1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Важен чекор - шефот на Епл се декларираше како хомосексуалец

Арнд Рикман / Превод: Е.М.Фиданоска31 октомври 2014

Шефот на Епл, Тим Кук, се декларираше како хомосексуалец. Иако е само по себе разбирливо дека на највисоките функции има и хомосексуалци, декларирањето на Кук е важен чекор, оценува Арнд Рикман.

https://p.dw.com/p/1Df4H
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Davey

Тоа беше јавна тајна со години. Сега е, така да се каже, официјално: шефот на Епл Тим Кук е хомосексуалец. Тој тоа го стави јасно до знаење во текст за американскиот магазин „Бизнисвик“. Кук пишува дека никогаш не ја криел својата сексуална ориентација, но никогаш претходно не се изјаснил јавно по ова прашање. Сега сака, како што пишува самиот, да отвори пат кон поправеден свет, камен по камен. А ова е еден камен на тој пат.

Тоа што еден шеф на концерн е хомосексуалец, не би требало да биде ништо особено. Сепак, декларирањето на Кук е на насловните страници ширум светот. Причина: 53-годишниот Кук е осамен во својата бранша. Другите раководители на концерни се‘ уште немаат најдено храброст да се изјаснат отворено како хомосексуалци или лезбејки. Во Германија, на пример, има мал број менаџери за кои се знае дека се хомосексуалци.

Еден од нив е Харалд Крист. На широката јавност тој и‘ стана познат во 2009 година, кога стана член на изборниот тим на кандидатот за канцелар Франк-Валтер Штајнмајер и неговото име се вртеше како можна опција за министер за економија. Уште тогаш денес 42-годишниот Харалд Крист не криеше дека е хомосексуалец. Се чини, неговото декларирање не му наштети на кариерата. Од почетокот на 2013 година тој седи во Управниот одбор на Постбанк. Според негови зборови, има многу топ-менаџери кои се хомосексуалци. Чисто статистички погледнато би било чудо кога не би било така, но тие ја кријат својата сексуална ориентација. Според Крист, тие преземаат се‘ и сешто за да „ја сокријат својата хомосексуалност“ од јавноста.

„Стаклен“ покрив

Зошто? На својата криенка овие менаџери трошат многу енергија, која би било подобро да ја искористат во својата професија. Или поинаку кажано: иако се и онака многу успешни, би можеле да бидат уште поуспешни кога не би се занимавале постојано со криење од луѓето во својата професионална средина. Тоа важи не само на врвните менаџери, туку за сите. Претпријатијата би требало да имаат голем интерес нивните соработници, а пред се‘ раководителите, да можат сосема отворено да настапуваат како хомосексуалци. Онака, како што на пример прават хетеросексуалците, кога на приеми доаѓаат со своите брачни партнери и со тоа сигнализираат што се случува во спалната соба.

Deutsche Welle DW Arnd Riekmann
Арнд РикманФотографија: DW/P. Henriksen

Но во многу претпријатија очигледно има многу голем отпор кон тоа на луѓето кои го имаат кормилото да им се дозволи да го завртат „хетеро-бродот“. Исто како и менаџерките, сеедно со каква сексуална ориентација, и мажите хомосексуалци во претпријатијата постојано доаѓаат до т.н. „стаклен покрив“. Тие напредуваат до одредено ниво и потоа веќе не можат да продолжат нагоре, од навидум необјасниви причини. Всушност, во многу случаи се работи за непријателство кон хомосексуалци или кон напредување на жените.

Први „отворачи“

За да се промени хомофобноста, која е очигледно присутна во хиерархијата на мажите менаџери, примерите како Тим Кук се неопходни. Кога шефот на највредното претпријатие во светот живее отворено како хомосексуалец, ќе има и аргумент повеќе за младите менаџери кои наидуваат на пречки во напредувањето во кариерата поради тоа што се хомосексуалци. И уште нешто е важно: во претпријатијата кои се толерантни кон хомосексуалците би требало и на жените да им биде полесно да направат кариера, беа да бидат запрени од т.н. „стаклен покрив“.

Оттука, чекорот на Тим Кук може да ја отвори вратата во јавноста. Неговиот пример би требало да го следат и други луѓе од топ-менаџментот на другите концерни. Тие не би смееле да се плашат да направт ваков чекор. Зашто, како и шефот на Епл, оној што стигнал најгоре на скалилото во кариерата, всушност нема што да загуби - повисоко и онака не може. Освен тоа, луѓе како Тим Кук се во позиција во која самите во голема мерка ги определуваат правилата. Тоа го докажува и ангажманот на Епл за припаднците на малцинствата во концернот. „Не секој има таква среќа“, напиша Тим Кук во „Бизнисвик“. И во право е! Негова голема заслуга е што е направена првата пукнатина во „стаклениот покрив“.