1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бранувања околу хонорарите: закон за работнички права или државен профит

Костадин Делимитов22 декември 2014

Кој ќе ќари повеќе од законот за придонеси за хонорарците, работниците или државата? Синдикатите во Македонија повторно се поделија. Дел од невладините на нозе, експерти се сомневаат во уставноста на решението.

https://p.dw.com/p/1E8Qy
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кулминира незадоволството од законското решение за плаќање на придонеси за хонорарите кое стапува на сила од почетокот на 2015. Хонорарци, вработени, студенти, бараат стопирање и измена или повлекување на законското решение со кое се воведува задолжително социјално осигурување. Од 1 јануари 2015 сите лица кои добиваат паричен надомест по основ на хонорар, договор на дело или авторски договор, наместо досегашните 10, ќе плаќаат 35% давачки кон државата за персонален данок, пензиско и здравствено осигурување. Обврската важи за секој кој остварува најмалку 9590 денари месечно. Законското решение според Владата ќе има позитивни ефекти, ќе обезбеди социјална сигурност, ќe ги спречи досегашните злоупотреби со правата на работниците. Измените биле направени согласно искуствата од Европската унија. Дел од синдикатите и невладините организации пак предупредуваат дека законот дополнително ќе ги осиромаши граѓаните и ќе делува дестимулирачки:

„Постои опасност и оние што се досега во работен однос да се пријават како хонорарци. Тогаш тие ќе ги загубат и оние права што ги имаат со законот за работни односи, К 15, годишен одмор, боледување, а газдите ќе бидат чисти бидејќи ги пријавиле како хонорарци. Овој закон ќе ја влоши состојбата на сите граѓани и затоа бараме негово отфрлање. Владата тврди дека со ова ќе се спречи сивата економија, но кој ги спречува инспекциите досега да работат против тоа, да вршат контроли и да казнуваат. Ресорниот министер не не‘ прими на разговор за да ги разјасниме нејаснотиите околу функционерите кои се изземени, но што станува со членовите во управните одбори, надзорни одбори? Тие остануваат привилегирани! Затоа ќе го оспориме законот и пред Уставен суд“, предупредува Марјан Ристески од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Studenten Demo in Skopje Mazedonien 10.12.2014
И студентите се против Законот за хонорарците (фотографија од студентските протести против државниот испит)Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Лажна слика за невработеноста?

Наместо вработување на хонорарците ќе има хонораризирање на вработените особено во медиумскиот сектор, предупредуваат и од Самостојниот синдикат на новинарите. Реагираат и од Студентскиот пленум, од каде предупредуваат дека законската мерка има цел да се создаде лажна слика за невработеноста во земјата врз грбот на студентите. Со ваквата владина реформа студентите сметаат дека ќе ги загубат и оние малку средства кои можат да ги заработат за време на студиите. Наспроти ваквите ставови на дел од синдикалните организациии, од Сојузот на синдикати на Македонија и Конфедерацијата на синдикатите застанаа во одбрана на законот. Решението, според нив, ќе има позитивни ефекти и ќе донесе поголема социјална сигурност за хонорарците. Ваквата состојба на спротивставеност наспроти единство во синдикалните ставови и оценки делуваат збунувачки и чудни во јавноста. Експертите кои подолг период ја анализираат состојбата со синдикалното движење во земјата не се изненадени:

„Ако некој партиски се определил, однапред мора да го поддржува, нема друго чаре. Генезата за таквата состојба треба да се бара уште во 2010 година. Ако некој некого го избрал на некакви нелегитимни избори, тогаш тој ќе мора и понатаму да дава поддршка. Тоа ја одразува партизираноста во синдикатот и покажува дека не постои социјален дијалог. Мерките се носат еднострано, без дијалог на маса што се покажува и со барањата на студентите, каде е социјалниот дијалог. Лошо е што синдикатите имаат различни ставови за едно законско решение, но тоа е кога другата страна нема доволно јасни аргументи. Прашањето на пензиско и здравствено осигурување е врзано со работен однос, тој случај се категоризира со работен однос. А во случајов нема да биде така, бидејќи тие што ќе ги плаќаат придонесите нема да ги уживаат и правата од работниот однос. Сите овие права хонорарците ги немаат и нема да ги добијат ако плаќаат придонеси“, предупредува Драге Јовановски, експерт по трудово право.

Symbolbild Inflation
Фотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе дискутабилни прашања

Правни експерти пак предупредуваат дека законското решение отвора повеќе дискутабилни прашања. Клучната дилема, според нив, е дали придонесите и на веќе вработените треба да се плаќаат на ваков начин, но и таксативното набројување на категориите кои треба да плаќаат а не сите, што создава ситуација на дискриминација:

„Во една ваква состојба, според мое мислење, најдобро решение е за законското решение да се бара правна заштита пред Уставниот суд. Иницијаторите треба да продолжат по овој пат, бидејќи одлуките на уставниот суд се правосилни, извршни и конечни. Сметам дека судот во овој случај ќе заземе став дека ваквите законски решенија немаат подлога во нашиот највисок правен и политички акт. Во однос на протестите пак јас имам мала резерва, бидејќи не треба на ваков начин овие прашања да се проблематизираат и политизираат. За овој проблем постапката треба да продолжи пред Уставниот суд“, смета професорот Осман Кадриу.

Лани во Македонија над 100 илјади граѓани работеле како хонорарци, а 27 илјади луѓе со авторски договори. Според некои проценки, по овој законски основ, годишно во буџетот ќе се слеат дополнителни 40 до 50 милиони евра. Сите овие пари ќе се слеат во првиот пензиски столб, а не и во двата столба, како што тоа го прават сите вработени од 2003 година.