бидат отворени и од пилот или кабински персонал, кои се надвор од кокпитот, со внесување специјален код од бројки.

Електронско заклучување и специјален код

Целокупниот систем на вратите се состои од пет главни компоненти. Прво, крилото од вратата е непробојно и е обезбедено со три електронски командувани рези. Низ окце на вратата или преку видео-камера пилотите од кокпитот можат да видат што се случува во кабината со патниците или пред вратата.

Второ, пилотите на командната табла имаат и тристепен прекинувач за заклучување и отклучување на вратата. Трето, кабинскиот персонал исто така има табла со тастатура со бројки, црвена и зелена сигнална светилка и телефон, преку кого може да разговара со пилотите. Четврто, во кокпитот има уред кој служи како ѕвонче, но и како аларм, и петто, еден сензор за притисок реагира ако дојде до пад на притисокот во пилотската кабина.

Заштита на пилотите од натрапници

Вообичаено капетанот и копилотот се во кокпитот и тој е заклучен. Вратата не може да се отвори однадвор, оти воопшто нема квака. Прекинувачот е на „норм“, дополнителната заштита не е активирана. Ако стјуардеса сака да влезе во кокпитот, таа му телефонира на капетанот и притиска на копче за ѕвонење, кое се наоѓа на таблата за кабинскиот персонал. Тој го става прекинувачот на „анлок“ и сатјуардесата може да влезе. Штом се затвори вратата, прекинувачот автоматски се прешалтува на „норм“.

Ако некој се обиде да влезе во кокпитот без претходно да се јави по телефон, на пример со тропање на вратата, пилотите го ставаат прекинувачот на „лок“ и со тоа се активираат три дополнителни метални резиња. Тие треба да обезбедат вратата да не може да биде разбиена ни со примена на груба сила.

Пристап кон пилотите во нужен случај

Но, некогаш има потреба вратата да се отвори однадвор, на пример за да им се укаже прва помош на пилотите, ако не реагираат на повиците од кабинскиот персонал. За такви ситуации персоналот има специјален код, кој го внесува на тастатурата од нивната табла и во кокпитот се огласува алармен сигнал. Ако пилотите не реагираат на тоа, по 30 секунди вратата автоматски се отвора пет секунди, колку за да влезе стјуардесата и да укаже прва помош.

Ако се пилотите при свест и се сомневаат дека некој илегално го дознал кодот, можат прекинувачот да го стават во позиција „лок“. Во таков случај вратата останува пет минути блокирана. Ова е сценарио кога терористи со тортура изнудуваат од кабинскиот персонал да им го каже кодот.

Но, има и уште едно сценарио, кога вратата се отвора без пилотите да дејствуваат: ако сензорот сигнализира пад на притисокот во кокпитот. Но, и тука, ако прекинувачот биде ставен на „лок“, вратата останува пет минути блокирана.