1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Тајните акти на бугарските владици

П. Туцек/Ж. Ацеска18 април 2014

Бугарската православна црква како да не сака да расчисти со кодошите во попска мантија, кои во комунизмот соработувале со тајните служби. Таа одбива секаков вид соработка со комисијата која го расчистува мрачното минато

https://p.dw.com/p/1BWWR
Фотографија: Reuters

Помпезна богослужба во чест на поглаварот на Бугарската православна црква. Патријархот Неофит ја слави првата годишнина од интронизирањето во црквата Александар Невски во Софија.

И тоа, иако непосредно пред изборот, тој и 10 од 14-те владици беа разоткриени како агенти на бугарската државна тајна служба.

За православните свештеници, кои на само неколку километри оддалеченост држат опело на споменикот на жртвите на комунизмот, тоа до денес е несфатливо. Во знак на протест тие се одвоија од своето црковно раководство, кое генерално го избегнува споменикот.

Еден од нив е свештеникот Димитар Амбарев. Поради антикомунистички ставови, тој своевремено поминал пет години во затворите на бугарскиот режим. До денес не знае кој го поткажувал:

„Луѓето таму беа оставани да изгладнат или беа убивани на садистички начин. Овие овде беа мои браќа во борбата против комунистичката диктатура. Спомеников беше подигнат дури во 2012. година, тогаш и со потсмев од политиката. Ни црквата не сакаше да има врска со споменикот.“

Neofit neues Kirchenoberhaupt in Bulgarien
Од интронизирањето на Патријархот НеофитФотографија: picture-alliance/dpa

Во архивите на Комисијата за увид во актите на службата за државна безбедност има 14 километри документи, меѓу кои се и досиејата на владиците. Но, црквата одби секаков вид соработка, дури се обиде и да ја спречи работата на Комисијата. Црквата не прифати интервју во врска со тоа, што и не беше изненадување за раководството на архивот. Антониа Топчиева од Архивот на тајната служба истакнува:

„Некои од актите имаат по неколку папки. Тоа покажува дека некои од владиците навистина соработувале со тајната служба. Единствено што можевме да направиме е да ја информираме јавноста. Но, законот не предвидува санкции за овие владици“.

Соработката на црквата со комунистичките властодршци во Бугарија има долга традиција. Во Музејот за тоталитарна уметност во Софија може да се види колкава била блискоста на владиците со политичкото раководство. Иако дел од имотот на црквата бил подржавен и христијанските церемонии практично забранети, режимот толерирал некои православни ритуали. За возврат, црквата систематски била инструментализирана.

Тајните акти на бугарските владици

По крајот на комунизмот, некои свештеници се здружиле со олигарсите. На удар на критиката за вмешаност во дубиозни работи првенствено е митрополитот на градот Варна, Кирил, исто така поранешен агент.

Човекот, кој сакаше скапи автомобили, лани беше најден мртов на плажа на Црното Море.

Љубомир Попов, свештеник од епархијата во Варна, кој со години јавно го жигосуваше однесувањето на својот претпоставен, беше исклучен од црквата. Оттогаш тој мора да одржува богослужби во импровизирана црква. Многумина верници ја поддржуваат неговата желба за нов почеток.

„Овие владици ја загубија својата вера... Списоците на колаборационисти покажуваат дека целото раководство на православната црква било во рацете на тајната полиција. Владиците сакале да бидат политички фигури или дел од еден корумпиран политички и олигархиски систем,“ вели Попов.

25 години по крајот на комунизмот, поранешните кодоши на тајната служба смеат сосем легално да работат во државните институции, така е според законот во Бугарија. Световно правило, за кое цврсто се држи и Бугарската православна црква.