1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Варшавските рани

Розалија Романец / Б. Георгиевски1 август 2014

Востанието на граѓаните на Варшава во летото 1944. нацистите крваво го задушија. Убиени се 200 илјади луѓе, а градот е речиси целосно уништен. На 70. годишнина Полска дискутира: чин на самосвест или на јалов хероизам?

https://p.dw.com/p/1CnMv
Фотографија: Museum Warschauer Aufstand 1944 in Warschau

„Сето тоа беше пустина после војната“, им објаснуваат наставниците на учениците додека на Варшавскиот плоштад им го покажуваат 22 метри високиот Жигмунд и зад него Кралскиот дворец, реконструиран по 1945 година. Тоа е дел од историјата на Полска, исто како и Варшавското востание, последниот обид на Полјаците самите да се ослободат од нацистите на 1. август 1944 година, една година по востанието во еврејското гето во 1943. Успешното востание против германската окупација требаше да биде симбол на силната и во иднина независна Полска.

Сето тоа го знаат и полските ученици додека минуваат покрај споменикот на „Малиот востаник“. Скулптурата на малото момче со шлем и пушка в рака сега се смета за контроверзна, како и улогата на децата во востанието. Наставниците само кусо застануват и продолжуваат кон блискиот видиковец. „Таму, на десниот брег на Висла, веќе беа Русите. Се веруваше дека тие наскоро ќе нападнат и дека ќе помогнат да се совладаат Германците“. Варшава се надевала на поддршка, но Советите се двоумеле. На Сталин не му одела во прилог победа на полската армија и евентуална нова, антикомунистичка влада во Полска. Дури 63 дена траеле тешките борби, во кои Полјаците биле препуштени сами на себе.

Denkmal des Kleinen Aufständischen in Warschau
Споменикот на „Малиот востаник“Фотографија: CC-BY-Szczebrzeszynski

Иако воено биле целосно инфериорни, востаниците во првите денови успеале да заземат неколку стратешки важни позиции. Германците се повлекле од стариот град. Но, со текот на времето на востаниците немаат ниту сила ниту материјал. Конечно, востанието е брутално задушено. Во јануари 1945 година, кога Советите конечно ја преминуваат Висла, во урнатините немало повеќе од илјада преживеани.

Залудни жртви?

Колку ова херојство навистина имало смисла, се прашуваат денес многу Полјаци. Младиот новинар Пјотр Зиховиц со својата книга Лудилото 1944 предизвика бура негодување. Тој го нарекува Варшавското востание „џиновска бескорисна жртва“. Зиховиц го обвини раководството на востанието за погрешна проценка на состојбата и го обвинува за смртта на илјадници луѓе. Но, историчарите се воздржани.

Warschauer Aufstand 1944
Фотографија: Museum Warschauer Aufstand 1944 in Warschau

„Востаниците знаеле многу помалку отколку ние денес“, вели Јацек Млинарчик.

Главното прашање останува дали востанието било корисно, а Полјаците уште долго ќе се занимаваат со тоа прашање.

Важно место во потрагата по одговори е Музејот на Варшавското востание. Во него често има млади и деца. За училишните групи тоа е обврска. По неколку чекори можете да слушнете бомби и сирени. Тоа им се допаѓа на децата, но не и на Едмунд Барановски (85) кој како 15-годишник се борел во востанието. „Децата немаат што да бараат во војна“.

Трендот на воени игри како дел од наставата по историја не е видлив само во музејот. Неодамна на пазарот се појави игра со мали фигури на борци со оружје и СС офицери. Комерцијализацијата на националниот етос е на самата граница на подносливоста.

Животна учителка

Интересот за Варшавското востание годинава е поголемо од кога било. Темата е присутна дури и по 7 децении. Но, она што е ново е историскиот контекст на двата, веројатно најважни настани во полската историја. „Без сеќавањето на жртвите на востанието, можеби не би се случила ниту мирната револуција на Солидарност во 1989 година“, вели Јацек Укиелски од Музејот на Варшавското востание. Слични ставови се слушаат деновиве и во медиумите. „Дебатите покажуваат дека Полска научи од својата историја“, вели Укиелски. „Поради траумата од 1044. опозицијата не сакаше повторно да се умира за слободата“.

Warschauer Aufstand 1944
Фотографија: Museum Warschauer Aufstand 1944 in Warschau

Без оглед на широката расправа пред годишнината, 1. август е традиционално посветен само на хероите од тоа време и нема да има големи манифестации. На годишнината во 17 часот, кога почнала битката, се слушаат сирените и градот тоне во импресивен едноминутен молк: луѓето, автомобилите, автобусите, трамваите - сѐ стои.