1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во стапицата на швајцарскиот франк

Немања Рујевиќ/ СН29 јануари 2015

Со години во централна и во југоисточна Европа поврзувањето на станбениот кредит со швајцарскиот франк изгледаше како одлична идеја. Тоа го сторија стотици илјади луѓе. Сега се очекува спас од политичарите.

https://p.dw.com/p/1ESUR
Фотографија: Reuters/K. Pempel

„Злото кое се нарекува швајцарец“- Марко Васиќ и понатаму нагалено го вика франкот иако оваа валута го асоцира на финасиска агонија. Неговата приказна е сериозна и- типична. Овој електротехничар во 2008. година купи мал стан во белградската населба Ѕвездара со кредит индексиран во франци. Почетната рата од 350 евра му изгледала поднослива. По последниот скок на франкот, Марко треба месечно да и’ плаќа 560 евра на својата банка која, вели, еднаш ја победил на суд поради самоволно менување на каматните стапки. Колку ратата процентуално порасна во динари не вреди ни да се смета. „Ние не сме коцкари, а сепак не фрлаат во оган“, вели Марко. „Не знам дали да бидам бесен на банката или на државата, па бесен сум и на едната и на другата.“

Слични приказни можат да раскажат стотици илјади луѓе во централна и во југоисточна Европа. Во листата на станбени кредити поврзани со швајцарскиот франк на прво место се Полјаците со 550.000 кредити, следат Романците (150.000), Хравтите (60.000) и Србите (22.000).

Потпишале ризик?

Symbolbild Euro Franken
Фотографија: picture-alliance/dpa/Berg

Со години банките во наведените земји ги советуваа клиентите да не земаат кредити врзани за сеприсутното евро, туку за швајцарскиот франк. Тој до неодамна беше стабилна валута, наводно ветуваше пониски каматни стапки и на долг рок. Меѓутоа притоа банките во никој случај не постапувале против сопствениот интерес, критикува економистот Дејан Гавриловиќ кој го води здружение на банкарски клиенти Ефектива. „Банките очигледно играа на картата на раст на франкот. Не е случајно што сето ова се случува токму во земјите каде што се луѓето финансиски необразовани и каде што државата не ги штити“, вели Гавриловиќ за ДВ. Тој новонастанатата ситуација ја опишува како перпетум мобиле- со години редовно плаќаш, а долгот станува се’ поголем.

Мануел Аман, еден од водечките швајцарски стручњаци за банки, вели дека е можно многу луѓе да се погрешно советувани кога земале кредит. Сепак, овој професор од Универзитетот Сент Гален смета оти договорот мора да се почитува. „Во принцип би требало да платат оние кои се впуштиле во ризик- тоа во овој случај се клиентите“, вели Аман за ДВ. „Малку е наивно да можете да добиете ниска камата без никаков курсен ризик. Затоа е проблематично кога политичарите дополнително се вмешуваат и дел од загубата со декрет им ја наметнуваат на банките.“

Политичарите во погодените земји очигледно поинаку гледаат на проблемот. Секаде каде има конфликт меѓу обичните луѓе и алчните банкари, политичарите гледаат можност да поентираат во избирачкото тело. Посебно ако е изборна година и ако сте во теснец- како социјалдемократскиот премиер на Хрватска, Зоран Милановиќ. „Луѓето ослепеа од долгови, а банките и натаму имаат беспрекорна диоптрија“, рече тој. Поради тоа неговата влада одлучи дека и банките ќе трпат поради скокот на франкот. Пораката на Милановиќ кон очајните кредитни должници во Хрватска гласи: „можете мирно да спиете“.

Унгарија како пример?

Основната идеја на прв поглед е едноставна. Кредитите индексирани во франци се пресметуваат во евра или во домашната валута, по курс кој важел пред зголемување на вредноста на франкот или на денот на земање на кредитот. Втората опција е вештачко задржување на курсот на франкот на нивото од пред неколку недели. Во двата случаја банките го губат својот екстра профит, а даночните обврзници не мораат да платат ништо.

Пример сосема неочекувано стана Унгарија, на чиј премиер Виктор Орбан сега му се припишува речиси натприродна моќ. Бидејќи пред само неколку месеци неговата влада- која инаку важи за европски ученик од магарешка клупа кога е во прашање политиката кон банките- ги обврза банките да ги пресметаат кредитите според зацртаниот курс во форинти. Банките загубија вкупно 3 милијарди евра на кои сметаа. Најмногу страдаа големите банки од земји од ЕУ како на пример од Австрија и од Италија.

Schweizer Franken Euro USD an der Schweizer Börse
Фотографија: Reuters/A.Wiegmann

По овој пат сега тргнаа и владите во Хрватска и во Полска. Реакција на политиката беше неизоставна, вели Барбара Либерда од Универзитетот во Варшава. „ Ова стана големо социјално прашање. Изгледите на пазарот на труд во последните години забележително се влошија и многу граѓани не би биле во состојба да ги отплаќаат своите кредити“, вели таа во разговор за ДВ. Затоа, професорката по економски науки смета дека е исправно ако банките и клиентите ги поделат настанатите загуби. Српскиот експерт Дејан Гавриловиќ укажува на уште еден аргумент: платежно способни клиенти се во интерес на кредиторите. „Ако клиентите не се во состојба да го отплаќаат кредитот, банките ќе добијат недвижности кои би биле поефтини отколку што се и кои практично носат загуби ако воопшто се продадат.

Наспроти ваквите предупредувања, српската влада засега останува воздржана. Марко Васиќ вели дека речиси никој не верува дека спас ќе дојде од политиката. „Познавам луѓе кои земале кредит, кои сега штедат на најнеопходните секојдневни прехранбени производи зада ги платат ратите. Многумина се тешко разболени поради нивните грижи. Тој пак се надева дека некако ќе може да го исплати кредитот. Потоа не сака никогаш повеќе да чуе за „швајцарецот“