1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борбата на Меркел со аферата на тајната служба БНД

Кај-Александер Шолц / Е.М. Фиданоска29 мај 2015

БНД-аферата од неодамна повторно е најжешка тема во политички Берлин. Ангела Меркел првпат е ставена во внатрешнополитички теснец. Колку е аферата опасна за германската канцеларка?

https://p.dw.com/p/1FXYT
Фотографија: picture-alliance/S. Simon

Влијателниот њујоршки економски магазин „Форбс“ петти пат по ред на првото место на листата на највлијателни жени во светот ја стави германската канцеларка. Вкупно, таа дури девет пати била на прва позиција на листата. Во обрзаложението се вели дека таа во финансиската криза ја спасила Германија од сериозна рецесија. Освен тоа, таа ја искористила својата моќ против Исламска држава и на Курдите им испратила оружје. Со тоа го скршила повоеното табу за воено немешање. Покрај тоа, Меркел во кризата во Украина сака да го придобие Путин за мирно решение преку дипломатија. Се истакнува и помошта на Меркел во грчката криза. Ангела Меркел - менаџерка со кризи.

Меркел во Германија, поради ваквиот имиџ, е една од најомилените политичари и ужива голема доверба кај населението. Таа е и шефица на ЦДУ, партијата која на сојузно ниво обединува најголем број гласови. Меѓутоа, сега Меркел се најде во критична ситуација. Причина за тоа се активностите на тајната служба БНД.

Политички пораки

Станува збор пред се‘ за однесувањето на администрацијата на Меркел по откритијата од страна на Едвард Сноуден летото 2013. година. Она што експертите за шионажа и претставници на тогаш политички се‘ уште релевантната Партија на пиратите го претпоставуваа, имено дека интернетот е и средство за шпионирање, одеднаш и‘ стана јасно и на широката јавност.

Сноуден се случи среде изборната кампања на ЦДУ. Меркел реагираше со изјава дека интернетот претставува „непознато подрачје“. Канцеларката замоли за разбирање, рече дека многу работи законски се‘ уште не биле регулирани. Но потоа на виделина излезе дека германската служба за разузнавање БНД соработувала со американската служба НСА долго време. Значи, толку неоткриено „неоткриеното подрачје“ и не било. Кабинетот на канцеларот, конечно, има обврска за законски и стручен надзор над БНД.

Bundeskanzlerin Merkel NSA Überwachung Obama
Меркел и Обама - постојано во дијалог околу шпионирањетоФотографија: Getty Images

Договорот за нешпионирање е само приказна?

Кога аферата продолжи да се распламтува, шефот на кабинетот на канцеларката Роналд Пофала едноставно ја прогласи аферата за завршена. Но и тоа не функционираше. Следуваше, во меѓувреме познатата, реченица на Меркел: „Шпионирање меѓу пријатели, тоа не оди никако“. Во јавноста беше отворена дискусија за договор за нешпионирање. САД, како што тогаш се велеше, се подготвени да преговараат со Германија за ваков договор.

Christian Flisek Mitglied NSA-Untersuchungsausschuss
Кристијан ФлизекФотографија: picture-alliance/dpa

На германскиот парламент не му се допаѓаше однесувањето на сојузната влада, па во Бундестагот беше основана истражна комисија за аферата со НСА која оттогаш се обидува да ја разјасни состојбата. Тогашната дебата за договор за нешпионирање е „замајување во предизборната кампања“, критикува сега членот на комисијата Кристијан Флизек од СПД. Како што покажаа најновите истражувања, Меркел тогаш знаела дека нема конкретно ветување од страна на американската влада за ваков договор за нешпионирање. Ветено било само дека ќе се размисли за вакво нешто. Флизек сега бара од кабинетот на Меркел да соработува со истражната комисија за „материјата да биде офанзивно сортирана и наново класифицирана“. Во спротивно, во јавноста ќе се зацрвсти впечатокот дека „избирачите биле замајувани во текот на кампањата, па дури и излажани“. Меркел, според Флизек, сакала да се прикаже како херој со тоа што „на Американците ќе им пркоси со договор каков што нема во светот“.

Многу отворени прашања

Германската влада во меѓувреме преку својот портпарол соопшти дека во аферата БНД се постапува секогаш најдобро што е можно. Изјавата со шпионирање меѓу пријатели била само „политичка изјава“. Дали реалноста изгледа поинаку, дали БНД дејствува согласно законот ако шпионира европски партнери, или што всушност се „пријатели“ - за тоа германската влада во моментов избегнува директен одговор, укажувајќи дека се врши законско преиспитување. Од владини кругови се додава и дека за овие теми се разговара во контролното парламентарно тело, односно во истражната комисија.

Колку може да биде опасна аферата БНД за Меркел? Вообичаено, останатите партии внимателно ги следат потезите што се влечат во врска со шпионирањето, со намера од тоа да извлечат политичка полза. Двете опозициони партии - Левицата и Зелените се огорчени. Слични се изјавите и од коалициониот партнер на Меркел - СПД. Социјалдемократите со години имаат низок рејтинг од 25% и се надеваат на профилирање преку оваа тема. Меркел на последните избори беше главната фигура на ЦДУ/ЦСУ. Акон ејзиниот имиџ сега добие длабоки гребнатини, тоа би можело да се одрази врз резултатите на изборите во 2017 година. Во првите анкети Унијата веќе падна под границата од 40% доверба.

Аферата БНД веројатно можеби набргу ќе исчезне од листата теми кои ја возбудуваат јавноста. Впрочем, наскоро мора да се одлучи како натаму со Грција. Тоа е шанса за Ангела Меркел повторно да се профилира како менаџерка на кризи.