1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба за нафтата: Саудиска Арабија против суперсилата САД

Ханес Бројштет / Зоран Јордановски26 ноември 2014

Добивањето нафта од шкрилци го промени односот на силите во светот на енергетиката. Саудиска Арабија, еден од клучните ОПЕК-играчи, ја тестира границата по која САД би се откажале од користење на фрекинг-технологијата.

https://p.dw.com/p/1DtzS
Фотографија: picture-alliance/dpa

На пазарот на нафта се води борба за превласт: фрекинг-технологијата донесе револуција, САД се на пат да ја преземат доминацијата на пазарот. Саудиска Арабија се обидува да го запре бумот на користење на нафтени шкрилци и форсира нафтен дампинг, што треба цените на нафтата да ги симне под производните трошоци на американските фирми. Како резултат на тоа на пазарот има преголема понуда, а цените на нафтата се во слободен пад - од летоска наваму паднаа за една четвртина.

Еден барел (159 литри) сурова нафта од американската сорта ВТИ минатата недела чинеше помалку од 75 долари, што е најниска цена за последните четири години. Потрошувачите профитираат од војната на цените, но за многу држави-извознички на нафта ситуацијата се заострува.

САД - „бојно поле“

„На САД се гледа како на ново бојно поле“, вели Амрита Сен, експерт од аналитичкиот институт Енерџи аспектс. Фрекингот, технологија со која со дупчење во длабоки карпести слоеви со помош на хемикалии се ослободуваат во шкрилците наталожените гас и нафта, предизвика рапиден подем на американската енергетска индустрија. Производството на сурова нафта, според американската агенција за енергетика ЕИА, неодамна за прв пат по 70-те години на минатиот век надмина девет милиони барели дневно.

Symbolbild Fracking Anlage
Фрекинг-постројкаФотографија: Getty Images

САД го преплавија светот со евтина нафта. Тоа ја намалува профитабилноста, но и пазарната моќ на петро-држави како Саудиска Арабија, најголемиот производител во рамките на картелот ОПЕК. Досега Саудијците на паѓањето на цената на нафтата секогаш му се спротивставуваа со тоа што влијаеја за намалување на понудата. Но, овојпат не - на почетокот на ноември дури на американските клиенти им дадоа неочекуван вонреден попуст.

Тестирање на границата на издржливоста

Зад тој потег веројатно се крие некаква калкулација. Многумина познавачи на состојбите претпоставуваат дека Саудијците сакаат да ја тестираат границата на издржливоста на американските производители на нафта. Фрекингот е скап во споредба со класичното црпење нафта. Доколку цената на нафтата многу падне, производството со фрекинг ќе стане неисплатливо и бумот ќе заврши. Спорно е, меѓутоа, каде е границата. „На пазарот му се потребни долгорочни инвестиции, за кои критична граница претставува цената од околу 90 долари за барел“, вели аналитичарката Сен.

Од ЕИА, пак, велат дека производните трошоци кај фрекингот во последно време значително се намалиле и неекономичните производители имаат само мал удел на пазарот. „Дури и ако цената на ВТИ-нафтата трајно падне под 75 долари, порастот и во наредните години ќе остане не релативно високо ниво“, смета Едвард Морс, раководител на одделот за суровински анализи во Ситигруп.

Војната со цените како конјунктурна програма

Нејасно е исто така дали Саудиска Арабија ќе може и натаму да ја наметнува својата стратегија на евтин снабдувач во рамките на картелот ОПЕК. Поради паѓањето на цената на нафтата, неколку земји-членки на ОПЕК имаат сериозни проблеми. Тоа навестува дека со нетрпение очекуваната утрешна (27. ноември) средба на ОПЕК ќе мине под знакот на конфликт.

За потрошувачите оваа војна со цените е благослов: агенцијата ЕИА предвидува дека цените на горивата во САД во 2015 година ќе бидат најниски за последните 4 години. Меѓународниот монетарен фонд пресмета дека намалување на цената на сурова нафта за десет проценти придонесува за стопански пораст на глобално ниво од 0,2 процента - колку е поповолна цената на нафтата, толку пониски се производствените трошоци на многу индустриски претпријатија. На потрошувачите ќе им останат повеќе пари за трошење, што ќе ги заштедат со намалените трошоци за гориво и греење. Така, војната со цените на пазарот на нафта, со извесно одложно дејство, би можела да дејствува и како енормна конјунктурна мерка.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема