1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бомбата“ на Заев го чека денот „Д“

Катерина Блажевска20 ноември 2014

Според извори во СДСМ не е далеку денот кога „бомбата“ ќе биде објавена, а според аналитичарите ефектите од неа ќе зависат од квалитетот на доказите и од капацитетот за институционална разрешница

https://p.dw.com/p/1DqAt
Фотографија: Amalia Oganjanyan

Речиси два месеца македонската јавност е во исчекување - кога ќе „експлодира“, кого ќе го погодат и какви општествени рани ќе откријат шрапнелите од „бомбата“ што ја најави лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев. Иако нејзиното полнење не е барутно, туку најавено како супстрат од докази за разни видови криминал и фалсификување на избори, се подгреваат очекувања дека таа ќе биде „бурето барут“ што ќе ја доведе ситуацијата до точка на политички пресврт. Таква опција во неколку наврати најавува лично Заев.

„СДСМ и опозицијата имаат капацитет да направат систематска и прецизна, цела документација на аргументи. Во моментот кога се ќе се обзнани, за три дена власта ќе треба да замине, но за жал честа на Македонија ќе биде повредена и лично верувам дека ќе допре до сензибилитетот на меѓуетничките односи. Доказите и аргументите што ги имаме, во многу соодветно време ќе бидат објавени, затоа што јавноста мора да ги знае и се надеваме дека тоа ќе биде најбезболниот начин за нашата Македонија. Мојата верба во доказите и аргументите кои потврдуваат дека нема слобода и демократија во Македонија е толку голема, што го става во залог мојот политички и кредибилитетот на целото раководство на СДСМ. Ако не успееме, тогаш не заслужуваме да ја водиме опозицијата“, дециден беше Заев.

Имало ли тајни средби?

Ваквото објаснување кај аналитичарите ја отвори дилемата: Дали постојаното најавување, но и натамошното необјавување на тој „политички капитал“ има за цел да ја заштити честа на Македонија, па дури и по цена Груевски да остане во премиерската фотелја, или таа се користи само за да го принуди премиерот да попушти во однос на петтото опозициско барање - формирање на техничка влада. Според комуниколот Петар Арсовски, сите прашања произлегуваат од неизвесноста за тоа од каков квалитет е „бомбата“ на СДСМ.

„Ние не знаеме колкава 'тежина' има најавената афера и со какви докази е поткрепена. Демократскиот капацитет на институциите и јавноста во принцип е низок, што работи против тезата дека аферата ќе има силно влијание. Квалитетот на презентацијата во моментов е гамбит: одолговлекувањето на објавувањето од една страна ја електризира јавноста, но од друга силно ги подигнува и нејзините очекувања vis-a-vis квалитетот на самиот материјал. Ако аферата е навистина 'силна' гамбитот ќе се исплати, а ако се покаже дека бомбата повеќе личи на петарда, гамбитот ќе ја чини опозицијата во смисла на рејтинг“, смета Арсовски.

Со оглед дека Заев го стави во залог кредибилетот на раководството на опозицијата, очекувањата на јавноста се подигнати на највисоко ниво. Но, додека неизвесноста трае, во јавноста се шпекулира дека веќе се одржале две тет-а-тет средби меѓу Заев и Груевски, на кои „бомбата“ била ставена во преговарачка функција, со цел Груевски да прифати формирање техничка влада, не веднаш, туку постапно, откако ќе се исполнат другите четири барања. Од СДСМ ги демантираа тврдењата дека имало тајни средби Заев - Груевски, од ВМРО-ДПМНЕ ги игнорираа, а и портпаролот на Владата не даде одговор дали се одржале средби меѓу двајцата лидери во интерес на надминување на парламентарната криза.

Politik Skopje, Mazedonien
Во СДСМ одбиваат да говорат за детали околу најавената афераФотографија: Petr Stojanovski

Без камбани

Под претпоставка дека имало средби и дека „бомбата“ не помогнала во преговорите, прашањето е што, и зошто чека Заев, ако со одложувањето на големата вистина станува соучесник во криење докази? Според партиски извори, случајот „Македонска банка“ покажал како во оваа земја, со контролирано судство, завршуваат оние кои кои не сакаат да бидат соучесници во криење докази.

„Каква иронија! По аудио-снимката што ја слушна целата македонска јавност, судскиот процес заврши со тоа што Заев треба да му плати 50.000 евра нематеријална штета на премиерот. Затоа, брзање не смее да има. Се ќе биде објавено тогаш кога ќе дојде време, а тој ден не е далеку“, велат извори од опозицијата, упатени во партиската стратегија по прашањето за обелоденување на „бомбата“. За нејзината содржина одамна кружат многу шпекулации: дека содржи конкретни докази за корумпирање на гласачкото тело, за изборен фалсификат, за работата на судството, но и докази за следење на комуникациите на политичари и јавни личности. Токму во однос на последново, други се сомневаат дека Заев го избрал вистинскиот пристап.

