1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безнадежна борба на рускиот монетарен фронт

Андреј Гурков Превод: СН17 декември 2014

Одговорот на руската Централна банка на паничната распродажба на рубљата беше решителен. Меѓутоа, без драстични промени на политиката на Кремљ каматната стапка од 17 проценти нема многу да помогне, смета Андреј Гурков.

https://p.dw.com/p/1E6DA
Фотографија: picture-alliance/dpa/Karl-Josef Hildenbrand

Елвира Набиулина е професионална и храбра. Шефицата на руската Централна банка тоа јасно го покажа кога во понеделникот вечерта драстично ја подигна основната каматна стапка од 10,5 на 17 проценти. Тоа беше благовремена и решителна реакција на паниката која во понеделникот го зафати рускиот девизен пазар. На него повеќемесечниот пад на рубљата премина во стадиум на неконтролирана распродажба.

Длабока рецесија е сега неизбежна

Вонредното зголемување на цените на кредитите би требало да ја сосече паниката во корен, која брзо би можела да доведе до пад на целиот руски финансиски систем. Исто така би требало да ја ублажи растечката инфлација. Идејата е да се охрабрат Русите парите да ги чуваат во банка, наместо да ги трошат рубљите на купување, само за да ја спасат својата заштеда од понатамошно губење на вредноста.

Истовремено, построгата финансиска политика дополнително ќе ја запре економската активност кој во изминатата година опаѓа. Кредитите стануваат неиздржливо скапи. Но, доколку инвестициските средства не се на располагање, секоја инвестициска активност може да се заборави, а со самото тоа и подобрување на домашната економија.

Исчезна и големата потрошувачка од граѓаните во изминатите години. Особено се засегнати оние кои имаат долгови, бидејќи ним им се потребни секогаш нови кредити за да ги исплатат старите. Длабока рецесија со се’ поголемо отсуство на кредити, инсолвентност на фирми и банки, растечка невработеност и намалување на платите- се неизбежни за Русија во 2015. година.

DW Russische Redaktion Hörfunk Andrey Gurkov
Андреј Гурков, автор на коментаротФотографија: DW/A. Galkina

Високата државна службеничка алармира

Доколку Елвира Набиулина е подготвена на сето тоа, тогаш сериозно го сфаќа проблемот со рубљата и инфлацијата за чие решение се неизбежни големи и болни жртви за да се стабилизира финансискиот темел на државата. Шефицата на Централната банка е прва високопозиционирана функционерка на Русија кој тоа јавно го најавува. Каматната стапка од 17 насто е нејзин апел, нејзин повик и барање брзо да се реагира.

Набиулина со тоа даде свој специфичен придонес во надминување на кризата и тоа е нејзина голема заслуга: таа бара економски пазарни методи за решавање на проблемот. Сега на потег се други- претседателот, владата и пратениците во парламентот. Од нив се бара радикално менување на насоката на досегашниот политички и економски курс, бидејќи тој курс за само неколку месеци до тој степен ги заостри хроничните проблеми во таа голема земја, што целиот нејзин финансиски систем е разнишан.

Финансиските пазари се подготвени да и’ веруваат на Набиулина. Тоа го покажува јасното стабилизирање на рубљата од утрото на 16. декември. Меѓутоа, претставниците на пазарите не веруваат дека руската политичка елита и претседателот Владимир Путин се способни за радикални промени на надворешната, внатрешната и економската политика. Тие не веруваат дека Кремљ е подготвен да ја запре воената авантура на истокот на Украина, што е неопходен услов за ублажување на западните економски санкции. Исто така не веруваат оти Москва сериозно ќе се заложи за подобрување на климата за инвестиции, за да се привлечат странски инвеститори или дека ќе се бори против корупцијата и ќе ја модернизира економијата, толку фатално зависна од светската цена на нафтата.

Порано или подоцна Русија ќе мора да започне со радикални реформи. Но, со секојдневно одложување, цената ќе продолжи да расте.