1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бомбите“ на СДСМ одекнаа и во Охрид

Милчо Јованоски16 април 2015

Новата 21 политичка „бомба“ денеска одекна во Охрид. СДСМ презентираше осумнаесет прислушувани разговори кои според нив ги водат високи функциониери од власта, а за кои пак тие тврдат дека се монтирани.

https://p.dw.com/p/1F9ZM
Фотографија: Petr Stojanovski

„Јавноста ќе слушне за манипулациите со вистината и злоупотребата на медиумите од страна на власта на Никола Груевски. Таканаречените бомби ги презентираат фабрикуваните скандали и местенки пред локалните избори во 2013 година, како и злоупотребата на сите државни институции за партиските интереси на ВМРО ДПМНЕ . Во Охрид дури биле ангажирани и параполициски структури се’ со цел локалната власт да падне во нивни раце“, рече на пресот Томислав Тунтев , претседател на СДСМ – Охрид. Новинарите, членовите на опозициската СДСМ и охриѓани со чудење и неверување ги проследија разговорите кои наводно ги воделе Мартин Протуѓер шеф на кабинетот на премиерот Никола Груевски и главниот и одговорен уреднки на телевизија Сител Драган Павловиќ – Латас во кој, како што беше речено на пресот, прават местенки и нарачки, невин човек да биде јавно понижен само затоа што бил пријател и поставен за директор од поранешниот градоначалник Александар Петрески и се обидуваат во скандалот да ја вмешаат и СДСМ.

Во Охрид беа обелоденети и сет разговори меѓу Протуѓер и министерот Миле Јанакиески, во кои, како што рекоа социјалдемократите, се слушна зошто градската власт на Никола Бакрачески не била заинтересирана за заштита на Студенчишкото блато. Според снимките за просторот кај блатото преку странска компанија требало да се договори купување на земјиштето во сопственост на Протуѓер и негови блиски роднини. Иако претходно Владата на тоа место предвидела туристичка – развојна зона и заштита на блатото како споменик на природата.

Најголем дел од обелоденетите разговори беа поврзани со наводните изборни злоупотреби и, како што беше речено на пресот, криминалот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид. Во нив министрите Јанкулоска и Ставрески велат дека им се смачило од она што се случува во Охрид. Охриѓани можеа да слушнат и за вмешаноста на одредени познати нивни сограѓани, блиски до власта од кои наводно била барана соработка само да се освои Охрид.

Aleksandar Petreski
Поранешниот градоначалник на Охрид, Александар ПетрескиФотографија: Milco Jovanoski

„Ќе ни се удри од глава соработката со таквите типчиња. Она што мислиш дека го прават за тебе,утре ќе го прават пет пати против тебе. Од искуство ти кажувам, на своја кожа сум почувствувала“, наводно вели Јанкулоска, а Протуѓер враќа: „Да знаеш со кого се занимавам ќе се скинеш од смеење. Со пола цигани, египќани, фараони, луди, сакати, багабонти. Ќе напишам посебни меомари за ова во Охрид. Лудница е ќе ти кажувам. Ама најважно е да победиме“.

Присутните со негодувања, најмногу реагираа на наводните местенки на власта да се земе во притвор поранешниот градоначалник Александар Петрески, а за дел од снимките рекоа дека веќе и претходно ги чуле.

„Не сум многу изнадена од она што го чув во снимките. Со нив мене како на локален политичар ми се потврдија сознанијата кои цело време ги имавме особено за време на локалните избори и потоа, изјави за ДВ, Верица Хајба советничка во Советот на Општина Охрид.

Граѓани кои сакаа да бидат анонимни само рекоа дека и со оваа бомба јасно е дека оваа власт треба што поскоро да си оди. Други пак очекуваа да има уште поконкретни тонски докази преку кои ќе се дознаеле манипулациите на ВМРО-ДПМНЕ особено сторени во Охрид.

Пред вечерашниот Марш на вистината во Охрид генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски за Дојче веле ги коментираше изјавите на одредени политичари и аналитичари за некава наводна меѓусебна политчка амнестија меѓу власта и опозицијата: „Тоа се ставови и можеби желби на одредени политчари. Ставот на СДСМ е дека мора да се врати демократијата и дека мора секој да одговара за какво било злодело без разлика на која политичка партија и припаѓа.Не смее никој да биде амнестиран за ништо и така да се врати довербата во институциите на државата.“