1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бомба“: случајот Сопот и корупција меѓу новинарите

БГ/новатв/24вести23 април 2015

Локалниот огранок на СДСМ во Велес денеска презентираше нови разговори за кои тврдат дека откриваат политички влијанија врз судството и корупција меѓу новинарите.

https://p.dw.com/p/1FDaE
Фотографија: Petr Stojanovski

Опозициската СДСМ денеска од Велес објави нова „бомба“ во која презентираа наводни разговори на државни функционери и на новинари. Претседателот на локалниот огранок на СДСМ во Велес, Панче Иванов рече дека се работи за „скандали“ кои говорат за наводна вмешаност на власта во „случајот Сопот“, како и за наводна корупција меѓу новинари и наводен обид за прикривање на апсењето на синот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Во наводниот разговор меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и шефот на УБК, Сашо Мијалков се прави договор како да се постапи со осудените во „случајот Сопот“, за кои и двајцата соговорници признаваат дека се невини луѓе, но нивната судбина се користи за преговори со коалицискиот партнер ДУИ.

„Значи немаше предмет таму. Нешто пишуваше, они се бунеа, демек човекот го снемало тој што бил како сведок за ’Сопот’ и после одеднаш човекот сам признава дека било...“, му вели наводно Јанкулоска на Мијалков на што тој одговара: „Значи они имаат окапано, имаат одлежено и сега ако се повлечат обвиненијата што? Они одлежале и вака и така.“

Понатаму во истиот разговор, станува збор и за доказите во случајот.

„А тоа дека немало многу докази, немало“, вели наводно Мијалков. „Не, не. Ја ти викам, немаше ни документи, ни ништо, ни во книгата...“, одговара Јанкулоска, по што двајцата соговорници се согласуваат дека евентуалната ослободителна пресуда за обвинетите „не би била добра за судството“.

Од СДСМ на прес-конференцијата објавија и наводен разговор меѓу новинарите на Сител, Драган Павловиќ-Латас и Ивона Талеска, од кој произлегува дека Талеска на сметката на својата фирма Визарис наводно добила повеќе од еден милион евра. Се работи за истата афера која на почетокот на 2014 година ја отвори портпаролот на СДСМ, Шилегов, кој тврдеше дека фирмата Визарис добила бизнис вреден повеќе од еден милион евра од Министерството за здравство. Според тврдењето на Иванов, ваквите сомнежи се потврдени со содржината на снимките кои беа презентирани на прес-конференцијата.

„И третото решение што мислев да му го понудам, не мислев да му го понудам него јас рачунам колку пари иам на сметка, 2013-та без екстра приходи само од плата можам да ја преживеам, во 2013-та на крај милион и 300 ќе легнат на моја сметка на Визарис, а таму сум јас сама“, му вели наводно Талевска на Павловиќ- Латас во разговорот кој го емитуваше СДСМ.