1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнисот е загрижен за пари, не дали ќе има раст

Костадин Делимитов28 мај 2015

Има ли доволно пари во буџетот, колку државата е финансиски стабилна? Притисокот и неизвесноста околу политичката криза ја мобилизира бизнис заедницата која бара цврсти гаранции за стабилноста на финансискиот систем.

https://p.dw.com/p/1FWS9
Фотографија: Aamon - Fotolia

Загриженоста кај бизнисмените е голема а клучната дилема во моментов не е дали ќе оствариме раст и колкав тој ќе биде туку дали и колку државата е ликвидна на дневна основа:

„Целава приказна има психолошка димензија, никој не кажува колку и како ќе трае. Дали до септември, до крајот на годинава, или подолго. Ситуацијата не е иста како во 2001 година, но некако не убива неизвесноста, затоа сме загрижени. Во моментов воопшто не ни е важно, или ајде, помалку е важно дали ќе се остварат проекциите за економскиот раст! Тоа е последно, клучна дилема за која бараме одговори и гаранции од надлежните е одржливоста на буџетот, стабилноста на изворот на финансиии. За таргетите ќе зборуваме подоцна, ако немаме стабилна дневна функционалност на финансискиот систем, тогаш сме пред сериозен проблем. Многу е важно да има континуитет во односите со меѓународните финансиски институции, не дај боже тие да не „повлечат рачна“! Бидејќи знаете на вакво непотхрането стопанство во овие моменти му е потребна финансиска поткрепа и стабилност. Ако таа стане проблематична, тогаш лошо ни се пишува“, коментира за Дојче веле еден од поистакнатите претставници на бизнис заедницата во Македонија.

Мобилизација на бизнисот

Загриженоста и недоволната транспарентност очигледно дека се клучниот мотив кај бизнис заедницата која се мобилизира. Стопанските комори најавија дека ќе и достават на Владата план со предлог решенија за излез од најопасните сценарија. Деталите засега не се соопштуваат:

„Иницијативата е за поздравување и е логична во вакви моменти. Ние како бизнис заедница можеме да реагираме, да предлагаме планови, но никако не сме повикани да носиме решенија. Бизнисот не треба и не смее да биде дел од дневната политика. Добро е што дојде ова за да се испровоцира реакција, но без статистика и проекции и детали од министерството за финансии не можеме да направиме ништо. Треба да изразиме загрижувачки став, за да можеме да добиеме информации. Клучно е да не се дозволи да влеземе во лош филм. Доаѓа лето кога активноста по традиција забавува, ако нема изгледност и за периодот потоа тогаш ќе биде лошо. Затоа очекуваме брз да има проекција, констатација, стратегија. Клучниот момент е политиката да покаже сенс и да ја остави економијата да функционира, да ја ослободи оти видовме и слушнавме периодово колку во одредени сегменти таа е поклопена од државата“, коментира нашиот соговорник.

Die Freie Wirtschaftliche Zone in der Gegend von Tetovo, Mazedonien
Слободната економска зона во Тетово (фото:архива)Фотографија: DW

Црвеното светло го вклучија информациите кои упатуваа на зголемување на каматите на кредитите. За ова прв проговори гувернерот Димитар Богов кој подоцна се корегираше дека ваквиот негов став бил хипотетички, во случај кризата да потрае, а не реакција на она што е актуелно на терен: „Економските индикатори се уште не покажуваат негативен ефект на политичката криза во стопанството, но за неколку месеци ќе се знае колкави се штетите и што треба да се преземе“, вели гувернерот, според кого ако политичката нестабилност продолжи или ескалира ќе биде загрозен економскиот раст кој годинава е проектиран на 4.1%. Засега според Богов нема информации дека политиката негативно влијае на економијата, иако има најави дека некои странски инвеститори се двоумат да вложат во земјава, а домашните бизнисмени претпазливо ги планираат финансиите.

Да се избегне банкрот

Ваквиот корегиран, или смирувачки став на гувернерот сепак не ја намалува загриженоста кај бизнисмените. Симптоматичен е молкот на се чини најповиканиот во моментов, министерот за финансии Ставрески кој од ескалацијата на кризата буквално го снема во јавноста: „Загрижувачки е што чуварот на народната каса го нема. Па тој треба да излезе и да каже дека се е во ред. Да испрати смирувачки тонови. Но дали има простор за такво нешто, се сомневам. Не сум песимист но последното што го слушнав оттаму беа податоците дека приходите по основ на ДДВ не се според очекувањата што не е добар сигнал. А тоа беше пред повеќе од еден месец. Сега, кој знае какви се податоците“, коментира нашиот соговорник.

Бизнис заедницата здружено упати барање заедно со политичарите да направат сè што може за да се избегне можен банкрот. Од трите стопански комори предупредија дека продолжувањето на политичката криза ќе ги намали изгледите за превенирање на опасноста за банкрот на државата: „Опозицијата и власта не смеат да си дозволат ривалитет и натаму заборавајќи дека ја сечат гранката врз која седат, бидејќи последиците ќе ги почувствуваме сите, а тие тоа ќе го видат кога државната каса ќе стане празна, а веќе се согледуваат знаци кои иницираат на тоа“, изјави претседателот на стопанската комора на Северозападна Македонија Мендерес Кучи.

Стопанствениците алармираа дека негативното влијание од политичката состојба веќе е видливо преку откажување инвестиции од надвор и откажани аранжмани. Во текот на неделава според најавите бизнис заедницата ќе го достави планот до Владата.