1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО ДПМНЕ тврди дека снимките на Заев се монтажа

АМ/макфакс/дв17 април 2014

Наводите искажани од Зоран Заев се целосно неточни и целосно измислени. Се работи за класична монтажа за нешто што во најголем дел не ни наликува на гласот на Никола Груевски, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/1BkQN
Фотографија: Petr Stojanovski

Реакцијата на владејачката партија е на пресот на претседателот на СДСМ Зоран Заев, на кој тој презентираше аудиоснимки за наводното договарање на продажбата на „Македонска банка“ меѓу Никола Груевски, српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ-Нини и едно лице-посредник.

„Во самата монтажа има многу грешки, спротивности и детали кои се побиваат едни со други и се крајно нелогични. Очигледно добро се потрудиле колегите и наместо продуктивно, времето го трошеле за вакви работи“, се вели во реакцијата од ВМРО ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека се работи за класична лага и ако имало вакво нешто, или било што незаконски направено од страна на Никола Груевски, тоа досега ќе било објавено. Според владејачката партија, опозициската СДСМ сега го направила ова – на пет дена пред избори, со цел да дискредитира.

„Периодот за кога велат дека се случил овој наводен разговор и периодот потоа, значи пред повеќе од 10 години, беше период на жестоки политички битки кога на позиции беа менторите на Зоран Заев, а во тоа време и Груевски беше и во длабока конфронтација и со Љубчо Георгиевски, и ако било што имаше незаконски, тие сигурно ќе постапеа против Груевски“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на власт најавија дека до Заев ќе биде поднесена тужба за клевета и навреда, и дека тужбата ќе биде сеопфатна и по сите основи.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска објави аудиоснимки од наводни разговори на кои под наредба на Груевски е договарана операција за продажба на „Македонска банка АД Скопје“.

„Една работа е повеќе од јасна. На Никола Груевски не му е државата пред сe’, туку партијата, а со конечна цел негова лична заштита и заштита на фамилијата и бизнисот. Во Македонија не постои држава, не постојат институции на државата, не постои поделба на власта, постојат само интересите на партијата и на фамилијата што ја раководи таа партија“, рече Заев.

Тој додаде дека заради криминалното работење, Груевски не дозволува да има фер избори во Македонија.

„Ги повикуваме надлежните институции да не чекаат наредба од Груевски како да постапат за случајот во кој тој ја игра главната улога. Многу афери досега беа заташкани. Оваа нема да дозволиме да биде заташкана“, рече Заев.

Лидерот на опозициската СДСМ вчера за првпат го обвини актуелниот премиер Груевски примил мито од 1,5 милиони евра, тврдејќи дека тој ја продал 'Македонска банка АД Скопје' на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини, преку четири офшор и две домашни компании, кои официјално поседувале 51 процент од акциите во „Македонска банка“. Заев тврди продажбата била преку 50 милиони денари, или приближно 900 илјади евра, но Груевски, според лидерот на СДСМ, договорил и добил во кеш дополнителна сума од 1,5 милиони евра за продажбата на банката.