1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војната против ИД не е завршена

Рајнер Золих Превод: С.Недевски30 јануари 2015

Ослободувањето на градот Кобане докажува дека може да се победи Исламска држава, но џихадистите сепак би можеле и натаму да профитираат од нерешените политички проблеми, стравува Рајнер Золих.

https://p.dw.com/p/1ETHr
Фотографија: Reuters/O. Orsal

На интернет веќе со недели циркулира текст во кои се споредуваат двата правни система на Блискиот исток. Двата се повикуваат на шеријатското право и прецизно е наведено за кои „гревови“ се заканува казна со камшикување или каменување, и кои „правни прекршоци“ се сметаат толку тешки за да бидат казнувани со сечење глава.

Разлики речиси и да нема. Двата правни системи екстремно се придржуваат кон шеријатот и двата фундаментално ѝ противречат на идејата за универзални човекови права. Важна разлика е каде тие речиси идентични системи се во сила. Едниот важи во областите во кои владее Исламска држава (ИД), а вториот во Саудиска Арабија, земја која важи за „партнер“ на Западот и која активно учествува во борбата протв терористите од ИД. Се поставува само прашањето, за кои цели всушност се борат Саудијците?

Тешкотии и противречности

Саудиска Арабија е само еден, сигурно најдрастичен пример за бројните тешкотии и противречности кои се присутни во врска со борбата на западните и арапските земји против ИД и Ал Каеда. И други земји кои директно или индиректно учествуваат во таа борба, ги следат во основа своите сопствени интереси. Тоа важи за Турција, исто како и за владите во Багдад и во Техеран, за режимот и за различните опозициски групи во Сирија, како и за Курдите. Еден, не толку мал дел од нив на борбата против ИД гледа како на меѓучекор кон сопствена држава која долго ја посакуваат.

Deutsche Welle Rainer Sollich Arabische Redaktion
Рајнер Золих, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Сите овие работи не смеат да се превидат. Па сепак, веста за протерувањето на ИД од Кобане е добра вест, пред се’ за жителите на овој град. Ослободувањето на Кобане од борците на ИД јасно докажува дека ИД не е непобедлива и дава надеж дека успешната, заедничка операција на копнените единици на локалните сили и воздушните напади на сојузниците, можеби би можела во слична форма да биде повторена и на друго место. Притоа не би смеело да им се препушти сѐ на илузиите. Секој пораз на ИД во завојуваните области го зголемува ризикот тероризмот уште посилно да биде префрлен и во западните или во други, важни, арапски метрополи.

Кобане може да биде само почеток

Не само во Кобане, туку и во други делови во Сирија и во Ирак, некои експерти сега гледаат можност за воено поразување и потиснување на Исламската држава . Тоа може да биде точно, но и не мора. Одлучувачки е сепак конечно да им се пристапи на политичките проблеми кои толку ја зајакнаа ИД. Во Ирак сунитите мораат да бидат во подобра позиција. Војната во Сирија мора да биде завршена со политичко решение, без да биде со тоа награден неправедниот режим на Башар-ал-Асад. Во тоа секако мораат да бидат вклучени и Курдите, но и Турција, која од своја страна сака да спречи формирање на курдска држава. Тоа нема да се случи во целост и без Иран, а уште помалку без неговиот најголем ривал Саудиска Арабија, која под водство на новиот крал би било добро да се советува да се обиде барем чекор по чекор да ги реформира идеолошките и технолошките основи во својата држава за да може во иднина повторно да игра силна и стабилна улога во тој регион. Сето тоа, за жал, би можело да потрае многу подолго од ослободувањето на Кобане. Војната против Исламска држава уште долго нема да биде завршена.