1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел и Киев предупредуваат од заострување на конфликтот во Украина

СН/емф/дпа/миа/афп30 август 2014

Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо и украинскиот претседател Петро Порошенко, пред почетокот на самитот на лидерите на ЕУ предупредија од незапирливо заострување на украинската криза.

https://p.dw.com/p/1D45h
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шефовите на држави или влади на земјите-членки на Европската унија денеска (30.08) во Брисел учествуваат на вонреден самит, кој во основа беше планиран за барање на наследници на претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој и за високата претставничка на Унијата за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон. Но со оглед на растечкиот број индиции за присуство на руски војници во Украина, лидерите на ЕУ ќе ја разгледаат состојбата во кризната земја и многу веројатно ќе договорат нови санкции против Москва. Спроти самитот, претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо денеска во Брисел предупреди дека ситуацијата во Украина се приближува до точката од која нема враќање и оти Русија ќе ги сноси последиците доколку итно не го смени однесувањето.

„Ситуацијата во Украина драматично се влоши и се приближува до точката од која нема враќање“, изјави Барозо по средбата со украинскиот претседател Петро Порошенко во седиштето на Европската унија, дополнувајќи дека истото тоа вчера телефонски му го кажал и на рускиот претседател Владимир Путин.

Барозо рече дека присуството на Русија во Украина е неприфатливо и и‘ порача на Русија да не ја потценува одлучноста на ЕУ да ги брани принципите врз основа на кои е и формирана.

Тој предупреди дека Европската комисија подготвила нов пакет санкции против Русија, а лидерите на ЕУ на денешниот состанок во Брисел ќе одлучат за нивната примена.

„Сѐ уште не е доцна да се запре ескалацијата и да се најде политичко решение, рече Барозо пред новинарите, дополнувајќи дека во Брисел се‘ уште се подготвени на компромис и дијалог со Москва.

„Нашата врата е отворена, а конфликтот и конфронтациите не се во ничиј интерес“, подвлече Барозо.

На заедничката прес-конференција, Порошенко рече дека Украина е „жртва на странска агресија и терор“ и оти на нејзина територија се наоѓаат „илјадници странски војници и стотина тенкови“.

Тој се согласи дека е близу точката од која нема враќање и нагласи дека е убеден оти ЕУ ќе има сила да се спротивстави на агресијата и и оти ќе и‘ воведе на Русија нови санкции доколку не може да го промени нејзиното однесување.

„Денес е во прашање судбината на Украина, а утре можеби на целиот свет“, предупреди Порошенко.