1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија се бројат и мртвите души

Обработка: Зоран Јордановски 15 април 2014

Весниците на германски јазик во критички тон известуваат за првиот круг од претседателските избори во Македонија. Посебно се на удар медиумската (не-)слобода и избирачкиот список.

https://p.dw.com/p/1BiEK
Фотографија: MIA

„Јасен однос на силите во малата балканска земја Македонија: во Западна Европа речиси непознатиот шеф на државата Ѓорге Иванов беше реизбран на функцијата со тесно мнозинство, иако поради компликуваната изборна регулатива мора да оди и во втор круг на изборите. Но, тоа побргу е чиста формалност“, известува „Ханделсблат“. „За национал-конзервативниот политичар резултатот не би бил можен без речиси целосната контрола врз медиумите во земјата со два милиона жители. Опозиционата телевизија А1 беше затворена уште пред три години, неомилените весници турнати во економски офсајд поради наводна даночна измама. Македонија во меѓувреме падна на 123 место на ранг-листата за медиумска слобода, за малку пред Украина“.

Основна тема на написот, всушност е медиумската слобода на Балканот, „заборавениот дел на Европа“, за која се констатира дека „егзистира јадно и безначајно - четвртина век по крајот на комунистичките диктатури. (...) Во Европа никој не се интересира за медиумската слобода на Балканот. Притоа, токму независно и критичко новинарство е основен предуслов за функционална демократија“, нагласува „Ханделсблат“.

„Штутгартер цајтунг“ оценува: „Се чини дека на македонските досетливи властодршци им успеа операцијата ’реизбор‘. Како шефот на државата Ѓорге Иванов, и премиерот Никола Груевски едри кон сигурна победа на парламентарните избори. Но, националпопулистичките постојани победници ја водат својата земја сѐ повеќе во офсајд. Со национална патетика, спорни престижни проекти и исклучување на медиумите кои се критички спрема владата, Груевски се здоби со сомнителниот глас на авторитарен властољубец. Но, билансот на неговите успеси е скромен. Згора на сето зло, властодршците натамошно ги оптоварија не само затегнатите односи со албанското малцинство, туку и со Атина. Некакво приближување кон ЕУ се чини подалечно од кога било досега“.

Уште еден мандат, пред да ескалира економската и социјална криза

„тац“ од Берлин констатира дека „првата рунда од изборите недвосмислено ја доби актуелниот претседател Иванов, што вклучува и фалсификување на изборите“, но оценува и дека „сепак се можни изненадувања во вториот круг“. Авторот на текстот Андреј Ивањи, дописник на „тац“ од Балканот, пренесува неточна информација дека 430 000 освоени гласови на Иванов се „двојно повеќе од второпласираниот кандидат на опозициониот СДСМ Стево Пендаровски. Тоа е најголема предност на некој кандидат во историјата на македонските претседателски избори. Но, воопшто не е толку сигурно дека Иванов во вториот круг на 27 април навистина ќе биде претседател по втор пат последовно. (...) Во вториот круг Албанците немаат кандидат и следствено, во етнички поделената земја, тие нема да го дадат својот глас. Кај социјалдемократите, пак, една фракција се залага за бојкот на изборите, оти Пендаровски е без шанси“. Токму затоа Груевски распиша на тој ден и парламентарни избори, една година пред регуларниот термин, образложува авторот. „Освен тоа, Груевски сака да си обезбеди уште еден мандат, пред да ескалира економската и социјална криза во земјата.

Првиот круг од изборите, општо земено, помина мирно и фер, што во Македонија не е само по себе разбирливо. Опозицијата сепак му префрлува на ВМРО ДПМНЕ за апсолутна контрола врз медиумите. Освен тоа, избирачките списоци биле ’целосно хаотични‘, а последниот попис на населението беше во 1981 година. (исто така погрешен податок, н.з.) ’Половина гробишта во Скопје гласаа за Иванов‘, смета еден опозиционер“, пренесува „тац“ на крајот од написот.

Слична поента во насловот извлекува и австрискиот весник „Ди пресе“: „Македонија: каде се бројат и мртвите души“. Весникот констатира дека „изборната увертира им успеа на македонските властодршци“ и оценува: „Победникот на изборите Ѓорге Иванов се потпира врз спорен избирачки список. Опозицијата ѝ префрла на владата дури и за ’систематска кражба на гласови‘. (...) Од 2006 година ВМРО веќе не загуби ниедни избори и во меѓувреме како сака ги контролира управата, правосудството и медиумите. Армијата од набљудувачи одвај да можеше да забележи неправилности. Но, кога ќе се отворат избирачките места, работата на манипулаторите на изборите на Балканот е веќе одамна завршена. И во Македонија се поделени мислењата во однос на сомнителниот избирачки список. Се чини дека во мултиетничката земја се бројат и мртвите души. Списокот со речиси 1,8 милиони имиња опфаќа околу 90 проценти од населението како избирачи, збогатен и со починати и нови граѓани. (...) На прашање од ОБСЕ, како е можно 30, 50 или дури и 70 нови избирачи да се пријавени во ист стан, властите не оставаат никаков сомнеж: истрагата што ја побара ОБСЕ никогаш не беше поведена. ОБСЕ констатира дека во Македонија нема јасна граница меѓу државата и партијата што е на власт“, пишува, меѓу другото, „Ди пресе“ од Виена.