1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Благодариме за музиката, Удо Јиргенс

Јан Брук / Е. М. Фиданоска22 декември 2014

Удо Јиргенс беше голем шлагер-виртуоз на клавир. Хитовите како „Но, молам со шлаг“, „Грчко вино“ и „Мерси шери“ се класика. Срцето на пејачот и композитор престана да чука ненадејно.

https://p.dw.com/p/1E8R4
Фотографија: picture-alliance/dpa

Неговиот последен албум се вика „Среде живот“. Се разбира, а како поинаку? Удо Јиргенс, најсимпатичното „момче по професија“ на германската бина. Секогаш полн со живот и дух, секогаш целосно посветен на моментот, забавувач од дното на душата. И тоа со своите 80 години. Кога сакаше да укаже на нешто, кога нешто не му одговараше, тогаш тоа го кажуваше со песна. „Грчко вино“ од 1975 година е таква песна. Она што за многумина е само општо познат хит кој се пее додека виното се лее во големи количества, за Јиргенс беше општествена критика. Тој со тоа го криткуваше тешкиот живот на грчките гастарбајтери во Германија во 1970-тите.

Удо Јиргенс во својата повеќе од 6 децении долга кариера компонираше над 1000 песни, од кои многу станаа големи хитови кои и сега се слушаат на секоја добра шлагер-забава. Забавувачот има продадено повеќе од 100 милиони плочи ширум светот. Тоа го вбројува во најуспешните соло-уметници во светот. Удо Јиргенс почина ненадејно, на 80-годишна возраст. Тој колабирал при прошетка во Швајцарија вчера попладне (21.12), соопшти неговата менаџерска куќа. Обидите за реанимација биле неуспешни.

Приватни концерти во родителскиот замок

Удо Јиргенс е роден како Удо Јирген Бокелман во Клагенфурт, Австрија. На петгодишна возраст на подарок ја добива првата усна хармоника, на 15-годишна возраст веќе ги пишува своите први песни. Во родителскиот замок Отманах на тинејџерска возраст одржува приватни концерти за соседите и семејните пријатели. Потоа студира клавир, пеење и композиција на строгиот конзерваториум во Клагенфурт.

Bildergalerie 80 Jahre Udo Jürgens
Удо Јиргенс победи на изборот на песна на Евровизија во 1966 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

За малку можело воопшто да не дојде до големата музичка кариера - во за него омразената Хитлерова младина младиот Удо Јиргенс добил толку силна шлаканица, што му бил повреден слухот.

Пробив

Младиот композитор врз себе го привлекува вниманието со песната „Je t'aime“ во 1950. година, со која победува на натпревар за компонирање во Австрија. Во тоа време тој учествува на голем број натпревари за компонирање во цела Европа. Неговиот прв голем хит е песната „Џени“ со која стигнува на првото место на белгиската топ листа. Сепак, вистинска ѕвезда и омилен кај жените Удо Јиргенс станува со изборот на песна за Евровизија. Јиргенс победува во 1966 година со „Мерси шери“, песна која до денес се вбројува во неговите најголеми хитови. Уште тогаш неговиот стил станува препознатлив - мелодии со апсолутен потенцијал да „влезат во уво“, комбинирани со добри и вицкасти текстови.

Bildergalerie 80 Jahre Udo Jürgens
Фотографија: picture-alliance/dpa

По победата на Евровизија, за Удо Јиргенс има само еден правец - нагоре! Голем број турнеи, кои го водат дури до Јапонија, постојано на хит-листите во 1970-тите. Од жените не може да се спаси. По концертите и на хотелските барови тие го демнат од секој агол. „Верноста не е прашање на карактерот, туку на приликата“, изјави тој еднаш. И го компонираше хитот „17 години, руса коса“, за кој како што подоцна раскажуваше инспирација му била случајна средба со прекрасна млада девојка од Минхен. Удо Јиргенс се женеше двапати и има четири деца од три различни жени.

Стаклен клавир, бела бањарка - Јиргенс беше култ

Турнејата „Удо 70“, низ Германија, Австрија, Швајцарија и поранешните членки на Итсочниот блок, ги урива европските рекорди. Меѓу 1969 и 1970 година Удо Јиргенс одржа 222 концерти пред половина милион луѓе. На турнеи оди неуморно и во годините потоа. Тој самиот се гледа себеси како изведувач во живо и го сака контактот со фановите. „Можам да живеам без аплауз, но не и ако сум на бината“, вели тој. Неговата публика му ја возраќа таа љубов. Во изминатите децении во Германија, Австрија и Швајцарија речиси нема друг кој е толку омилен како Удо Јиргенс. Стаклениот клавир и белата бањарка со која излегуваше на бината на крајот на секој концерт станаа обележје на култот Удо Јиргенс.

Bildergalerie 80 Jahre Udo Jürgens
Стаклениот клавир беше негово облежјеФотографија: picture-alliance/dpa

На својот 66. роденден со цело задоволство го пее својот пензионерски хит „Со 66 години“, во кој се вели: „Животот почнува на 66 години. Со 66 години уживаш во животот.“ За Удо Јиргенс тоа не се празни зборови. На почетокот на 2006 година ја почнува својата 20. турнеја по Германија „Сега или никогаш“. Со тоа бројот на луѓето кои го гледале во живо на концерти се зголеми на над 5 милиони.

Bildergalerie 80 Jahre Udo Jürgens
Секој концерт го завршуваше во бела бањаркаФотографија: picture-alliance/dpa

Токму така, „Среде животот“, како што се вика и неговиот последен албум, со кој Удо Јиргенс замина на турнеја и оваа 2014. година. „Тоа што можев да го направам албумот на оваа возраст ме исполнува со неверојатна надеж“, изјави речиси 80-годишниот Јиргенс на промоцијата на албумот.

Неверојатна надеж тој им даваше и на своите обожаватели. Колку го сакаа веројатно најдобро покажува еден момент од изминатата пролет. На еден бал во операта во Дрезден, 13.000 гледачи го изненадија пејачот и композиторот пеејќи: „Мерси Удо“. Тоа сега го чувствуваат милиони луѓе. Благодариме Удо, Мерси шери и Thank you for the music.