1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борбата на Русија против невладините организации

Темсин Волкер / Александар Методијев20 август 2014

Русија означи пет големи невладини организации како „странски агенти“ и со тоа го продолжи веќе постојниот список. Дали тоа има поврзаност со растечката напнатост меѓу Москва и Западот?

https://p.dw.com/p/1CxMl
Фотографија: Getty Images

Рускиот претседател Владимир Путин не беше на таа функција ни три месеци кога во јули 2012 година испрати јасен сигнал до невладините организации (НВО) преку еден спорен закон. Тој тогаш наложи политички активните НВО, кои се финансирани од странство, да мора да се регистрираат како „странски агенти“. Тоа доведе до кампања во која се проверуваше работата на тие организации, а некои од нив мораа да платат и казни.

Две години подоцна, активисти за човекови и граѓански права и натаму се борат со Законот за невладините организации. Кога стана јасно дека активистите нема доброволно да ја прифатат етикетата „странски агенти“, Кремљ пролетоска го заостри законот. Оттогаш Министерството за правда смее некоја НВО самостојно да ја регистрира како „странски агент“.

Само неколку дена откако Путин го потпиша новиот закон, првите НВО се ставени на спорниот список. Оттогаш списокот стануваше се’ подолг. Така, само во јули како „странски агенти“ се регистрирани нови пет организации за заштита на човекови права и групи за заштита на околината.

„Опасност за руското единство“

Путин тие пет групи тогаш ги означи како „марионети на невладините организации“ и примери за „индиректно вршење на власта“, со цел да се ослабне нацијата. „На таквите предизвици мораме да реагираме на соодветен начин“, рече Путин. Невладините организации кои се најдоа на списокот законски се обврзани се’ што публикуваат и делат да го означат со името на групата и да наведат дека се „странски агенти“.

Natalia Taubina
Таубина: Ние не сме странски агентиФотографија: Patrizia Williams

Наталија Таубина е шефица на една НВО која ги поддржува жртвите од кршењето на човековите права од страна на руските институции за спроведување на законот. Името на оваа организација е „Јавна пресуда“ и таа се наоѓа на списокот. Таубина вели дека законот за невладините организации поставува неразумни барања.

„Тоа е апсурдно. Ние не сме странски агенти. Се залагаме за интересите на руските граѓани така што правно ги поддржуваме жртвите од кршењето на човековите права“, вели Таубина.

На невладините организации кои се на списокот и кои во своите документи нема да напишат дека се „странски агенти“ им се заканува казна и до 10.000 евра.

Тоа за невладините организации, кои и онака имаат мал буџет, е речиси невозможна сума. Ознаката е толку понижувачка, што нејзиното користење е некој вид на самоказнување, вели Павел Чиков, шеф на групата за заштита на човековите права „АГОРА“.

Pavel Chikow AGORA Association EINSCHRÄNKUNG
Чиков: Поимот „странски агент“ во Русија значи исто што и шпионФотографија: AGORA Association

„Во Русија изразот ’странски агент’ значи исто што и шпион. Таа интерпретација на поимот потекнува уште од ерата на Сталин. Тогаш владело мислење дека странските шпиони се насекаде. Сега е слично“, објаснува Чиков.

Тој гледа уште една паралела со минатото. Чиков смета дека рускиот претседател се обидува, како во советското време, да навлече „железна завеса“, зад која ќе нема место за гласните критичари на режимот. „Главната цел е групите, каква што е нашата, да се присилат на лојалност или да исчезнат“, вели Чиков.

Врски со Западот

Заострената регулатива се случува во моменти кога односите меѓу Западот и Москва се и онака напнати. Меѓутоа, впечатокот на активистите во Русија е дека со заострувањето на Законот за невладините организации треба повеќе да се изрази внатрешната, отколку надворешната моќ на руските власти.

Сепак, доколку временто е избрано намерно, тогаш тоа е така затоа што Москва користи поволна прилика, смета Тања Локшина, шефица на „Хјуман ратс воч“ за Русија.

„Верувам дека Русија сега се обидува да им ја затвори устата на своите најголеми критичари во моментот во кој меѓународните партнери се концентрирани на Украина, посебно по падот на авионот МХ17“, вели таа. „Другите земји сега не гледаат толку многу како претходно што се случува внатре во Русија“, додава Локшина.

Tanya Lokshina
Локшина: Невладините организации означени како „странски агенти“ автоматски ја чувствуваат недовербата на населениетоФотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе невладини организации, кои се регистрирани како „странски агенти“, поднесоа заедничка жалба во Европскиот суд за човекови права.

Независност преку различни донатори

Локшина вели дека НВО, кои се означени како „странски агенти“, автоматски ја чувствуваат недовербата на населението. „Тие организации во своите анализи веќе нема да можат на веродостоен начин да ги застапуваат своите интереси, а нивните стратешки препораки веќе нема да се земаат предвид“. Со тоа се поставува и прашањето како тие организации ќе се финансираат во иднина во Русија.

Наталија Таубина вели дека во интерес на Кремљ е на тие организации да им запрат парите. Нејзината организација добива финансиска помош од ЕУ, ОН, САД, Велика Британија, Норвешка, но и од Русија. Таа верува дека различните извори на финансирање се клуч за независноста.

Сепак, владата сака невладините организации во иднина да ги финансира исклучително Русија, затоа што таа не може да ги контролира невладините организации кои добиваат пари од странство.