1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Беслан десет години по заложничката трагедија

М. Рејер/Б. Георгиевски2 септември 2014

Драмата со киднапирањето во основното училиште во Беслан во септември 2004 година го шокираше светот. Жртвите и натаму водат спор со руската држава и бараат расветлување на случајот,

https://p.dw.com/p/1D5GL
Фотографија: DW/W. Bodrow

На први септември 2004 година една терористичка група нападна основно училиште во Беслан, град во северен Кавказ недалеку од Чеченија, и затвори околу илјада луѓе во спортска сала. Меѓу нив беа и Регина Кусајева и нејзината ќерка Исета.

На први септември училиштето беше преполно со луѓе, бидејќи на тој ден во цела Русија започнува школската година. Тоа е голем ден, не само за првачињата. На тој ден и‘ е роденден на Исета Кусајева. Наполни точно девет години на денот кога маскираните напаѓачи ги зедоа како заложници неа, нејзината мајка, како и стотици други ученици со нивните родители. На Исета и‘ надоаѓаат солзи на очите кога повторно влегува во спортската сала.

„Сѐ уште е присутен голем страв“, раскажува мајката Регина. „Станавме премногу внимателни. Каде и да сме, внимателно ги набљудуваме луѓето. Кога некој со голема торба ќе влезе во автобус, јас бегам надвор“.

Rußland Beslan Schule Opfer
Регина и Исета КусајеваФотографија: DW/W. Bodrow

Нема преговори со терористи

Терористите од руската држава бараа независност за Чеченија и повлекување на сите руски воени сили. Но, со Москва немаше преговори на таа тема. Третиот ден, руските специјални сили го нападнаа училиштето. Повеќе од 330 заложници го загубија животот, а над 700 беа тешко повредени. До денес е нејасно како дојде до толкаво крвопролевање и кој точно ги убил заложниците.

Ела Кесејева, чија ќерка била меѓу повредените, е убедена дека специјалните сили со тенкови и минофрлачи „удирале каде стигнале“. Затоа толку заложници ги загубиле животите. Безбедносните служби тоа го негираат. Заедно со другите родители, Ела ја основаше групата „Гласот на Беслан“. Повеќе пати поднесувала тужби против државните служби. Таа смета дека е неопходно да се обнови истрагата, бидејќи постојат индиции дека и службите имаат одговорност за трагедијата која се случи.

Прашање на одговорноста

Постојат и фотографии на кои се гледаат распоредени минофрлачи околу училиштето. Безбедносните служби до денес негираат дека користеле такво вооружување. И телата на убиените се тргнати од местото пред да бидат прегледани од експерти, а тоа е кршење на рускиот кривичен закон. „Државниот врв кој го стори тоа злосторство, тие државни службеници, сѐ уште се на власт“, вели Ела Кесајева. „Тие и натаму прават злосторства. Тоа се опасни и непресметливи луѓе. Тие кои пукаат врз живи заложници не се при здрав разум“.

Beslan Schule Belagerung 2004
Руски трупи пред училиштето во БесланФотографија: KAZBEK BASAYEV/AFP/Getty Images

И Алан Ардихајев верува дека многумина не морале да страдаат, како што настрада неговата сопруга Ирина. Таа ги испраќала ќерките на училиште. За големо чудо, двете девојчиња преживеале. „Се наоѓаш во ситуација да не можеш да им помогнеш на своите деца затоа што не си крај нив... А потоа уште десет години нема вистина и нема вистинска истрага. Тоа многу боли“.

Ардихајев се сомнева во официјалната верзија, врз основа на која најголемиот дел од заложниците настрадале од рачно изработените бомби на терористите. Што точно се случувало во Беслан? Во Русија жртвите сѐ уште не добиле одговор на тоа прашање. Затоа поднесоа тужба против државниот врв пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Процесот започнува на 14 октомври.