„Вакви сознанија не се најавуваат со камбани. Дали своевремено Црвенковски по телевизии и трибини најавуваше дека ќе открие афера за прислушкување? Не. Освен можеби две-три лица, никој во партијата не знаеше дека на закажаната прес-конференцијата тој ќе ја обелодени аферата 'Големото уво'. И тој шок во јавноста постигна голем ефект бидејќи ја затекна власта неподготвена“, велат извори во СДСМ, стравувајќи дека на овој начин Заев и дава многу време на власта добро да ја организира и подготви својата одбрана.

Како индикација за тоа го сметаат и последното соопштение на владејачката партија. До пред неколку дена власта ја игнорираше „бомбата“ на Заев и неговото прашање: „Во која држава го има тоа, лидер на најсилната опозициска партија толку силно да ја фрли ракавицата, а премиерот да молчи. Груевски никаде го нема. Тој знае дека му е валкано владеењето“. Но, сега приказната се смени. Ракавица фрли и ВМРО-ДПМНЕ и го повика Заев да објави се што има.
„Бевме прозивани ако сме биле чесни да побараме од нив да го објават тоа што го имаат. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за сите можни сценарија, свесни за сопствените вредности и принципи, и водени од интересите на државата и на нашите граѓани. ВМРО-ДПМНЕ никогаш досега, а ниту во иднина, нема да подлегнува на притисоци и уцени, и вакви сценарија, без разлика од кого доаѓаат. Со уцени и притисоци, додаваат, и со непринципиелен и неодговорен пристап, не се постигнува ништо и ние ќе го докажеме тоа“, соопштија од партијата.
Во одговорот, социјалдемократите констатираа дека е очигледна нервозата кај ВМРО-ДПМНЕ: „Се распаѓа системот на контрола, на таење информации и лажирање на вистината на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината за начинот на владеење на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Сите аргументи и докази СДСМ ќе ги објави согласно со стратегијата на партијата“.

Епилог и ефекти

Ако тој ден навистина не е далеку, останува да се прогнозира каков ефект ќе има бомбата. Фактот дека подолго време е најавувана, во старт ја претвора во „бомба со одложено дејство“. Но, нејзиниот ефект во јавноста ќе зависи од повеќе фактори, вели Арсовски.„Дали ќе има посилен јавен ефект зависи од 'квалитетот' на самата афера: дали таа претставува ситен или сериозен престап и колку е реално поткрепена со докази. Не е исто, на пример, дали некој министер потпишувал сметки во кафеана или договарал федерализација. Важно е и со какви докази ќе се истапи во јавноста. Документите, во принцип, се најмалку ефектни, потоа аудио снимките, а најефектни би биле евентуални видео снимки или признание од учесници. Втор фактор е колку аферата ќе добие институционална завршница, што е импликација за демократскиот капацитет на општеството: дали јавноста има развиено чувство за отчетност, па политичарите мора веднаш да понесат одговорност, или се работи за релативно анестетизирана јавност, која не е подготвена да ги 'казни' престапниците. Aферата ќе има посилно влијание aко институциите имаат капацитет да ја процесуираат без пардон, а лесно може да се 'пикне под килим' ако тој капацитет недостига. Трет фактор е квалитетот со кој аферата е презентирана, нејзината дополнителна пи-ар вредност и дали медиумите имаат храброст да ја 'тераат' до крај. Во развиените демократии, нема потреба да се калкулира со објавување на вакви афери: едноставно ја оставаaт анонимно пред редакција на било кој медиум, и потоа ja презема плурализмот и правото на јавноста да знае“, објаснува Арсовски.

Mazedonien Premierminister Nikola Gruevski & Zoran Zaev SDSM
Се множат шпекулации за тајни средби на Груевски и ЗаевФотографија: MIA

Но, прашање е дали „квалитетот“ и состојбите во македонската медиумска сфера, може да гарантираат таков епилог? Уште поважно прашање е, дали и власта има некаков скриен адут, со оглед дека до денес Заев не доби одговор дали за време на изборната кампања бил следен и прислушкуван - и зошто, што може да значи дека на неговата бомба, власта ќе одговори со друга.

Според Арсовски, во комуниколошка смисла, крајниот ефект од јавно пласираните пораки, тврдења и афери најмногу зависи од когнитивната предиспозиција на публиката, бидејќи постојните убедувања се секогаш посилен стимул за рационализација отколку кое било надворешно влијание. Со други зборови, откако аферата ќе „пукне”, оние кои го поддржуваат Груевски ќе ја игнорираат и ќе ја опонираат, а оние кои ја поддржуваат опозицијата ќе ја поткрепуваат и ќе и веруваат. Крајните ефекти во најголема мера ќе зависат од вкупната дистрибуција на политичка доверба во земјата.