1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бојкотот продолжува, власта останува глува и слепа

Костадин Делимитов23 април 2015

Молкот на институциите го зголемува револтот кај средношколците, кои не се откажуваат од барањата за поефикасно образование. Обидите за политичко дискредитирање само ја влошува состојбата, предупредуваат експертите.

https://p.dw.com/p/1FDIn
Фотографија: Petr Stojanovski

„Ние сме ученици, не не‘ интересира политика, туку образование и на цела јавност тоа треба да и‘ стане јасно!“ Средношколците стануваат се‘ погласни во битката за поефикасно образование, наспроти власта која упорно се прави глува и слепа пред растечкиот револт, но и бојкот што веќе две недели се случува во средните училишта. Учениците не се откажуваат во намерата да седнат на маса со надлежните и да договорат решение за нивните барања за кои велат дека се повеќе од јасни. Враќање на стариот концепт на државна матура и суштински промени во екстерното тестирање:

„Ние не одиме против образованието, напротив, нас не‘ засега образованието и се обидуваме да го подобриме. Но не‘ револтира што нема никаков фидбек, вложуваме огромни напори не само за нас, туку и за идните генерации да учат во едно поквалитетно средно образование. Нашата кауза е чиста. Многу ни е жал што секое движење во ова општество што се обидува нешто да смени, да укаже на еден проблем кој реално постои и е поткрепен со аргументи, веднаш станува предмет на етикетирање. Не ја разбираме потребата тоа да биде предмет на политички манипулации, да се искористува за политички цели. Апсолутно се оградуваме и не сакаме никој да стои зад нас. Ние сме средношколци, нас не не‘ интересира политика, нас не‘ интересира образование и тоа треба на сета јавност да и‘ стане јасно! Поентата ни е да ги смениме овие работи, бидејќи сметаме дека го деградираат квалитетот на средното образование. Повеќепати баравме средба со надлежното министерство, но одговор нема. Едноставно сакаме да седнеме на маса со некој од надлежните за да дискутираме за нашите проблеми“, изјави за Дојче веле Дејан Рајковски од Средношколскиот пленум.

Schüler protestieren gegen Reformen des mazedonischen Bildungssystems
Фотографија: Petr Stojanovski

Поддршката на терен расте, Министерството молчи

Наспроти глувоста кај институциите, расте поддршката на терен. Рамо до рамо со средношколците во Скопје и Битола денеска ќе маршираат нивните повозрасни колеги од факултетите, професори, родители:

„Ние не настапуваме со барања, туку со солидарност и поддршка на нивните легитимни барања. Ги поддржуваме бидејќи сме во заедничка битка за подобро образование. Увидовме дека одлично ги препознале проблемите со реформите и одлично ги аргументирале пред надлежните. Ги поддржуваме затоа што и самите се поистоветуваме со нив бидејќи сите притисоци што им се вршат врз нив се вршеа и на нас во почетокот на движењето. Доста сме револтирани од фактот што повеќе од 18.000 средношколци бојкотираат, а нивниот глас воопшто не е слушнат и немаат никаков одговор од Министерството, ниту кој било од надлежните“, вели Матеја Николиќ од Студентскиот пленум.

Од Министерството за образование упорно молчат на барањата за средба. Од кабинетот на министерот Адеми нема одговор кога и дали воопшто ќе има средба со овие ученици и каков е ставот на Владата во однос на нивните барања.

Ако не сега, кога?

Експертите предупредуваат дека ваквиот игнорантски однос кон младите ученици и се‘ погласните обиди за нивно дискредитирање и политичко етикетирање се контрапродуктивни и штетни за образовниот систем во целина:

„Министерството треба да ги земе предвид сите релевантни фактори, посебно во случајов кога станува збор за граѓани коишто правилно ги определуваат проблемите и бараат нивно решавање. Ако се тргне од тоа основно барање дека треба да се внимава на сето она што некои од граѓаните ќе го постават, а навистина е правилно поставено, тогаш апсолутно е неоправдано тоа да се игнорира, сеедно од кого доаѓа, а посебно од огромен број на ученици. Зачудува што во целиот процес никако не се вклучени родителите коишто во основното и средно образование треба да бидат сериозен партнер. Сите оние непотребни вмешувања коишто создаваат дополнителни проблеми можат да нанесат поголема штета од позитивниот ефект којшто доаѓа од учениците, кои во основа правилно ги поставуваат проблемите“, реагира универзитетскиот професор Ненад Новковски.

Барањата на средношколците добија поддршка и од Првата детска амбасада Меѓаши која во отворено писмо му порачува на министерот Адеми: „Ако не сега министре, кога? Децата ризикуваат матура и упис на факултет! Протестираат и бојкотираат и се солидаризираат едни со други без оглед дали ќе полагаат математика или не. Изложени се на секојдневни притисоци дека нема да полагаат матура, дека мора да потпишуваат разни изјави. Не ни е јасно што се чека?“, реагираат од „Меѓаши“, кои првиот чекор на промена го гледаат во воспоставување на комуникација. Паралелно со револтот расте и загриженоста околу самиот образовен процес. Родители со право веќе со денови јавно апелираат да се најде решение кое ќе го прекине бојкотот и ќе овозможи продолжување на наставниот процес во училиштата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема