1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вонредна состојба во Отава

М. Лангер (ртр, дпа)/ А.Трајковска23 октомври 2014

Терористички аларм во Канада: атентатор влезе во Парламентот во Отава, по што дојде до престрелка со силите за безбедност. Напаѓачот и еден војник загинаа. Мотивите се непознати.

https://p.dw.com/p/1Da7l
Фотографија: Reuters/Chris Wattie

„Не знаеме што точно се случи“, информира една телевизиска репортерка часови по инцидентот. Спектакуларните слики од престрелката и претресот во парламентарната зграда со часови се гледаа по информативните канали. Властите меѓутоа се воздржани со фактите. Познато е дека престрелката со вооружениот сторител била до вратата каде се наоѓал премиерот Стивен Харпер. Премиерот неповреден беше евакуиран на безбедно место, додека напаѓачот, според полициски извори бил застрелан. Исто така и војникот, врз кој било претходно стрелано им подлегна на повредите.

Дали имаше и втор напаѓач?

Полицијата не ја исклучи можноста дека во парламентарната зграда имало уште еден напаѓач. Пратениците привремено беа повикани да не ги напуштаат нивните канцеларии.

Дали зад делото се кријат терористи од милицијата Исламска држава? Во понеделникот, најверојатно еден исламист во провинцијата Квебек уби еден војник, пред самиот да биде убиен. Во вторникот владата го подигна степенот за предупредување од тероризам поради набљудувањата на групите исламисти како Исламаска држава и Ал Каеда.

Со текот на истрагата се обелоденија и првите информации за убиениот атентатор. Тој бил канадски државјанин на возраст од 32 години. Весникот „Globe and Mail“ извести дека властите неодамна го квалификувале како патник со висок безбедносен ризик. Во други медиуми се вели дека напаѓачот туку што преминал во ислам.

„Премиерот Харпер разговараше со колегите од неговата пратеничка група, кога одненадеж се слушна силен удар проследен од истрели“, изјави членот на кабинетот Тони Клемент. „Се случи точно пред нашата врата“. Прво напаѓачот стрелел врз припадник на војската на централниот воен споменик во главниот град. Потоа, според очевидци влегол во парламентарната зграда. Таму тој се судрил со силите за безбедност. Сведоци говорат за најмалку 30 истрели. Еден од службенците за безбедност во парламентот, според владата, бил повреден.

Kanada Ottawa Anschlag Parlament Polizei 22.10.2014
Фотографија: Mike Carroccetto/Getty Images

Полицијата се изјасни дека не можела да потврди дека истата личност е одговорна за истрелите пред споменикот и во парламентот. Се трага по еден или повеќемина осомничени. Телевизијата СиБиЕс соопшти дека се води истрага за три престрелки во Отава: една пред воениот споменик, една во парламентот и една во еден трговски центар. Детали засега не се познати. По престрелката во парламентот, полицијата го обезбеди целиот кварт и побара минувачите да ја напуштат областа.

Шок за земјата

За либерална Канада овие случувања се шок. Масовни престрелки во Канада има значително помалку отколку во САД, не само поради построгите закони за оружје. Истовремено безбедносните мерки во владиниот кварт се значително помали отколку во Вашингтон.

Еден градежен работник, кој беше сведок, за агенцијата Ројтерс изјави дека видел маж облечен во црно, чие лице било завиткано со шал. Црна облека е вообичаена на борците на ИД, кои држат под контрола големи делови од Сирија и Ирак. Канада учествува во шест борбени авиони во борбата против ИД во Ирак.

„Канада нема да дозволи да биде заплашена“

Премиерот Харпер беше потресен, но непоколеблив. Канада нема да дозволи да биде заплашена. Владата има намера да ја засили борбата против меѓунардоните терористички организации.

По нападот во парламентот, полицијата во меѓувреме ги отстрани блокадите. За граѓаните повеќе не постои опасност, соопшти еден портпарол. Само областа околу парламентот останува опколена.

Во понеделникот еден атентатор прегази и уби војник на околу 40 километри југоисточно од Монтреал. 25-годишниот возач потоа беше следен од полицијата и застрелан. Властите сметаат дека тој бил радикален муслиман. Канадската тајна служба со години предупредува од опасностите од радикализација на млади луѓе. Според сознанијата на тајните служби, повеќе од 50 Канаѓани се приклучиле кон ИД или други екстремистички групи на Блискиот Исток.