1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берза за работа во Брисел - ЕУ се договара за врвните функции

Бернд Ригерт / Елизабета М. Фиданоска30 август 2014

Шеф на дипломатијата, претседател на Советот на ЕУ и еврокомесари - сето тоа е на понуда на берзата за работа во Брисел. На вонредниот самит, меѓутоа, повторно на маса се и Русија и новите санкции.

https://p.dw.com/p/1D3dy
Фотографија: picture-alliance/dpa

На вториот вонреден самит околу персонални прашања европските шефови на држави или влади сакаа да се занимаваат главно со себе. Но од тоа нема ништо. Рускиот претседател Владимир Путин со своите постапки во источна Украина ја измеша целата режија на планираниот самит. ЕУ ќе се занимава и со нови санкции против Русија, најавија канцеларката Ангела Меркел и нејзиниот британски колега Дејвид Камерон. Дипломати во Брисел велат дека најбрзо би се почувствувало дејството на санкции против руските банки кои се активни во Лондон, Франкфурт или на Кипар. Преговорите за конкретни санкции би можеле да го продолжат траењето на самитот за неколку часа, зашто секоја од земјите членки ќе ги проценува последиците по сопственото стопанство. Ќе треба да се предвидат и руските противмерки кои би биле преземени.

Фаворити за врвните функции

Последните денови претседателот на Советот на ЕУ на заминување, Херман Ван Ромпој, во телефонски разговори со шефовите на влади се обидуваше да состави персонален пакет за вонредниот сакит. Официјално за тоа нема изјави, но според наводи на дипломати, се наѕира дека италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини би била нов Висок претставник за надворешна и безбедносна политика, значи еден вид министерка за надворешни работи на ЕУ. Со оглед на кризите, од Ирак преку Сирија до Украина, одлука би морало да се донесе сега, оценува политикологот Јанис Емануилидис од Центарот за европска политика во Брисел.

federica mogherini italien außenministerin rom
Федерика МогериниФотографија: picture-alliance/dpa

Дали Федерика Могерини е вистински избор за оваа функција е прашање околу кое во ЕУ долго се спореше. Источноевропските земји членки ги критикуваат нејзините „пријателски изјави“ кон Русија. Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Елмар Брок, смета дека Могерини, која на функција е одвај половина година, е неискусна. Премиерите социјалисти пак и‘ даваат поддршка на италијанската социјалистка Могерини. Експертот за ЕУ, Јанис Емануилидис, претпоставува дека на многу земји членки, кои во изминатите години си водеа своја надворешна политика, независно од шеф дипломатот на ЕУ, им одговара кога Високиот претставник за надворешна политика не е пресилен.

Изненадувања не се исклучени

Доколку Могерини стане шеф-дипломат, тогаш функцијата претседател на Советот на ЕУ ќе ја добие некој Источноевропеец. Полскиот премиер Доналд Туск долго се мислеше дали да се нафати за таа функција. Неговата портпаролка во Варшава сега вели дека можеби Туск ќе биде убеден и ќе се кандидира. Јанис Емануилидис е на мислење дека ваков персонален пакет е можен. „На крајот ќе има комплексен компромис. Како да се избалансира? Може да се претпостави дека ако Федерика Могерини навистина стане Висок претставник за надворешна политика, претседателот на Советот на ЕУ ќе биде човек од централна или источна Европа.“ Но не може да се исклучи и некое друго решение, додава тој. Групната динамика за време на самитот може да доведе до тоа некој друг шеф на држава или влада да стане и да рече: „Јас се нафаќам.“ Наводно, решението Полска да го добие местото на претседателот на Советот на ЕУ има поддршка од Британците. Туск би можел да биде противтежа на новиот претседател на ЕК, Жан-Клод Јункер, кој беше поставен на функцијата и покрај противењето на Велика Британија и Унгарија.

Donald Tusk
Доналд ТускФотографија: picture-alliance/dpa

Никој не го сака ресорот риболов

Дел од персоналниот пакет се и други функции во Европската комисија кои треба да се пополнат. „Риболовот и заштита од катастрофи не ги сака никој, сите сакаат економски ресор“, вели дипломат на ЕУ, осврнувајќи се на листата на желби кои земјите членки му ја доставија на Јункер. Дојче веле има увид во таа листа. Германскиот еврокомесар Етингер, кој е надлежен за енергија, го сака ресорот трговија, на кој „мерак“ има фрлено и британскиот кандидат Џонатан Хил. Франција сака да го види социјалистот Пјер Москиси на функцијата еврокомесар за монетарна политика. Тоа Германија го отфрла, поради тоа што стравува од омекнување на курсот на штедење.

Jean-Claude Juncker im Europaparlament 15.07.2014
Европскиот парламент треба да даде зелено светло за тимот на ЈункерФотографија: Reuters

Сложувалката со функциите во ЕК е дополнително отежната поради тоа што земјите членки имаат номинирано премалку жени за врвните позиции. Јункер сакаше најмалку една третина од ЕК, која брои 28 комесари, да бидат жени. Тој на земјите членки им се закани дека четирите жени кои досега се официјално кандидирани ќе ги добијат најважните ресори - значи економија, трговија, внатрешен пазар, внатрешна политика, и дека досега класичните ресори за дами, како риболов, заштита од катастрофи и култура, ќе им останат на Московиси, Етингер, Хил и другите господа од големите членки на ЕУ.

На крајот составот на ЕК нема да пропадне поради квотата за жени, оценува Емануилидис. Сепак, целата екипа на Јункер треба да добие зелено светло и од Европскиот парламент, а таму сигурно ќе има една-две жртви. Парламентот нема толку лесно да каже „да“, затоа што сака да покаже дека и тој има влијание. Новата Европска комисија треба да почне со работа на први ноември годинава.