1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владиниот оптимизам нема реална основа

Костадин Делимитов25 мај 2015

Приходите во буџетот се намалуваат, владиниот оптимизам за економскиот раст се зголемува. Форсирањето оптимизам во услови на длабока политичка криза, според експертите, е неодговорна стратегија.

https://p.dw.com/p/1FVzs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Потфрлањето во приходната страна во народната каса во делот на ДДВ, според експертите, сигнализира дека потрошувачката се намалува. Податоците од првиот квартал што ги објави Mинистерството за финансии покажуваат дека по основ на ДДВ се реализирале 151 милион евра, што е помалку од планираните проекции. Експертите не се изненадени што негативниот тренд добива на интензивност во периодот на продлабочување на политичката криза:

„Не мора да значи секогаш дека како причина треба да имаме економски проблем, но ова се` што се слуша и што го гледаме во изминатиов период не‘ рационализира дека не треба да трошиме, дека ментално доаѓаат тешки времиња. Тоа влијае на рационализирање на трошењето. Тоа е социопсихолошкиот апсект. Ова ќе оди на долг рок и нема да заврши едноставно. До вчера, што се вели, имаше оптимизам, но сега се‘ е воздржано, тоа се нус-производи врз економијата. Кога ќе се затвори тој круг, ќе биде една чудна психолошка состојба. И тоа не треба да не‘ чуди со оглед на менталитетот на овие простори, Македонецот е познат по штедливоста, но сега тоа е мислам уште поизразено. Сигналот е се‘ уште со психолошка природа, но во услови кога трошоците за живот стануваат повисоки нормално е да се очекува и пад на потрошувачката. Факт е дека без потрошувачка нема производство, но ние сме сега во друга состојба, кога настанува една ментална контузија, помрачување“, предупредува социологот Илија Ацески.

Mazedonien Proteste gegen Ministerpräsident Nikola Gruevski
Владиниот оптимизам за економскиот раст се зголемуваФотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Свесно се форсира оптимистичко сценарио?

Како тогаш во услови на намалени приходи во буџетот кај дел од ставките што имаат клучно значење за одржливоста на перформансите на економијата е можно да се очекува солиден економски раст?

Дел од експертската јавност веќе предупреди да се внимава во форсирањето на оптимизмот и покрај позитивните прогнози однадвор или одвнатре. Опозицијата предупредува дека власта свесно форсира оптимистичко сценарио, кое во актуелниот амбиент е тешко остварливо:

„Анализирајќи ги приходите за трите месеци од оваа година, сликата е индентична како и претходните 5 години. Можеби само институциите во Белорусија и Северна Кореја можат да покажат вакви нелогичности. Несфатливо е како може да реализирате раст на БДП, а истовремено да имате стагнација или пад на приходите, а пред се‘ на оние од ДДВ, да имате пад или стагнација на кредитирањето, раст на нефункционалните кредити, енормно зголемување на бројот на блокираните сметки на компании и физички лица. Сите овие податоци се сосема карактеристична појава во услови кога се намалува економската активност, потрошувачката има надолен тренд и сето тоа доведува до поизразен колапс на субјектите кои се играчи на пазарот. Јасно е дека желбата со фингирани бројки и илузионистички ветувања и промоција на економски успеси, оваа влада се обидува да ги покрие аферите кои ги обелоденува опозицијата. Во првите три месеци власта креирала дефицит од стотина милиони евра и трендот ќе продолжи имајќи предвид дека приходите ќе продолжат да паѓаат, а власта само во последните два месеца испорача ветувања кои креираат расходи кои ниту од далеку не се планирани во буџетот. Власта нема да сака да ја признае оваа состојба и највероватно ќе одолговлекува со неопходниот ребаланс. Но, и да дојде до ребаланс, реално во него би требало да се планира дефициот од 430 до 450 милиони евра или над 5% од БДП. Ставревски тоа нема никогаш да го стори, како и сите претходни години“, коментира за Дојче веле Кире Наумов, претседател на комисија за финансии во СДСМ.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Ставревски: Дали ќе има ребаланс ќе зависи од резултатите во следните месец-дваФотографија: MIA

Чуварот на државната каса на почетокот на мај годинава демонстрираше смиреност:

„Засега приходите се нешто над планираните за три до четири проценти, но има разлики во структурата на приходите. Така кај некои има раст, а некои приходи имаат потфрлување во однос на планираното. Дали ќе има ребаланс ќе зависи од резултатите во следните месец-два. Во однос на планираните приходи, намалување има кај приходите од ДДВ, кај кои нивото е нешто пониско во однос на планираното, додека кај данокот на доход и персоналниот данок има зголемување“, изјави министерот за финансии Зоран Ставревски.

Наумов: Неформален притисок врз фирмите блиски до власта

Но дека ризиците демнат и можат да бидат со сериозен ефект предупреди монетарната власт. Во последната прогноза таа ги задржа проекциите за раст од 4,1% годинава, но истовремено и предупреди на најсериозната закана за нивно остварување - политичката криза:

„Секако дека пролонгирањето на случувањата на политичката сцена и нивното евентуално ескалирање би имале негативни ефекти. Овие проекции се основно макроекономско сценарио. Доколку се случи нешто такво, има ризик проекциите од ова сценарио да одат надолу, изјави гувернерот на Народната банка на РМ, Димитар Богов.

Politik Skopje, Mazedonien
Опозицијата тврди дека задкулисно се врши неформален притисок и совети до блиски фирми на власта да ги избегнуваат плаќањата кон буџетотФотографија: Petr Stojanovski

Во вакви услови Наумов предупредува дека во моментов задкулисно се врши неформален притисок и совети до блиски фирми на власта да ги избегнуваат плаќањата кон буџетот, што пак би се надополнило со контроли и казни во компаниите кои се на списокот за отстрел:

„Кога постои таков тип злоупотреба на институциите, ефектот е зголемување на дефицитот и јавниот долг. Она што е карактеристично за овие три месеци е политичкиот маневар со кој Ставревски објави предвремено раздолжување кон ММФ во вредност од 150 милиони евра. Податоците покажуваат дека долгот останал на исто ниво, што значи дека во исто време тој долг е заменет со ново домашно задолжување. Заклучокот е дека и по цена на поскапо задолжување, Ставревски ја злоупотребува функцијата само со цел и ММФ да не може да врши контрола и да му ’буричка во трезорот‘ по принципот како што тоа Ставревски признава дека го сторил со одбивање на донацијата од ЕУ“, предупредува Наумов.

Странските инвестиции и извозот се клучните фактори кои според владата ќе бидат двигатели на македонската економија годинава. Владата очекува дека растот годинава ќе изнесува 4%, што е приближно на прогнозите на Народната банка од 4,1%. Аналитичарите на Европската комисија, пак, во пролетната прогноза очекуваат Македонија годинава да ја заврши со раст на БДП од 3,8 проценти, што е највисок во Европа.

Изминатата недела се мобилизираше и бизнис-заедницата во Македонија, предупредувајќи дека кризата може да има и негативни ефекти кои веќе делумно се чувствуваат. Тие подготвуваат одбранбен план кој во текот на неделава ќе и‘ го достават на Владата.

Костадин Делимитов