1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во сенка се „крчка“ нова партија на Албанците

Катерина Блажевска28 јули 2014

Раѓањето на политичка алтернатива е неминовност, но најважно е таа да има автентична идеологија и искрени намери, велат аналитичарите, по најавите за формирање нова партија на Албанците.

https://p.dw.com/p/1CjiU
Фотографија: Petr Stojanovski

Наскоро ќе се формира нова партија или движење на Албанците. Ваквата најава, која се‘ почесто се спомнува во политичките кулоари, ги разгоре шпекулациите за тоа кој ќе ја формира партијата и каква идеологија ќе има таа. Како иницијативно јадро за формирање на партијата се‘ почесто се спомнува градоначалникот на Струга, Зијадин Села, заедно со група интелектуалци и публицисти. Споменатите не сакаат во овој момент јавно да ја коментираат ваквата најава, но дел од нив признаваат дека „на терен постои силен притисок и разговори за формирање нов политички субјект, кој конечно темелно и конзистентно ќе ги застапува интересите на граѓаните Албанци, кои одамна се заборавени од ДУИ и ДПА“. Според нив, тие активности бараат време и темелна работа.

Вистинско време

Слична ваква најава за формирање нова партија на Албанците имаше и во мај 2012 година, но таа не се реализираше. Минатиот месец грчките медиуми објавија дека и партијата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган наскоро ќе формира ограноци на Албанија, Косово и во Македонија. Целта била Партијата на правдата да го зголеми своето присуство на Балканот, особено во државите каде што живеат Албанци, со кои Турција има заедничко историско, културно и религиозно минато. Турскиот заменик премиер, Хајрула Ислер, на конференција во Истанбул најавил дека отворањето партиски разграноци во Македонија е само прашање на време, бидејќи имаат и логистичка поддршка и многубројна турска заедница, а било планирано прво да се отворат канцеларии во Скопје, Дебар, Кичево, Тетово, Куманово и во Гостивар. Кој ќе биде побрз? За разлика од пред две години, дали е за чекор поблизу реализацијата на нов политички субјект во албанската етничка заедница? Според аналитичарот Рамадан Рамадани, политичкиот момент е целосно соодветен за тоа.
„Со последните протести и случувања се покажа дека има нов, поволен и потребен политички моментум за ново политичко организирање меѓу Албанците во Македонија. Старите партии се издадоа дека се длабоко навлезени во постоечката владејачка шема на Груевски, па откако неколку дена молчеа, излегоа со скоро идентично соопштение во кое имаше само грижа за режимот и државата, но не и за нивните гласачи. Останува да видиме дали новото политичко артикулирање ќе биде направено од страна на струшкиот градоначалник Зијадин Села, најавеното ново организирање со поддршка од Ердоган или некоја сосема нова граѓанска платформа, во која би биле вклучени и многу неалбанци, како политички одговор на узурпираните институции и блокираниот евроатлантски пат на Македонија. Иако ниедна од овие три опции не треба да се исклучи, мислам дека пресуден момент ќе биде сеалбанската солидарност која овојпат беше изразена за Албанците во Македонија, во која беа вклучени и многу влијателни албански кругови од Америка и Европа, па се‘ до владите во Албанија и Косово“, вели Рамадани.

Skopje Mazedonien Straßenschlachten 04.07.2014
Со последните протести се покажа дека има нов, поволен и потребен политички моментум за ново политичко организирање меѓу Албанците во Македонија, вели РамаданиФотографија: Petr Stojanoski

