1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во ритамот на музиката и зборот

14 јуни 2011

Eуритмија значи „убаво движење“. Овој студиски правец е многу редок. На приватната високо-школска институција за уметност и општество во Алфтер, Аланус, може да се студира еуритмија. Предметот е државно признат.

https://p.dw.com/p/11Abj
Еуритмијата како студиски правецФотографија: Nina Treude

„Започнавме со инструментална работа. Тежината надолу. И главата исто така. Наредниот чекор е да се собере силата во внатрешноста на телото и да се затвори од глава до петици, да се има контакт со тежината, преку табаните, се’ е внатре во телото, супер!“

Понеделник наутро, осум часот. Додека многумина студенти се’ уште спијат, Тси Јунг, студентката по еуритмија на факултетот Аланус веќе е во движење. На распоредот стои часот по тонска еуритимија. Студентите се движат во правец на музиката. Танцуваат, но не туку така, со нивните тела ја претвораат музиката во движење. Обвиткана во бел вел, Тси Јунг танцува на прсти, се врти и ги вее рацете низ просторот. Во Јужна Кореја студираше детска педагогија. Преку нејзините студии се запозна со еуритмијата. Поради тоа што во Германија може да се стекнат најдобри знаења за оваа наука, Тси се одлучи да студира на факултетот за еуритмија, Аланус. Фасцинирана од оваа форма на движење Тси истакнува: „Би можела целосно да останам внатре во еуритмијата. Порано не можев со зборови да ги изразам моите чувства, но нешто одвнатре ме тераше да трагам. Секој има рани во душата. Преку еуритмијата можев самата да се излечам, да ги решам проблемите. Оваа наука ми беше од голема помош.“

Еуритмијата ги менува студентите

Студиите за бечелор диплома траат осум семестри. Со нив се стекнува базична квалификација за терапија и педагогија. Еуритмијата потоа се практикува како посебен предмет особено во приватни училишта, каде се полага на поттикнување на креативната страна на учениците. Покрај еуритмија придружувана од текст или музика, на распоредот на часови за Тси Јунг се наоѓаат и социјалните предмети, дидактика и поетика. На крајот на секој семестар се оддржуваат изведби, на кои студентите го презентираат наученото.

Studi DW Serie Außergewöhnliche Studiengänge Eurythmie in Alfter
Час по еуритмијаФотографија: Nina Treude

Еуритмијата ги користи танцот и глумата, и обединува многу други уметности во една форма на изразување. Доцентот Андреа Хајдекорн, смета дека овие карактеристики ја прават посебна еуритмијата: „Во четирите години студентите целосно се менуваат. Тоа е заедничкото на сите уметности кои претставуваат одредени работи. Има студенти од другите области, кои на крајот на секој семестар ги гледаат изведбите, а подоцна и самите почнуваат да студираат еуритмија, оти велат и јас сакам да се сменам на ваков начин, и јас сакам да станам автентичен, јас сакам да изгледам волку убаво. Телото имено се формира сосема поинаку и односот кон животот е издигнат на посвесно ниво.“

Еуритмијата нуди големи можности за вработување

Оној кој смета дека од еуритмијата нема леб, се лаже. Факултетот Аланус го користи интересот во светот за оваа наука и затоа полага многу на високо и индивидуално образование: „Еуритмијата како професија нуди многу можности за работење. Освен во областа на уметноста, примена наоѓа и во социјалните науки или терапија. Уште долго ќе има помалку апсолвенти од слободни работни места“, подвлекува Хајдекорн.

По часот за еуритмија придружувана од музика, Тси има час по еуритмија придружувана од текст. На овие часови студентите мора да ги стават зборовите во движење. Најпознат е „танцот на имињата“, кој децата го учат во креативините училишта. Тси Јунг вежба со нејзината колешка Јохана, на тој начин студентите може меѓусебе да си помагаат и да се коригираат. „Ние мораме текстот да го интерпретираме преку нашето тело. Секоја личност има одреден карактер, кој мораме да го откриеме. На пример јас имам еден текст, кој во делови се навраќа на минатото, па како да се изведе тоа, за да биде јасно дека не е сегашноста?“

Flash-Galerie Alanus Hochschule
Факултетот Аланус крај БонФотографија: Alanus Hochschule

Потребна е дисциплина

По часот за еуритмија придружувана од текст следува пауза. Тси Јунг најрадо ја минува на големиот балкон пред т.н. стаклена куќа - зграда од стакло, каде се одржуваат часови и од каде се има извореден поглед на околната природа. Таму Тси пие кафе со своите колеги.

Распоредот на часови инаку бара голема дисциплина од студентите. Андреа Хајдекорн вежба со студентите за престојните испити: „Уште повеќе погледот нагоре кон ѕвездите, да сега! Можеш ли уште полесно да го изведеш тоа Андреас? Да, токму така, Немој да се одвртиш Розали, остани кај мене. Ајде! Токму така!“

Тси Јунг досега научи многу и сака своето знаење да го пренесе во Јужна Кореја. Во нејзината татковина може да работи во училиштата, особено поради фактот што Корејците радо се движат.„Сакам да им ја приближам еуритмијата на луѓето, кои досега немале контакт со ова уметност. Еуритмијата е навистина добра помош, за луѓетот повторно да се однесуваат свесно кон себе.“

 Автор: Нина Тројде/ Александра Трајковска  

Редактор: Симе Недевски