1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесверот привлекува со пари и скратено работно време

Бернд Греслер/ Жана Ацеска30 октомври 2014

Поголема плата, подобро сместување и флексибилно работно време би требало да го направат Бундесверот поатрактивен за стручњаци, предвидува нов предлог-закон. Критичарите сметаат - поважни се модерни системи на оружје.

https://p.dw.com/p/1De5q
Фотографија: picture-alliance/dpa/Maurizio Gambarini

Оној кој во иднина ќе извршува доброволна воена обврска во Бундесверот, може во нормален случај да смета со 41 часовно неделно работно време и платени прекувремени часови. Тој или таа може да работи со скратено работно време, ако тоа службата го дозволува, без да мора да наведува причина. Тој или таа од идната година би добивале 60 евра месечно повеќе, со што платата во првиот месец се покачува на околу 840 евра. Жените војници и нивните машки колеги во иднина нема да живеат во сместувалишта кои не ги исполнуваат ни стандардите за монтажери, изјави германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен при претставувањето на новиот закон во Берлин, кого го предложи владата. Во стандардна опрема притоа ќе спаѓаат телевизор и интернет во собите. Само модернизирањето на касарните во следните години би ја чинело државата половина милијарда евра.

Подморниците мируваат поради недоволно персонал

Од укинувањето на задолжителната воена обврска во 2011 година, Бундесверот навистина не страда од недоволен подмладок, но недостигаат стручњаци. Така на пример, од четири подморници на Сојузната морнарица, само две се подготвени за акција, зашто нема доволно персонал. На Бундесверот, според искуствата досега, му се потребни годишно околу 60.000 луѓе кои ќе конкурираат за да најде 20.000 соодветни војници за доброволната воена служба. Поради бројно слабите генерации, моментно опаѓа бројот на оние кои се пријавуваат, а истовремено се зголемува изобилството понуди од стопанството.

Со својата офанзива на атрактивност министерката за одбрана сака да ги привлече младите луѓе, досега одвратувани од лошите услови. Бундесверот, според неа, треба да биде еден од најатрактивните работодавачи во земјата и да се мери со средно големите стопански претпријатија.

Fallschirmjäger-Kaserne in Seedorf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шефови на скратено време

Посебно важна е компатибилноста меѓу работата и семејството, изјави Урсула фон дер Лајен, која самата е седумкратна мајка. За таа цел во иднина дури и луѓето со повисок чин ќе можат да работат со скратено работно време. Во поглед на парите, се истакнува - во изминатите 25 години не се зголемени додатоците за многу ризични и оптоварувачки дејности. Затоа за демонтерите на мини, нуркачите или оние кои работат во бункери без дневна светлина или на бродови, ќе има повеќе пари. И припадниците на слабо платените елитни специјални борбени единици конечно треба да добијат поголеми плати.

Во иднина сите ранети во мисии ќе бидат третирани по исти критериуми. Важноста на законот ќе биде ретроактивна од 1 јули 1992 година, со што ранетите од мисиите во Босна и Херцеговина и Косово ќе добијат исти обесштетувања како и ранетите од Авганистан. Подобрувања треба да има и кај унапредувањето во службата и во пензиското осигурување на околу 120.000 војници со долг рок во службата на одредено време, што е посебно скапо. Бундесверот, од аспект на надлежната министерка, треба да анулира многу поголем дефицит во односот кон персоналот во споредба со останатото општество.

Поголемата атрактивност чини една милијарда евра

Министерката Фон Дер Лајен ја отфрли критиката, според која парите треба побрзо да бидат вложени во модернизирање на делумно руинираното вооружување на Бундесверот. Дискусијата околу тоа се разгоре во последно време, откако беше констатирано оти голем дел од авионите, хеликоптерите или бродовите не се употребливи за акција. Професијата војник навистина не е како другите, истакна министерката, но не постои ниедна причина луѓето, кои во екстремни случаи го ставаат на коцка својот живот, да бидат третирани полошо отколку оние во цивилната област.

Министерката укажа и на различните димензии на трошоците за персонал и оружени системи. Така, вкупниот пакет мерки со кои се сака зголемување на атрактивноста на Бундесверот, во идните четири години би изнесувал околу една милијарда евра. А само девет од најскапите проекти за оружје чинат 57 милијарди евра.