Место за трета опција

Според реакциите, иако има многу причини за ново политичко организирање, последната капка што ја прелеала чашата било назадоволството од судскиот епилог за случајот „Монструм“, во кој ДУИ и ДПА, како што се вели, „одиграле слугарска улога, без да ги заштитат Албанците од изложеност на монтирани судски процеси“. Идејата за нова партија била најавена пред нешто повеќе од две недели во дебата на косовската телевизија „Kоха визион“, во која учествуваа гости од Македонија. Артан Груби, шеф на кабинетот на Али Ахмети, по гостувањето во таа телевизија, на неговиот Фејсбук-профил му одговори на опонентот во дебатата: „Вечерва во емисијата ’Рубикон’ на KТВ беше претставена целта за основање политичка партија во Македонија, употребувајќи ги и овие толку тешки случаи за профилирање и профитирање. Излезе на виделина она што го кажуваме долго време, дека случајот ’Монструм’ максимално се користи за политички интереси и за несреќа, од тие што не се засегнати за случајот, туку го гледаат како златна можност за да се излезе како добитник на сметка на несреќата. Формирајте ја таа партија или иницијатива што побргу, не колебајте се, бидејќи десет други се основани од 2002 година, уште една нема да ја расипе работата“, напиша Груби.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Долговечноста на ДУИ и ДПА се должи на недостигот на посериозна и попривлечна платформа за албанските гласачи, тврди дел од аналитичаритеФотографија: Petr Stojanovski

Увереноста на Груби дека „уште една партија нема да ја расипе работата“, веројатно се темели на фактот дека со исклучок на две-три партии, многу брзо згаснаа десетина други кои досега се појавија како „трета опција“. Таквата состојба со години им дава на ДУИ и ДПА чувство дека суверено владеат на теренот. Сепак, голем дел од аналитичарите го делат ставот дека двете политички опции на Албанците во Македонија се истрошени и дека раѓањето на политичка алтернатива е неминовност. Според нив, долговечноста на ДУИ и ДПА не се должи на фактот дека тие се успешни партии или дека е тесен просторот на дејствување на трета политичка опција, туку на недостигот на посериозна и попривлечна платформа за албанските гласачи. Токму затоа, сметаат дека новата партија не треба да биде политичко дежаву, туку да ја обедини маргинализираната албанска интелигенција и да определи јасни, достижни и мерливи цели за унапредување на статусот и животот на граѓаните Албанци.

Неопходни промени

Разговорите за нови партии секогаш се присутни како дел од домашниот политички фолклор и проследени со најави за вклучување на интелектуалци и лица без багаж од други партии, вели аналитичарот Арсим Зеколи. Едни акцентот го ставаат врз ликовите, а не врз идејата со која би се разликувале од другите партии, или пак се продолжение на веќе присутни идеи, но со ново пакување. Други се обидуваат да спечалат поени повикувајќи се на искуства од други средини, за кои се надеваат дека би можеле да фатат корен во Македонија. Според Зеколи, и едните и другите преку таков приод се осудени на кратковечност, поради две причини.

Protest in Skopje, Mazedonien, gegen lebenslange Haftstrafen für Albaner
Фотографија: Petr Stojanoski

„Прво, правењето партии со нови лица, но со веќе присутни идеологии, укажува на недостиг на идеи кои би ги привлекле луѓето, па од старт покажуваат компромисерско накалемување на веќе виденото. Тоа граѓаните го препознаваат. Зошто би гласале за нешто што веќе го имаат? Втората причина е поврзана со кризата на демократијата, не само кај нас, туку глобално. Граѓаните веќе не прават разлика помеѓу политиката и демократијата, па и самата демократија како право на личен избор ја сметаат како политика. Секако, тензиите во албанското општество се несомнен индикатор дека промените се неминовни и прашање е на време и на сплет на околности кога ќе се појават нови фактори со нови идеи. Сегашните настани се во функција на спонтано разбивање на фатаморганата изградена од ДУИ и ДПА, како процес на постепено раскинување со минатото и подготовка за нешто посодржајно. Без оглед на изборните резултати на ДУИ и ДПА, факт е дека интимно во себе Албанците веќе им свртеа грб на партиите на Ахмети и Тачи и чекаат нешто ново се појави на хоризонтот. Токму крахот на интегративните процеси во ЕУ и НАТО и демаскирањето на лажниот патриотизам на ДУИ и ДПА создаваат услови за раскин со политиките базирани на високи теми и појава на фактори кои ќе ја вратат политиката на конкретни прашања од директен интерес на граѓаните“, прогнозира Зеколи.

Неофицијално, формирањето на новата партија се најавува за наесен.