1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бремен нема да биде домаќин на германската репрезентација

Б. Георгиевски/дпа25 јули 2014

Германската фудбалска федерација му ја одзема на градот Бремен организацијата на квалификацискиот меч против Гибралтар. Претходно, градот одлучи организаторот на мечот да ги сноси полициските трошоци.

https://p.dw.com/p/1Ciwm
Фотографија: picture-alliance/ATP

Судирот меѓу градот Бремен и Германската фудбалска федерација- ДФБ ги донесе и првите последици. Откако вчера покраинскиот Сенат во Бремен донесе одлука дека оној кој организира спортски натпревари во градот, во иднина ќе мора да ги сноси и трошоците за полициското обезбедување, ДФБ возврати со префрлање на мечот од квалификациите за Европското првенство во фудбал против Гибралтар во Нирнберг.

„Многу ни е жал што навивачите во Бремен нема да имаат можност да ги гледаат нашите светски прваци во нивниот град“, соопшти претседателот на ДФБ, Волфганг Нирзбах.

Властите во Бремен во вторникот донесоа одлука со која во иднина дел од трошоците за полициското обезбедување на натпреварите ќе треба да ги плаќа и организаторот на мечевите, односно во конкретниот случај, фудбалскиот клуб Вердер и Германската фудбалска федерација. Ваквата одлука жестоко ја критикуваа од Германската фудбалска федерација, каде стравуваат дека и други покраини би можеле да го следат примерот на Бремен. Од ДФБ веќе се заканија и со судска тужба против покраината.

Лути поради одземањето на организацијата на мечот се и во Бремен. Сенаторот за внатрешни работи Улрих Маурер ја критикува одлуката: „Очекувавме дека фудбалската организација ќе ни се спротивстави со аргументи, а не со казни. Овој бојкот цели кон фудбалските навивачи“, рече тој.

Во поддршка на градот Бремен се јави и германскиот полициски синдикат, каде одлуката на ДФБ ја оценуваат како неправедна. Во синдикатот сметаат дека не е фер трошоците за организација на фудбалските натпревари да ги сносат само даночните обврзници, а не и оној кој ги организира натпреварите.

И неколку други германски покраини размислуваа да донесат слични закони, но досега тие не добија мнозинство во Хамбург и во Северна Рајна Вестфалија.