1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Болт се врати и ја комплетира колекцијата златни медали

СН/ат/сид/миа/дпа3 август 2014

Јусеин Болт се врати. По повеќемесечни проблеми со повредите, спринтерската суперѕвезда го освои златниот медал на Игрите на Комонвелтот со јамајканската штафета. Ова беше прва негова трка годинава.

https://p.dw.com/p/1Co9G
Фотографија: Reuters

Јусеин Болт се врати на атлетската патека по едногодишна пауза и веднаш постигна рекорд. Тој беше дел од штафетата на Јамајка која трката 4х100 метри ја заврши со нов рекорд на Игрите на Комонвелтот што се одржуваат во Глазгов.

Болт, Џејсон Ливермор, Кемар Бејли-Кол и Никел Ешмид на трката на стадионот Хемден парк постигнаа време 37,58 секунди. Клучната предност во однос на конкурентите Јамајчаните ја остварија кога на патеката беше Болт.

Второто место и сребрениот медал им припадна на Англичаните. Тие зад победниците доцнеа 44 стотинки. Штафетата на Тринидад и Тобаго трката ја заврши на третата позиција. До бронзениот медал атлетичарите на оваа земја стигнаа со време 38,10 секунди.

Ова беше прво натпреварување на кое по долгата пауза поради повреди учествуваше најбрзиот човек во светот. Тој извлече сѐ од себе и ја освои својот прв воопшто златен медал на Игрите на Комонвелтот. „Ова ја комплетира мојата колекција. Овој златен медал досега не сум го освоил“, порача светскиот првак, олимпискиот шампион и светскиот рекордер на 100 и 200 метри.