1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов победува, а Станишев мерка еврокомесарско место

Емилијан Лилов / Александар Методијев18 јуни 2014

Партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов – ГЕРБ, ќе победи на предвремените парламентарни избори во Бугарија, а Сергеј Станишев ќе се бори за еврокомесар, проценува за Дојче веле политикологот Јохана Дајмел.

https://p.dw.com/p/1CKHX
Фотографија: DW/M. Ilcheva

Претседателот на Бугарската социјалистичка партија Сергеј Станишев е под притисок и би сакал избори уште во јули, за да си го задржи местото во партијата, за да нема време да се свика партиски конгрес за избор на нов лидер. Вака го толкува брзањето на Станишев за нови избори германскиот политиколог и заменик-директорката на Друштвото за Југоисточна Европа Јохана Дајмел. Предвремените парламентарни избори во Бугарија сепак ќе се одржат наесен - во периодот меѓу 28 септември и 12 октомври.

Притисокот на Станишев му доаѓа и од новата партија АБВ, која би можела да стане социјалдемократска алтернатива на неговата партија. Дајмел смета дека оваа партија може да стане сериозен конкурент на БСП, и покрај тоа што не доживеа успех на изборите за Европскиот парламент.

Според неа, Станишев сега се обидува да си ја осигура својата европска политичка иднина и да учествува во распределбата на клучните европски позиции. Имено, сега, а не дури наесен се договараат персоналните решенија и Станишев би сакал да биде номиниран за еврокомесар, смета Дајмел.

Кој ќе му биде партнер на ГЕРБ на Борисов?

Што се однесува до шансите на главните политички партии на следните избори, германскиот политиколог прогнозира победа за ГЕРБ. Според неа, на владејачката БСП, во најдобар случај, ќе и’ успее да го постигне резултатот од мајските избори за Европскиот парламент. Дајмел смета дека коалициониот партнер за новата влада ќе треба да се бара меѓу новата партија Бугарија без цензура (ББЦ) на Николај Бареков и Движењето за права и слободи (ДПС), кое според германскиот политиколог е партијата што Борисов ја претпочита.

Johanna Deimel Politologin
Јохана ДајмелФотографија: privat

Дебаклот на „Атака“ на Волен Сидеров не значи крај на националистите во Бугарија. Дајмел смета дека „за жал во Бугарија отсекогаш имало место за националистички и екстремно десничарски политички формации“ и укажува дека „Националниот фронт за спас на Бугарија (НФСБ) веќе ги стега своите редови“.

Кризата во довербата не може да се реши преку задолжително гласање

Заменик-директорката на Друштвото за Југоисточна Европа предупредува дека политичката стабилност не може да биде постигната со задолжително гласање. Таа нагласува дека и оние кои не гласаат всушност го даваат својот „глас“ со воздржувањето. Таа смета дека кризата во довербата на населението во политичарите не може да се надмине со воведување на задолжително гласање.

Германскиот политиколог оценува дека се можни внатрешно-политички изненадувања во Бугарија, кои би произлегле од прашањето за „Јужен тек“. Таа нагласува дека има нејаснотии околу политичките влијанија врз проектот.

„Ако од сето тоа се изроди дебата за влијанието на бугарските и руските олигарси во носењето на политичките одлуки, тогаш тоа ќе биде корисно за земјата и ќе одговори на барањата на бугарските граѓани за демократизирање и транспарентност на политичката култура“, вели Јохана Дајмел. Таа сепак се сомнева дека ќе бидат објавени договорите со „Газпром“.

Во однос на транспарентноста, според Дајмел е нужно да се расправа и за тоа како Бугарија ги искористува средствата од европските фондови, кои Брисел продолжува да и’ ги замрзнува. Германскиот политиколог смета дека е потребна јавна дебата за распределбата на овие средства. Заменик-директорката на Друштвото за Југоисточна Европа заклучува дека таа дебата би можела да ја подобри политичката култура во Бугарија.