1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Вие си ги лекувате своите во странство“

Б. Фирних / Е. М. Фиданоска19 декември 2014

Рускиот претседател Путин за третиот мандат си зацрта реформи во здравствениот систем. Сега лекарите и пациентите се соочени со драстични кратења. Илјадници вработени во здравството и пациенти демонстрираат во 40 региони

https://p.dw.com/p/1E344
Фотографија: Getty Images/AFP/Dimitry Serebryakov

Револтот е голем - во поширокото подрачје на Москва треба да бидат затворени 28 болници. „Вие ги лекувате своите во Европа. Кој ќе ме лекува мене овде, во Русија?“, прашува една жена, која протестира против затворање на болниците. Таа има мултиплекс склероза и се лекува во една од болниците кои сега треба да бидат затворени. Смета дека е тоа последица на политиката кон Украина.

„Потребни им се многу пари за да можат да ги одржат Доњецка и Луганска Република. Притоа не мислам на хуманитaрните пратки за децата и инвалидите, туку на поддршката за борците“, вели таа.

Друг пациент додава: „Додека бројот на лекари се намалува, армијата се зголемува. Целиот руски буџет е скроен според потребите на војната. Не знам од каде доаѓа оваа параноја.“

Семјон Галперин е невролог во една болница која треба да биде затворена овој месец. Според него и Олга Демичева, реформи се итно неопходни за да се модернизира стариот систем, но плановите на градот се рамни на радикална сеча.

„Ова што сега се случува е уништување на здравствениот систем во Москва. Тоа е спротивно на рускиот устав, кој на сите граѓани им го гарантира правото на бесплатна медицинска нега. Ова затворање болници уште повеќе ќе го отежне здравственото згрижување на пациентите“, вели Галперин.

Двајцата лекари се убедени: само јавна кампања може да спречи затворање на нивната болница. Лекарката Олга Демичева зборувајќи пред собраните на протестот му се обраќа директно на Путин:

„Господине Претседател, разбирам дека државните каси се празни. Разбирам дека Олимписките игри беа скапи, како и Крим, но немојте овие триумфи да ги плаќате со човечки животи.“

Кога листата, на која е и нивната болница, стигна до јавноста, Олга и Семјон беа убедени дека треба да се борат. Една третина од персоналот веќе доби отказ, раскажува Олга. Сепак, лекарите ја продолжуваат својата работа. Телефонот веќе не престанува да ѕвони. Олга ги теши пациентите. Во моментов не може да прими никого.

Moskau Russland Protest Ärzte Krankenhaus Gesundheitssystem
Пациентите се гневни и велат дека рускиот буџет е скроен според потребите на војнатаФотографија: Reuters/Sergei Karpukhin

„Ова девојче ќе дојде неделава кај мене. Што да правам? Бремена е и има дијабетис. Моето работно место е од 1 декември укинато. Сега можам да го советувам девојчето само телефонски“, раскажува Демичева.

Ќе има и други тесни грла, убедени се двајцата искусни лекари. Тие стравуваат дека на местото на болницата ќе изникнат канцелариски згради. Семјон Галперин е убеден:

„Пациентите не се најважни, тие не носат пари во државниот буџет. Лекарите и учителите не произведуваат нафта. Тоа веројатно е пречка за развојниот концепт на идеален утописки град, во кој сите луѓе се среќни и здрави.“

Порано пациентите често лежеа во болничките ходници. Сега дел од медицинската опрема е веќе тргната. Немаме право да се откажеме, смета Семјон. Се бориме за пациентите кои ни веруваат со години.

Една пациентка вели: „Воопшто не можам да си дозволам третман за којшто ќе плаќам. Јас сум пензионерка.“

Krankenhaus Moskau Russland Krankenwagen Krankentransport Mitarbeiter
Лекарите ја продолжуваат својата работа и покрај драстичните кратењаФотографија: picture-alliance/dpa

Арина има хронична астма и во болницата се лекува веќе 5 години: „Да бидам искрена, мислам дека државните каси се празни и сега се штеди на сметка на малите луѓе како нас, кои се слаби и не можат да се одбранат“, вели таа.

Поради притисокот на јавноста, плановите за штедење на градот Москва сепак се дискутираат во Советот за човекови права. Заменикот градоначалник мора да одговара на прашања на експерти. За разлика од нив, тој е уверен дека во градот има премногу болници и лекари. Леонид Печатников нагласува:

„Во Москва има огромен број кревети и персонал и ограничениот буџет мора да се распредели на многу глави. Затоа ја донесовме оваа одлкука.“

Здравствениот експерт Ѓузел Улумбекова од Лекарската комора на Русија на тоа гледа поинаку: градот го уништува системот, без претходно да обезбеди алтернативи.

„Тврдам дека здравствениот систем е исто толку важен колку армијата. Таа со години не беше доволно финансирана, исто како и здравството. Сега ни се неопходни еднакви зголемувања на ставките во буџетот, како за медицината, така и за армијата“, убедена е таа.

До крајот на декември треба да се донесе конечна одлука кои болници ќе бидат затворени. Олга и Семјон се скептични, но нема да се предадат.